Односот мајка-ќерка е многу важен во животот на секоја жена. Начинот на кој мајката се однесува кон својата ќерка во раното детство и растењето се рефлектира во нејзиниот подоцнежен живот. Улогата на родителите во воспитувањето на децата е болна тема за многумина и не треба да изненадува.
Психологот Михаил Лабковски зборува за главните грешки што повеќето мајки и баби ги прават при воспитувањето женско дете.
Мораш да бидеш…
Првата и најсериозна грешка што ја прават многу мајки и баби при воспитувањето на својата ќерка или внука е некакво програмирање на збир на задолжителни вештини и способности кои девојката би морала да ги совлада. „Мора да бидеш фина“, „Мора да се адаптираш“, „Мора да научиш да готвиш“, „Мора“. Нема ништо лошо ни погрешно во готвачките вештини, но кај девојчињата се појавува мислата: ќе вредиш само ако исполнуваш одредени критериуми. Така, ќе биде многу поефикасно да се даде личен пример: ајде да готвиме супа заедно, ајде да избереме фризура за тебе заедно. Кога едно девојче ќе види дека нејзината мајка прави нешто со задоволство, ќе сака и самото да го научи тоа.
Спротивно на тоа, ако мајката мрази да прави нешто, девојчето потсвесно ќе чувствува одбивност кон нештото. Сè на сè, порано или подоцна таа ќе научи сè што ѝ треба. Тогаш кога ќе ѝ треба.
Сите сакаат само едно…
Втората грешка што често се среќава при воспитувањето на ќерката е жестоката осуда на односот кон мажите и сексот, кој ѝ го пренесува нејзината мајка. „Сите сакаат само едно“, „Внимавај да не те искористат и остават“, „Треба да бидеш недопирлива“.
Затоа, девојчињата растат со чувство дека сите мажи се агресивни и насилни, а сексот е нешто одвратно што треба да се избегнува. Меѓутоа, како што телото ќе ѝ испраќа сигнали, хормоните почнуваат да лудуваат и таа внатрешна противречност помеѓу она што таа го чувствува и забраните на нејзината мајка е многу трауматична.
Контрадикторни пораки
Третата грешка, која парадоксално се надоврзува на втората, е тоа што во дваесеттите години на девојката ѝ е јасно кажано дека формулата за нејзината среќа е да се омажи и да има деца. По можност до 25-тата година, инаку ќе доцни. Размислете: прво во детството сте ѝ кажале што треба да направи (список) за да се омажи и да има деца, па неколку години сте ѝ ја всадиле идејата дека сите мажи се „кретени“ и дека сексот е нешто ниско и валкано, и сега повторно: омажи се и роди. Парадоксално е, но мајките многу често им влеваат такви мисли на своите ќерки. Последица на тоа е стравот на ќерката од секаков вид врска.
И сериозно зголемен ризик да изгуби контакт со себе и со она што навистина го сака.
Растејќи под здолништето на мајката
Четвртата грешка е прекумерната заштита. Многу е лошо што денес мајките сѐ повеќе го врзуваат девојчето за себе и го опкружуваат со толку многу забрани што е страшно. Не оди на прошетка, не дружи се со него, јавувај ми се на секој половина час, кај си, зошто доцниш три минути. На девојките не им се дава никаква слобода, не им се дава право сами да одлучуваат затоа што тие одлуки може да се покажат како погрешни.
Но, тоа е нормално! На 14-16 години нормален тинејџер поминува низ процес на разделба, па ако сака да одлучува сам (освен за прашања за живот и здравје), треба да му се дозволи таа можност. Затоа што ако една девојка порасне под здолништето на својата мајка, ќе се увери дека ќе биде од втор ред, неспособна да опстане и дека сите други секогаш ќе одлучуваат за неа.
Правење чудовиште од таткото
Петта грешка – формирање негативна слика за таткото. Без разлика дали таткото е присутен во семејството или мајката сама го одгледува детето, недозволиво е да се прави чудовиште од таткото. Не е неопходно да му кажете на детето дека ги наследило сите лоши особини од неговиот татко. Нема потреба да го оцрнувате таткото, каков и да е.
Дури и тој навистина да е „кретен“, мајката ќе мора да го преземе својот дел од одговорноста за изборот на таков маж за татко на своето дете. Тоа била грешка и затоа се разделиле, но одговорноста за тоа кој учествувал во неговото создавање не смееме да ја префрламе на детето. Нема врска со тоа.
Физичко насилство
Децата не треба да се тепаат, и треба да се каже дека тоа повеќе ги трауматизира девојките. Психолошкото ниво на самопочит кај една девојка брзо паѓа на ниво на понижена и покорна. Ако биде претепана од татко ѝ, голема е веројатноста дека ќе избере агресивни партнери кога ќе порасне.

Недостиг на пофалби
Растејќи, една девојка треба да слуша дека е сакана, убава, способна. Така ќе формира здрава, нормална самопроцена. Тоа ѝ помага на девојката да порасне со чувство на самозадоволство, самоприфаќање. Тоа е клучот за нејзината среќна иднина.
Расправија пред детето
Расправиите на родителите во присуство на дете се недозволиви. Особено ако се работи за личните карактеристики на мајката или таткото, меѓусебно обвинување… Детето не треба да биде присутно. А ако веќе се случило, двајцата родители треба да се извинат и да му објаснат на детето дека чувствата ги совладале, па се скарале, но дека веќе се помириле и што е најважно, детето нема врска.
Премногу слобода
Деветта грешка – несоодветно поминување низ периодот на пубертет на ќерката. Има две крајности: да дозволите сѐ само за да не изгубите контакт и да забраните сѐ за нешто да не излезе од контрола. И двете се лоши. Единствениот начин да се помине овој тежок период без жртви е непопустливоста и добрата волја. Непопустливост во дадените граници на дозволеното, добра волја – во комуникацијата. За девојките на таа возраст е многу важно родителите многу да разговараат со нив, да ги прашуваат за мислење, да одговараат на глупави прашања, да споделуваат сопствени спомени.
И смирено да се разговара и никогаш да не се искористат тие разговори против детето. Ако тоа се пропушти, тогаш никогаш повеќе нема да има интимност, а возрасната ќерка утре ќе каже: „Никогаш не ѝ верував на мајка ми“.
Ќе го живееш мојот живот
Конечно, десеттата грешка – наметнување поглед на животот. На девојките никогаш не треба да им се каже дека нејзиниот живот мора да вклучува некои работи. Да се омажи, да има деца, да слабее, да не се дебелее… Девојката треба да се воспитува да се слуша себеси и да знае дека има право да прави што сака, што може, да биде среќна со себе без разлика на оцената од околина и мислењето на општеството. Во тој случај, таа ќе порасне во среќна, убава, самоуверена жена, подготвена за полноправна врска со партнерот!