Воспитување

Ранко Рајовиќ: Кога детето сè решава со плачење

Кога со еден збор би морал да ја опишам најчестата грешка што ја прават родителите денес, би рекол – презаштитување. Се разбира, родителите го прават тоа од најголема љубов, но мора да се знае границата помеѓу заштитувањето и презаштитувањето, вели Ранко Рајовиќ, еден од најголемите експерти за ран развој на интелигенцијата кај децата.

– Детето како биолошки организам мора да се развива, да излезе и на дожд, и на ветер, и на сонце, па и да падне, можеби да ги изгребе лактите и колената. Меѓутоа, денес има родители кои не му даваат на детето да падне. Токму тоа е преголемо заштитување и тоа е она што го попречува развојот на детето. Последните истражувања покажуваат дека секоја нова генерација е послаба, а како основни виновници се наведуваат родителите – и тоа токму поради презаштитувањето. Родителот едноставно не ги развива биолошките потенцијали на детето.

Живите суштества што не се движат се билки, тие немаат нервни клетки. Ние сме создадени за движење, имаме најсложен нервен систем. Основна карактеристика на луѓето е исправено одење и движење. Да преведеме, мозокот се развива во движење. Знаеме од физиологија дека мозокот најмногу се развива до 2., 3., 5., 7. и 12. година. Се поставува прашањето што е главна работа на детето. – Да се движи и во тоа движење да падне и да се повреди и да научи да чека кога ќе падне. Сега има чудни ситуации во градинките и во училиштата, децата може да паднат како штица бидејќи нивниот мозок не научил како да се дочека.

Како сликовит пример д-р Рајовиќ го наведува поводникот за деца. Оценува дека е корисен само во ситуации кога сакаме да го контролираме движењето на детето во близина на крстосници и големи метежи, но никако во паркови. „Сигурно сте виделе родители кои ги водат децата на поводник, сличен на оној за кучиња. Ги прашувам родителите зошто им е тоа потребно. Тие објаснуваат дека кога детето оди со тоа, помалку паѓа, не развива страв од паѓање и побрзо почнува да оди. Па, ако детето не падне на 1, 2, 3 години, кога ќе научи? Детето мора да научи да скока и да прескокнува препреки. Природно е тоа да го прави, особено ако може на песок, по лисја, сено, плитка вода… Во тоа скокање и движење на сите мускули, се прават нови нервни врски, синапси и од тоа зависи неговата интелигенција утре. Ако тоа не му го овозможите, тогаш ќе скока по домот, што може да биде опасно. Не е работа на родителот да го спречи детето да скока, туку да внимава да не се повреди“.

Границата помеѓу заштитувањето и презаштитувањето

„Едукацијата на родителите е многу важна. И ден-денес кога ги прашувам родителите колку е важна генетиката, а колку опкружувањето за интелигенцијата, мислењата се поделени. Замислете родители што се многу интелигентни добиле син. Тој син живее 5 години сам во соба каде што со никого не комуницира. Дали тој син ќе биде 50 или 30 отсто како родителите. Нема, тоа дете ќе има застој во развојот. Тука гледаме дека опкружувањето е 100 отсто важно. Тогаш често прашуваме што е со генетиката. И генетиката е 100 отсто важна, но развојот на тој потенцијал зависи од опкружувањето“.

Како еден од водечките проблеми го наведува претераното користење компјутери, односно таблети и мобилни телефони. Јасно е дека сите тие се важни помагала, но ако постојат ограничувања, вели Рајовиќ. Многу родители кога се претерано изморени, загрижени или имаат неодложна работа, му даваат на детето таблет или мобилен телефон. Сè до оној момент додека користењето на помагалото е контролирано, во ред е, меѓутоа, сè спротивно на тоа ќе предизвика голема штета – предупредува Рајовиќ.

Главна работа на детето е да си игра

Честа појава е форсирањето на децата да одат истовремено во музичко училиште, на различни спортови и на учење јазици. Во тој случај останува премалку или воопшто нема време за игра, што не е добро. Не смееме, вели д-р Рајовиќ, да ги тераме децата да одат од активност на активност, или од друга страна, да му се даде компјутер на детето да игра колку што сака. „Компјутерот не е игра, компјутерот е корист и не може да ги замени родителите. Прошетка, парк, природа, шума, одење на село – е нешто што помага во развојот на детето. Работа на родителот е детето да биде што посреќно и пораздвижено. Времето што родителите ќе го поминат со детето нема замена. Кога детето ќе почне да оди, тоа е среќно, но тоа е неизмерна среќа и за родителите, слична ситуација е и кога ќе научи да вози велосипед или некоја друга вештина. Сето тоа го усреќува детето, но истовремено и нас. Тоа е време кое многу брзо поминува. Знам дека од работа сите доаѓаме изморени, детето ни скока по глава, но сфатете дека родителите не можат да бидат заменети со таблет или мобилен“.

Кога детето сè решава со плачење

Непостоење на правила доведува до поместување на границите и разгаленост на децата. А правилата и границите ги поставува родителот, без разлика дали се работи за сликички, коцкички и слично. Да се направи договор на почеток и да се држите до договорот, советува Рајовиќ.

– Сигурно сте доживеале детето да ви бара нешто да му купите. Родителите често попуштаат кога детето нешто бара. И тоа константно се повторува, па така детето учи дека со плач ќе го добие она што го сака. Тоа не смее да се случи. На пример, на едно предавање реков дека џамлиите се добри. А родителите за викендот на своето дете му купиле веднаш 100 џамлии. Доаѓа утредента бабата и купила уште 100. Е тоа повеќе не е игра. Бидејќи утредента детето доаѓа во трговски центар и бара дополнителни џамлии, мајката прво вели дека не може, но по одредено време попушта. Половина час подоцна, детето здогледува други џамлии и повторно бара од мајката, но сега на мајчиното негодување почнува да плаче, вреска. Мајката не може да слуша од срам и повторно попушта. Во таа ситуација, родителот е проблем, а не детето“.

Автор: Елма Бехрам

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top