Секојдневно слушаме за тоа како децата умеат да бидат сурови кон своите врсници, а изолацијата на децата и неприфаќањето во друштвото се само еден вид суровост. Родителите се соочуваат со тажни деца кои не знаат што треба да направат за да се вклопат во друштвото. А одговорите ги бараат и мајките и татковците, кои не знаат како да се постават во оваа, за нив, болна ситуација. За тоа зошто некои деца на училиште не се прифатени од страна на врсниците и како да се поставите во таа ситуација, за српски „Телеграф“ зборува детскиот психолог Викторија Мужина.

– Дали врсниците ќе го прифатат детето, зависи од многу фактори – дали детето е подготвено за на училиште, дали е социјализирано, каков е односот во семејството од кое потекнува… Се разбира, постојат и срамежливи деца на кои им е потешко да се вклопат во одделението. И тоа, се разбира, не е ништо страшно. Како што постојат срамежливи луѓе, кои потешко остваруваат контакт со околината, ист е случајот и со децата. Со детето треба да се разговара, првенствено родителите треба да помогнат на некој начин да се надмине таа препрека. Се разбира, не треба да очекувате промената да се случи преку ноќ, дека детето уште утредента ќе почне самото да се приближува кон друштвото и да комуницира. Треба постепено да се воведува во ситуации со кои ќе може да се ослободува, почесто да биде опкружено со поголем број деца каде што ќе може повеќе да се дружи…

А што ако се работи за дете кое не е срамежливо по природа? Децата уште на рана возраст се организираат во групи, мали друштва во кои не е лесно да се влезе. Што тогаш?

– Тука веќе би требало да реагира училиштето, бидејќи се работи за дете кое не е различно од другите. Кога велам различно, мислам на тоа дека не се вклопува во тие некои „врснички стандарди“ – можеби се облекува поинаку, можеби нема патики што во моментот се „популарни“… Тука веќе би требало училиштето да преземе некоја улога, да се разговара со децата дека постојат други вредности, освен тие материјалните. Исто така, и родителите на изолираното дете би требало да разговараат со родителите на другите деца. Се разбира, сè зависи од тоа која порака му се испраќа на детето, кои се тие вредности што денес се очекуваат во општеството. Кај оценувањето, оценките со бројки се многу помалку важни од оние описните, а кои говорат за тоа како некое дете се снашло во дадена средина.

Во намерата да го заштитат своето дете, родителите често сакаат да реагираат, неретко и бурно, а кој е советот на психологот за нив?

– Некогаш родителите малку и проектираат. Се разбира, тука не зборуваме за врсничко насилство. Тоа што е изолирано не мора нужно да значи и дека детето страда. Многу нешта зависат и од неговата природа. Ако детето по природа е интровертно, не можете од него насила да направите екстроверт. Тоа не би било добро за детето, бидејќи понатаму тоа може да предизвика фрустрации. Но, затоа, би требало да го советувате постепено да им приоѓа на другарите, да започне разговор, да им постави некое прашање… На некој начин постепено да се социјализира. Тоа е совет во повеќето случаи, иако не може да се рече дека постои универзален рецепт за овој проблем.

Во идеално општество родителите би требало да се состанат и да се обидат со заеднички сили да му помогнат на детето да биде прифатено. Но, за жал, на секој родител му е најважна среќата на неговото сопствено дете и нема да се занимава со туѓото. Тука училиштето игра голема улога.

– Тука е најважен учителот, тој има големо влијание. Тој би можел преку некои заеднички проекти да го вклучи тоа изолирано дете, наменски да го постави да работи во пар со некое друго дете што има сосема спротивна природа, кое е екстровертно. Се разбира, ниту тоа не смее да се прави сосила бидејќи може да создаде фрустрација и отпор кон другите деца. Добриот учител е и добар педагог – заклучува психологот Викторија Мужина во разговорот за српски „Телеграф“.



912

X