Мислев дека ќе биде лесно правилно да се воспитува момче. Кога бев бремена на 21 година, ме мачеше помислата да имам ќерка. Не мислев дека сум подготвена да го преземам сето она што доаѓа со воспитувањето девојче во денешното општество – борбите за имиџот на телото, културата на принцеза, културата на силување.
Воспитувањето момче би било полесно, си помислив. Ќе си дојде дома со потечено око, можеби ќе биде одбиено од спортскиот тип, но сигурно би било полесно отколку воспитувањето девојче.
Желбата ми се исполни. Но, со текот на растењето на моето дете сфатив дека воспитувањето дете од кој било пол има свои предизвици. Ми беше потребна една година за да сфатам дека момчињата имаат поинаков вид притисок што им тежи на нивната психа.
Кога имаше 4 години, моето мало момче слушна како возрасните велат: „Момчињата не си играат со розови игрчки“ и „Престани да се однесуваш како мало девојче“.
Следуваа олеснувачките воздишки кога стана опседнат со суперхерои, а фразата „Биди маж!“ ја слушна милион пати.
Девојче кои си игра со момчињата и спортува се фали поради нејзината сила. Но, што е со момчињата кои сакаат да играат со кукли, кои ја сакаат розовата боја и кои чувствуваат потреба да заплачат одвреме-навреме?
Им велиме да бидат цврсти. Каде е разговорот за тоа дека младите момчиња треба да се грижливи и чувствителни? На сите деца треба да им се дозволи да имаат емоции и да ги изразуваат.
Емпатијата, добрината и љубовта не се женски квалитети, тоа се човечки квалитети и се важни. Ако навистина сакаме да разбереме како правилно да ги воспитуваме момчињата, треба да почнеме да ги кажуваме овие работи:
– Постојат многу мислења за тоа што значи да се биде „маж“ – најважен тест за машкоста е однесувањето кон другите, особено кон послабите и помалите.

– Не си само маж, туку и човек – а најважните особини што еден човек може да ги поседува се љубезноста, емпатијата и срце полно со љубов.
– Во многу делови во светот девојчињата немаат исти права како момчињата – ова не е фер, но важно е да се препознае нееднаквоста.
– Можеби не е фер мажите да имаат таква моќ во светот, но тоа е реалноста – и како што вели Спајдермен: „Со големата моќ, доаѓа и големата одговорност“.
– Во ред е да плачеш, да си чувствителен и да чувствуваш – овие работи те прават човек.
– Не постојат „вистински“ начини како момчињата треба да се однесуваат и како девојчињата треба да се однесуваат – сето тоа е создадено од општеството. Без разлика дали си машко или женско, биди добар и почитувај.
– Машкоста не е нешто што треба да се докажува – женственоста не е нешто што треба да се избегнува и исмејува. Иако постојат очигледни биолошки разлики меѓу момчињата и девојчињата, сите заслужуваме почит.
– Кога некој вели „не“ или „застани“, слушај, особено ако се однесува за туѓо тело.
– Во ред е да чувствуваш лутина – можам да се справам со твојата лутина. Најди ја тагата. Најди ја ранливоста. Во ред е.
– Не си дефиниран според твојата полова улога или културните очекувања – во реалноста, животот нема толку јасни граници.
– Не си дефиниран според облеката, автомобилот, сметката во банка, мускулите и слично – дефиниран си според твојот карактер.
– Клуч за освојување некого – довербата и самопочитта.
– Биди ранлив. Биди отворен – Можеби е страшно да се биде ранлив, особено како што созреваш. Културната стигма може да е тешка, како тежина што те влече надолу. Но, колку и да е страшно, да се биде отворен за повреди, неуспех и неизвесност, тоа е единствениот начин да се биде целосно отворен кон љубовта, да се преземат големи ризици.
Автор: Мишел Хортон
Извор