Ранко Рајовиќ е специјалист по интерна медицина и магистер по неврофизиологија, како и автор на познатата НТЦ-програма за учење и долгогодишен предавач на Педагошкиот факултет во Копер, а областа со која се занимава е невронаука во образованието. По повод актуелниот случај на сексуална злоупотреба на малолетни ученици од страна на учителот по глума Мирослав Алексиќ, д-р Рајовиќ разговара за тоа зошто децата-жртви често не се во состојба да реагираат и зошто не умеат да ја препознаат опасноста навреме.
Дали молчењето е злато? Зошто децата најчесто немаат соодветен механизам за одбрана?
Една специфична функција на мозокот кај децата и адолесцентите ги прави ранливи особено во комуникација со возрасните. Одамна Достоевски напишал и објаснил дека човек од 19 години дури ни самиот за себе не може да одговара. Тоа значи дека младите лица не се свесни за сите последици од она што им се случува и од своите постапки. Според наводите од многу јавни личности-жртви на злоупотреба, изгледа дека оваа појава е уочена во повеќе установи што се занимаваат со едукација на млади, бидејќи младите се поподложни на манипулации од постарите лица, особено од лажните идоли. Овде конкретно се појави случај кога е искористена ранливоста на дете, неспособност да се одбрани или да реагира на соодветен начин. Важно е, пред сè, да се разбере кој е авторитет за детето. Едно е кога некој со својот авторитет, помагање, па и жртвување станува пример за младите, но сосема друго е од себе да правите идол и да им се претставувате така на младите – тоа е недозволиво бидејќи децата подлегнуваат на влијанија, а тие влијанија може да бидат погубни за нив. Таквиот самонаречен идол, без грижа на совест, без никаква емпатија, се става себеси на високо ниво, очекувајќи восхит и почит. И дополнително се претставува како семоќен и недопирлив, кој е тука да ги штити децата, да им помага и уште на тоа постојано да ги потсетува. Можно е оваа медиумска поддршка за жртвите да покрене уште слични исповеди, бидејќи тоа се длабоки рани кои жртвите ги носат цел живот. Единствен начин жртвата донекаде да си ја ублажи болката – е правдата. Родителите мора да внимаваат кому му ги доверуваат своите деца бидејќи ако некоја личност е експерт, не значи дека е безбедна за нив. Таквата личност што ги користи децата за остварување на своите интереси и побуди може да им остави трауми за цел живот.
Како да им се помогне на децата, како родителите да ги подготват, како да ги препознаат предаторите, дали е потребно да се зборува за тоа?
Треба да сфатат дека детето нема докрај изграден механизам за расудување и донесување одлуки. Тоа е, всушност, физиолошки проблем и гледано биолошки, детето сè уште нема докрај изградени когнитивни функции кои се одвиваат во делот на мозокот кој се нарекува префронтален кортекс. Овој дел на мозокот последен созрева, а во него се одвиваат процеси на планирање, донесување одлуки и процена на ризични ситуации. Во биологијата главно нема грешки и сè си има своја функција, па можеби е чудно зошто тоа созревање се случува толку доцна. Тоа, всушност, ни е еволуциско наследство, бидејќи некогаш било важно развојот на тој дел од мозокот да завршува дури по 20-тата година од животот. Токму поради тоа, таа група на луѓе е ранлива и родителите мора да знаат каде е детето, со кого, дали има некои проблеми, и да биде во контакт со неговите учители, тренери, инструктори и наставници. Важно е родителите да им ја всадат свеста на децата дека не може да бидат виновни поради постапките на возрасните и дека доколку некој направи да се чувствуваат лошо или засрамено, за тоа треба со некого да разговараат – најдобро со родителите, некоја блиска личност како баба, вујко или училиштен психолог или педагог. Родителите ги подготвуваат децата за непријатните и неправедни ситуации, прво преку приказни и бајки, анализа на некоја приказна, некој филм и многу е важно да изградат таков однос за детето да може да им се довери, а не да се плаши од нивната реакција. Родителите мора со такво однесување да им испратат порака на децата дека се тука за нив. Мора да ги научат да се заземат за себе, да не потиснуваат и да не трпат доколку почувствуваат дека нешто не е во ред, да ги научат да веруваат во себе, дозволувајќи им да ги преиспитуваат одлуките и постапките на другите луѓе. Детето тогаш полека ќе стекнува самодоверба, ќе сфаќа дека се прават грешки. Подобро е на детето да му се објасни зошто нешто не може, да му се објасни со трпение и љубов, а потоа да се каже – не може.
Како родителите да препознаат дека детето влегува во опасност?
Доволно ќе биде да се погледне што е улогата на вистинскиот педагог – учител, тренер, наставник… тоа сите го знаеме, а тоа е да биде потпора на детето, да се спреми детето за животот и тука мора да биде присутна комуникација со родителите. Меѓутоа, штом некој ја прекинува комуникацијата со родителите, на некој начин го одвојува од нив. Се претставува себеси како заштитник на децата, го гради на сила својот авторитет и полека станува некој на кого му се верува. Така детето, незаштитено, влегува во ситуација кога потешко му е да се одбрани. Родителите мора да разликуваат вистински авторитети, кои тоа стануваат без дополнително саморекламирање, и да ги разликуваат другите, би рекол лажни авторитети кои се водат по принципите на страв, чувство на вина, потчинување и други методи за контрола и манипулација, кои градат култ на личноста, се приспособуваат на своите потреби, без емпатија, ги користат другите, па дури и деца за свои цели. И тука постои една линија преку која многу од таа група на лажни авторитети нема да преминат, а тоа е злоупотребата, па дури и сексуално искористување на децата. За жал, се случува поединци да ја преминат таа линија.

Зошто детето не е во состојба да реагира? Како функционира мозокот, зошто не се обиде да го одбрани бидејќи и сами наведувате дека мозокот е орган за преживување и дека решава вакви ситуации?
Мозокот илјадници години има ист образец на развој, а служи за да нè подготви за живот. Еден од првите важни процеси во созревањето на нервниот систем се нарекува мијелинизација, кога мозокот ја презема контролата над сите делови на телото. Тој процес оди од главата кон стапалата, а најблиски нерви до мозокот се очите, а потоа главата и вратот, потоа рацете и трупот и на крајот нозете. Кога тој процес завршува, детето почнува да оди. Некои процеси се одвиваат малку побавно, но мозокот постепено се развива и го подготвува детето за живот, детето прозборува, испитува, го истражува светот околу себе, донесува заклучоци, почнува да учи комплексни работи. Региите на мозокот сè повеќе се поврзуваат, детето влегува во пубертет, но сè уште не се развиени когнитивните функции, бидејќи префронталниот дел од кората на големиот мозок не го завршил развојот. Бидејќи нема докрај дефинирано чувство за ризик, детето не ги гледа последиците, па може да мисли дека ќе се извлече од секоја ситуација. Опасните ситуации не му изгледаат толку опасни, па полесно запаѓа во нив. Некогаш успева, но некогаш не успева да се избори. Пред 200 или 300 години, да го замислиме малиот Индијанец кој се подготвува за живот и кога ќе зајакне, кога ќе започне пубертетот и ќе се зајакнат мускулите, тогаш се качува на скали, оди по рабови на бездни, тргнува во лов… кој не го поминал тоа, не бил спремен за живот. Тоа е период кога имаат повеќе храброст во животот, желба за докажување, несвесни дека тој лов може да биде и последен ден од нивниот живот. Така што, тоа намалено чувство за ризик, опасност, процена на ситуацијата некогаш имало важна улога во подготовката за живот. Тука и биолошката потреба била јасна – детето да се снајде, да научи како да преживее. Меѓутоа, ако детето не ја регистрира скриената опасност, обично одбранбената реакција изостанува или е неприспособена и слаба.
Родителите мора да знаат дека тој дел од мозокот, илјадници години наназад, го завршувал развојот во раните 20-ти години, па децата затоа се посклони кон ризични однесувања – за да се спремат за животот. Меѓутоа, децата денес не се борат со лавови и не преминуваат заледени реки, но и понатаму постои фактот дека тој важен дел од мозокот не го завршил својот развој, па одлуките на детето нема да бидат соодветни на појавата на некоја опасност. Затоа улогата на родителите во периодот на адолесценцијата е немерлива, односно најважна. Исто така, и подготовката за неочекувани случки го сместува воспитувањето и влијанието на опкружувањето на високо ниво на приоритети за секој родител.
Имате ли уште некој корисен совет за родителите?
Родителите мора да знаат дека скриените опасности од лажни авторитети постојат, но исто така и скриени опасности за децата од нови технологии, каде што ги демнат настрани луѓе. Родителите мора да го почувствуваат своето дете, да видат кога е отсутно, кога е исплашено, кога се повлекува во себе и да реагираат и да знаат дека децата за некои проблеми не зборуваат, дека ги потиснуваат. И тоа е можеби клучниот проблем во целата приказна, последиците од процената на ситуацијата – детето може нема да каже дека му се случува нешто лошо за да не се посрамоти, да не ги повреди родителите, да не предизвика потсмев и осуда од опкружувањето.
Детето мора да знае дека никој не смее да го уценува, присилува, понижува, дека е секогаш подобро да им каже на родителите или училишниот психолог. Исто така, важно е родителите да знаат дека детето ги гледа и нивните грешки, па нека зборуваат за тие искуства, бидејќи и ним им се случило лошо да проценат луѓе и да погрешат. Родителот мора да го чувствува и слуша своето дете, да размисли како да го зголеми квалитетното време со децата. Со многу љубов, зборување, примери и трпение, може многу да се направи, а со самото тоа и да се понесе детето низ лавиринтите и замките на растењето.