Стравот е вродена реакција на организмот на закана и како таков има важна улога во приспособувањето на организмот на средината.

Само два вида страв се вродени – страв од изненадувачки силни звуци и страв од губење на земјата под нозе. Децата што чувствуваат страв реагираат на сличен начин како и возрасните – општо закочување на организмот, повлекување и неспротивставување на изворот на страв.

Многу е важно да се направи разлика помеѓу развојните и невротичните стравови. Развојните стравови се природен придружник на развојот на секое дете, а се јавуваат кога детето ќе се почувствува загрозено и спонтано поминуваат со преоѓањето во следната развојна фаза. Досегашните искуства во работата со деца одат во прилог на фактот дека за надминување на развојните стравови многу е важна хармоничната и соодветна семејна атмосфера. Најголемиот број стравови се јавуваат нормално во раните фази на животот и полека исчезнуваат со созревањето и стекнувањето на реалните искуства што ја поправаат имагинацијата и нереалната процена на стварноста.

Првиот страв кај децата се јавува во периодот помеѓу шестиот и осмиот месец и тоа е страв од сепарација (одвојување) од мајката и страв од непознати лица. Таквиот страв кулминира во периодот помеѓу првата и втората година. Во тој период многу е значајно мајката секогаш кога ја напушта просторијата, тоа јасно да му го нагласи на детето, но исто така да нагласи дека ќе се врати.

Околу втората година кај децата се јавуваат стравови од животни, односно некои нивни дејствија (јадење, бодење и сл.).

Во периодот на третата и четвртата година, кога кај децата интензивно се развиваат имагинацијата и фантазијата, чести се стравовите од крадци, замислени суштества – вештерки, вампири, џинови… На таа возраст, како што децата увидуваат дека ќе заспијат, односно ќе останат без контрола, почнуваат да развиваат страв од мрак и често од родителите бараат да спијат со запалено светло.

Со поаѓањето на училиште се јавуваат стравови од училиште, неуспех, како и други општествени стравови. Училишните фобии што се јавуваат во овој период се вбројуваат во невротични стравови и ги има често кај премногу заштитените и емоционално недоволно зрелите деца. Поради новите барања и одговорности, децата стануваат несигурни, имаат проблеми во приспособувањето, а често се јавуваат и телесни реакции во вид на болка во стомакот, главоболки, чувство на премаленост. Тоа се ситуации кога е неопходна помош од експерт, кој во согласност со потребите, капацитетите и особините на детето ќе примени соодветен метод за овој страв да се надмине.
Во овој период децата стануваат свесни за ситуациите што се реално загрозувачки, а најдраматично доживување во тој период е доживувањето на смртта. Тоа е период кога идејата за смртта добива реалистична димензија и детето не може да ја разбере. Важно е со детето отворено да се разговара на оваа тема и да му се дозволи без страв и чувство на непријатност да ги изрази своите чувства.

Во периодот на адолесценцијата доминантни се стравовите од општествената осуда, неуспехот во животот, телесните недостатоци. Покрај бурните физички, интелектуални и емоционални промени во организмот, доаѓа до чувство на несигурност и потреба за прифаќање и поддршка од страна на врсничките групи, кои во овој период се многу значајни бидејќи претставуваат значаен извор на поддршка за адолесцентот. За адолесцентските кризи успешно да се надминат, важно е на адолесцентот да му се даде целосна поддршка и да се уважат неговата индивидуалност и актуелните потреби.

Постојат и стравови што се неоправдани и нереални и немаат повод во некоја конкретна ситуација, или реакцијата на страв е премногу нагласена во однос на ситуацијата. Детето го препознава тој страв, но не наоѓа начин да се ослободи од него. Таквите, фобични стравови немаат функција на адаптација, туку напротив, доведуваат до избегнување на одредени објекти и ситуации и на тој начин се намалува полето на движење и дејствување на детето. За таквите стравови да се надминат, значајно е поддржувачко и безбедно искуство со терапевт, за детето да стекне увид во механизмот на настанување на стравот и улогата што стравот ја има за него.

Многу е важен и начинот на кој родителите и целото семејство се вклучени во процесот на надминување на стравовите. Родителите најчесто сметаат дека на децата ќе им помогнат ако ги разубедат дека стравовите им се нереални. Меѓутоа, она што на децата им треба е родителите да ги сослушаат, поддржат и да го прифатат тоа што го слушаат, без осудување, негирање, разубедување.

Доколку децата не добијат соодветна поддршка, некои од стравовите можат да придонесат за појава на различни анксиозни состојби. На децата треба да им се каже дека е во ред да имаат такви чувства, дека ги имаат и други луѓе и да им се дозволи да зборуваат за тоа.

Автор: Јелена Стефановиќ Јовановиќ, психолог, психотерапевт



912

X