Истражувањето што го водела Јелена Обрадовиќ, развоен психолог на Универзитетот „Стенфорд“, покажало дека преголемото мешање на родителите во детските активности негативно влијае врз детскиот развој. Родителите денес активно бараат можности за на нешто да го научат детето. Кога му читаат книга, разговараат со него за содржината, а кога ќе му забранат видеоигра, му објаснуваат зошто не смее да ја игра. За ова постои добра причина – истражувањата покажале дека вклученоста на родителите им помага на децата во развојот на когнитивните и емоционалните вештини.

Сепак, преголемото родителско насочување може да биде контрапродуктивно, а тоа се и резултатите на новата студија која ја водела Јелена Обрадовиќ и е објавена во списанието „Журнал за семејна психологија“.

Научниците го набљудувале однесувањето на родителите на деца од претшколска возраст додека нивните деца биле активно вклучени во игра, средување на играчките, учење нови игри и разговарање за проблем. Децата чии родителите почесто „скокнувале“ за да им помогнат, да ги поправат или да постават прашање – иако сосема добро им одело завршувањето на наведените задачи – потешко ги контролирале своето однесување и емоциите во други пригоди. Овие деца имале полоши резултати и во задачите во кои се мерела способноста за одлагање на задоволството, извршните вештини, вештините поврзани со контрола на импулсот и способноста за концентрација.

Децата се учат на самоконтрола и самостојност само кога родителите ќе им овозможат самите да се снајдат во интеракции

– Родителите имаат потреба да се вмешаат дури и кога децата извршуваат задача, активно си играат или го прават она за кое се замолени. Меѓутоа, тие на тој начин им оневозможуваат на своите деца да научат да ги контролираат своето внимание, однесување и емоции. Децата се учат на самоконтрола и самостојност само кога родителите ќе им овозможат самите да се снајдат во интеракции“, вели Обрадовиќ.

Ова истражување фрла нова светлина на тоа како родителите го обележуваат детскиот развој во клучен период на подготовка за основно училиште. Современите родители поминуваат повеќе време со децата отколку претходните генерации и се склони кон таканаречено хеликоптер-родителство, односно претерано бдеење над своите деца и отстранување на сите препреки, а пандемијата придонесе уште повеќе да учествуваат во животите на своите деца, помагајќи им околу училишните задачи и заменувајќи им го друштвото за игра.

Како што објаснува Јелена Обрадовиќ, пронаоѓањето на вистинската мера на родителска вклученост е особено важно во претшколската возраст, кога децата треба да се оспособат за самостојно да го регулираат своето внимание, емоциите и однесувањето – без директна родителска помош.

– Ова е важен чекор и момент кога родителите мора да научат да се повлечат – вели таа. Научниот тим предводен од Јелена Обрадовиќ за потребите на студијата набљудувал група од 102 деца на возраст од 4 до 6 години во друштво на своите родители или старатели. Во текот на 2,5 часа поминати во стендфордските лаборатории, децата работеле на серија задачи кои развојните психолози ги користат за мерење способности на самоконтролата, како и извршните функции. Децата, исто така, со своите родители учествувале во структурирани активности кои барале одредено ниво на вклученост на родителите. Научниците го набљудувале секој родител и дете посебно, а подоцна и детално анализирале видеоснимки. На тој начин можеле да ги уочат и едвај забележливите разлики во начинот на кој родителите се однесуваат кон децата кога завршуваат задачи. На пример, во текот на активноста која трае 25 минути, мајката би го оставила синот да „води“ во текот на 13 секунди, потоа би се повлекла на 5 секунди, а потоа би го насочувала во следните 35 секунди. Со ваков пристап можеле да донесат подобар суд за степенот на мешање на родителите во активноста на детето. „Ова се суптилни разлики, но пораката која децата ја добиваат не е така суптилна“, вели Обрадовиќ.

За својата анализа, научниците одредиле мера „претерано мешање“ на родителите, така што издвоиле моменти кога детето самостојно работело или имало иницијатива и го пресметале односот помеѓу зачестеноста на родителските интервенции и моментите кога родителите му препуштиле на детето самостојно да ја заврши задачата. Споредувајќи ги податоците, истражувачите уочиле дека децата чии родители многу се мешаат и им помагаат додека тие активно завршуваат задача имаат проблеми со самоконтролата и контролата на емоциите. Од друга страна, кога децата се пасивни и не ја завршуваат задачата, родителското мешање не може да наштети, покажуваат нивните резултати.

Понекогаш е важно да се остават децата на мир за самите да се снајдат

Обрадовиќ вели дека целта на студијата не е да ги критикува родителите: „Кога зборуваме за мешање на родителите, не мислиме дека не е во ред тоа што го прават родителите и дека со тоа што им даваат идеи и совети, мислат нешто лошо. Важно е, меѓутоа, родителите да знаат дека постојат моменти кога тоа е пожелно и кога е тоа штетно. Учеството на родителите е важно кога децата не обрнуваат внимание, ги кршат правилата и не се доволно фокусирани на активноста“, објаснува таа.

Така што, понекогаш е важно да се остават децата на мир за самите да се снајдат. Оваа лекција е особена важна во текот на пандемијата, кога родителите постојано се прашуваат колку треба да бидат вклучени во детските активности, смета Обрадовиќ.

– Искрено преиспитајте се, особено ако видите дека вашето дете добро се снаоѓа. Колку и да е стресен овој период, потрудете се да им дадете шанса да преземат иницијатива – вели таа.

Автор: Јована Папан

Извор



912

X