Воспитување

Не ни сонував дека сопствениот сопруг ќе го нарекувам „тато“… Работи што не би ги дознала да не станев мајка

Кога детето ќе ви се всели во животот, носи со себе цел спектар на нови интересирања, знаења, навики и реченици кои не сте ни сонувале дека некогаш во животот ќе ги сретнете и користите. Ќе почнете да сакате некои цртани филмови, бои, ќе откривате нови места, ќе запознаете нови луѓе, ќе стекнувате нови навики, нов ритам на неспиење, откривате скриени таленти и можности. Пред да ни се всели во животот и да го опседне, не ни помислував дека ќе бидам овде каде што сум сега.

Не ни сонував дека сопствениот сопруг некој ден ќе го нарекувам „тато“. Дека во животот ќе ја изговорам реченицата: „Има и мама мочало, само моето е поинакво“. Дека ќе ја изговорам реченицата: „Не можеш без гаќи надвор. Прво гаќи, па надвор“. Да не станев мајка, викендите навистина би служеле за одмор. Би можела да правам што сакам, кога сакам, без никаква разумна причина или објаснување. Не би дувала секој ден во секој ручек што го поставувам и сервирам, бидејќи е „топол“. Не би знаела колку радост може да предизвика само седењето мирно на софа и слушањето на тишината во домот кога детето ќе заспие. Не би знаела колкав е предизвикот да му се објасни на човекот кој не сака да облече јакна зошто е важно да ја облече во средината на декември.

Не би знаела колку трпелива можам да бидам. И колку изморена можам да бидам. И колку исплашена можам да бидам. Не би знаела колку може да боли туѓата болест и немоќ.

Да ми кажеше некој дека ќе се радувам како мало дете кога ќе видам трактор или багер, немаше да му верувам. Дека ќе ја знам разликата помеѓу багерот, булдожерот и копачот. Дека додека одам по пат за на работа, ќе ја пеам песната „Томас и пријателите“. Дека ќе имам „фристајл“ настап во тоалетот на различни теми. Тој на нокшир, јас на веце-школка. Пееме и зборуваме за животот. Дека ќе научам да играм „Хоки поки“. Дека ќе се прашувам што е толку посебно во сокот од јаболка.

Не би знаела дека не се сите момчиња „спортски типови“. Не би ни помислила дека на 30 години ќе трчам по парк, ќе викам, ќе пеам и ќе се смеам наглас. Не би знаела дека скокањето по кал и вирчиња ќе биде забавно и всушност не знам зошто некои родители прават проблем кога калта лесно се мие. Дека омиленото место на светот ќе ми биде нашиот дом – таков каков што е, несовршен. Дека ќе дознам како изгледаат солзите радосници и тагата истовремено, предизвикани со едно: „Кога ќе дојде, мамо“. Дека ќе почувствувам грижа на совест што го изгубив трпението по два часа трпение. Дека можам толку често да велам „извини“ и „те сакам“ и „горда сум на тебе“. Не би имала на кого да му бидам толку забавна и духовита со своите глупави шеги.

Не би размислувала на теми како што се – зошто некои луѓе се злобни, зошто небото е сино… Не би имала никој кој ќе ми каже искрено дека оној црвен џемпер е без врска. Но, и онака никогаш не ми се допаѓал. Не би имала кому таква повратена, дебела – да му бидам преубава. Да не сум мајка, животот би ми бил исто така зафатен и стресен, само не би имала цело едно битие за да се грижам за него, со него да го впивам светот. Не би се смеела толку. И никогаш не би дознала колку радост може да предизвика погледот на хаосот во домот – хаос од играчки, неговата гардероба, трошките од неговата ужина… хаосот од неговото присуство во нашиот живот.

Мојот живот имаше смисла пред него, ќе има смисла и без него. Децата не се смислата. Тие се нова инспирација, боја, ведрина, која може, а и не мора да ви се случи. Но, кога ќе се случи, погодува толку силно што некогаш се прашувам – како сум живеела поразлично.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top