Пред мене влегоа дете на 4-годишна возраст и мајка. Детето плачеше бидејќи, колку што сфатив, не ја добило посакуваната играчка. Мајката му велеше: „Тоа не е за плачење! Не плачи, ќе те видат другите луѓе, срамота е!“ Детето, низ солзи, на упорното убедување, одговараше со зборовите: „Пушти ме да плачам!“ И јас се наежив од нешто толку вистински здраво во тоа барање.
Мајката, затоа што не поднесува нејзиното чедо да е тажно и расплакано, затоа што можеби чувствува немоќ што не може да му ја купи таа играчка или од некоја сосема трета причина, на детето му испрати порака дека тагата не е дозволено чувство во која било пригода. Се знае кога се тагува, а кога не. Се плаче поради големи губитоци, а не за играчка.
А што знае малото дете за нашите „големи губитоци“? Нему некупената играчка му е губиток. И детето тоа јасно го чувствува. И баш тука, пред таа играчка која не му е купена, која ја доживува како губиток, има можност да совлада важно нешто за себеси. Тагата е чувство кое се јавува кога имаме доживување на губиток, но скалата на губитоци е различна. Ние можеме да го изгубиме саканиот ѓердан, нечија љубов или личноста што ја сакаме.
Но, како ќе се носиме со тагата, зависи од тоа како ќе го преболиме губитокот на саканата играчка или колаче. Кога ќе му испратат ваква порака на дете, како оваа мајка, тоа нема да научи навреме што му значи, а што не. И уште ќе ја прифати идејата дека тагата е чувство поради кое другите нè осудуваат. Така што, во иднина, ќе се труди да не плаче, да не биде во контакт со чувството на губиток, па така нема да знае ни што е добивка за него.
Постои силна врска помеѓу избегнувањето да тагуваме и депресијата бидејќи постои силна врска помеѓу нашиот контакт со тагата и нашите способности да бидеме радосни. Од истиот извор доаѓаат нашите доживувања, па ако го намалуваме интензитетот на извори, ги намалуваме со ред и сите негови изразувања. Да имаме на ум дека кога не ги поднесуваме солзите на своите деца, тоа може да значи дека и ние, како возрасни, имаме проблем да ја допреме тагата во себе. Затоа што и нам ни ги испраќале истите пораки кога сме биле мали.
И, иако сме се зарекле дека ние нема да им го правиме тоа на своите деца, животот и неговите предизвици ни го одвлекуваат вниманието на некој свој начин, а ваквите пораки, запишани на автоматот во нас, ги пуштаме без свест за тоа дека не ни одговарале ни нам.
Автор: Лјилјана Милиќ/ тренер за личен развој