Пред неколку месеци забележав дека моето дете е опседнато со редење лего-коцки. Тогаш имаше можеби 3,5 години. Редеше неверојатно симетрични и комплексни облици за негова возраст и бев искрено воодушевена секојпат кога ќе ми донесеше некое свое ново дело.

Не знаејќи како да го насочам и поттикнам тоа, во еден од разговорите со педагогот Снежана Голиќ побарав совет. Првата работа што ми ја кажа беше: „Не воодушевувај се премногу!“ Бев малку изненадена. Па како да не се воодушевам? Тој го очекува тоа, тоа го радува и го поттикнува. Тоа му е најдрага награда за трудот. Но, токму тука е и грешката. Претерувајќи со наградите, без разлика дали се материјални или во облик на ваше воодушевување, го вртите вниманието од она што би требало да биде цел, а тоа е радоста заради постигната цел.

Не наградувајте ги петките, така само го поткупувате детето

Со примерот на мојот син, тој уживаше – вистински уживаше во редењето коцки и правењето форми. Моја задача беше дискретно да го поддржам тоа, но не во таа мера за моето воодушевување да стане награда. Во што е проблемот со наградите? На ова прашање на сличен начин одговори и Сунчица Јовановиќ, психолог:

– Наградувањето на посакуваното однесување е добро познат систем на учење, воспоставување одредени навики и подобрување на успешноста. Значи, системот на награди и казни ја зголемува надворешната мотивација за одредено однесување – учење на училиште, натпреварување во спорт, работа на работно место. Работам нешто за оценка, за плата, бидејќи ќе добијам таблет, бидејќи ќе одам на море, бидејќи ќе имам бонус. И тогаш, доколку нема внатрешна мотивација (задоволство од самата работа), надворешните награди никогаш нема да бидат доволни сами по себе и секогаш ќе бидат мали во очите на детето или личноста.

Исто така, ако детето е веќе мотивирано, дополнителната мотивација премногу стимулира и потоа самата работа престанува да биде целта и почнува да станува здодевна обврска. Не наградувајте ги петките на училиште, не ветувајте одмор на море и други работи за одличниот успех бидејќи со тоа не ја пренесувате вредноста што сакате (работни навики, вредноста на образованието итн.), туку го поткупувате детето, а оценките сами по себе се награда или казна и тоа треба да е доволно. Истражувањата покажуваат дека со преголемо стимулирање се намалува уживањето во самата активност.

Парадоксално, тоа се случи и на студиите по психологија со преминот на Болоњскиот систем. Со преголемо стимулирање на бодови за присуство, за експерименти, за колоквиуми, за семинарски трудови, за усни и писмени испити, на студентите им се намали мотивацијата самите да истражуваат повеќе од она што се бара. На пример, да се занимаваат со животите на големите истражувачи и да го поврзуваат материјалот. Преголемата оптовареност со кратки награди – бодови, ја менува суштината и тогаш студирањето преминува во изработка, иако постои внатрешна мотивација и желба за самиот материјал без дополнителни стимулации.

Затоа, наградата применувајте ја само во краткорочни и поединечни случаи, кога таа не ја нарушува суштината и обрнете внимание на она на што сакате да научите некого и да му пренесете вредност на долгорочен план.

Автор: А. Цвјетиќ

Извор



912

X