Здравје

Психолог ги разбива митовите за спиењето на децата

Многу мајки во првите исцрпувачки месеци од мајчинството знаат да се пошегуваат со познатата изрека: „Не сакам да спијам како бебе, туку како тато“. А кај некои таквите желби траат и подолго бидејќи децата им се „лоши спијачи“. Според различни истражувања, токму детското спиење и недостигот на рутина се едни од главните фактори што на родителите им предизвикува најмногу стрес. Само во првата година новите родители губат дури 970 часа сон, што е вкупно 40 дена, при што жените поминуваат полошо од татковците – секоја ноќ спијат по околу 23 минути помалку.

Пристапот кон детското спиење не ист кај сите, па некои ги фалат традиционалните пристапи и совети на мајки или баби, а некои се водат од трендовите на пуштање на бебето да одредува кога и како ќе спие. Но, кој е во право? Мораме ли како родители да бидеме ненаспани и изморени? Марина Ецимовиќ е психолог, психотерапевт и педагог. Во својата работа специјализирала на тема детско спиење и сите дилеми поврзани со тоа, па во секојдневната практика им помага на родителите. Истакнува дека проблемот често настанува поради погрешните претпоставки што луѓето ги имаат за спиењето на децата.

Што е воопшто нормален сон за бебињата и децата и колку реалноста се разликува од она што луѓето го очекуваат?

Во книгите, особено оние што промовираат тренинг за спиење кај бебињата, многу често се наметнати одредени многу строги распореди на спиење, а особено количината на сон со оглед на возраста. Таквите информации на родителите им наметнуваат чувство на вина ако детето не се вклопува во одредените рамки. Кога ќе земете за пример две различни бебиња од 8 месеци, едното ќе спие можеби 11 часа севкупно во 24 часа, а другото може дури и 17 часа. И двете веројатно ќе бидат во рамките на нормалното. Индивидуалните потреби за сон се специфични и различни и тоа мора секогаш да се има на ум во врска со детското спиење. Врвот беше кога мојот син на околу 4 месеци се будеше ноќе по 10 пати, а дневното спиење беше без никаков ред и прекратко траеше. Со оглед на тоа дека спиев само еден час континуирано, се претворив во сопруга и мајка каква што не сакав да бидам. Знаев дека постои некое решение кое не вклучува престанок на доењето – истакнува Марина, денес мајка на две деца и сопственичка на центар за советување и едукација.

Се насочуваме повеќе на другите деца наместо да се насочиме на своето и да го гледаме такво какво што е – автентично, посебно и свое. Нормално е бебето да заспие со доење или носење. Нормално е дете постаро од една година да заспие со доење или носење ако на родителите тоа им е во ред и не го нарушува нивното секојдневно функционирање. Биолошки е нормално бебе од неколку месеци да се буди ноќе. Нормално е и ако детето постаро од една година се буди ноќе ако, на пример, и понатаму цица или ако нема одредени неоткриени здравствени тегоби. Детето не мора да знае самостојно да заспие со Х месеци – објаснува Марина, нагласувајќи дека е тешко да се повлече строга граница околу тоа што е всушност нормално кога се работи за спиењето на децата.

Колку однесувањето на родителите влијае врз спиењето на децата? Дали смирените и организирани родители имаат дете што добро спие?

Родителите природно ќе го споредуваат детето со другите деца, но идеално е да го гледаат своето дете такво какво што е. Тогаш помалку би ги карактеризирале децата како „добри“ или „лоши“ спијачи. Терминот „добар спијач“ е субјективен, смета Марина. Децата се раѓаат со својата биолошка компонента која понекогаш е тешко променлива. На пример, некои деца се почувствителни на дразби, па секој звук ги буди, додека некои може да спијат и за време на земјотрес. Тоа не може премногу да се менува. Постојат и некои биолошки одредници кои поминуваат незабележани од страна на здравствените работници, а може неповолно да влијаат врз спиењето (кратка подјазична ресичка, зголемен трет крајник, апнеа…). Кога ќе се стави настрана биолошката компонента на децата и кога ќе се насочиме на емоционалната, тогаш може да се зборува дека однесувањето на родителите е поврзано со спиењето на детето. Децата во првите години немаат способност за саморегулација и се потпираат на нашите емоции. Ако ние не сме во рамнотежа, тогаш нашите деца ќе ја рефлектираат нашата состојба преку своето однесување – истакнува таа. Може да се работи и на воведување конкретни навики на спиење, а кои може да влијаат врз квалитетот на спиење. Важно е да се одговори на потребите на детето, па секое однесување на детето треба да се гледа и во односот на родителите.

Кои се најчестите проблеми со спиењето, што најчесто ги мачи родителите?

Најчесто родителите ми се јавуваат поради чести ноќни будења. Потоа тука е долготрајниот процес на заспивање на детето, непредвидливиот дневен ритам на спиење, долготрајната будност во ноќта, прераното утринско будење и воопшто хронична ненаспаност и нервоза на родителите – вели Марина.

Кога да се побара помош?

Мислам дека е време за барање помош тогаш кога родителите ќе почувствуваат дека дошло време за тоа и не можат нормално да функционираат. Помош треба да се побара ако детето спие со отворена уста, ако ‘рчи, при моторички немирно спиење, дете кое е постаро од 1 година и не може да спои подолго од 2 часа спиење во ноќта, ноќно будење на секои 15 минути, зачестено будење во ноќта, успивање кое трае повеќе од 1,5 час (не се однесува на децата од 2-годишна возраст бидејќи кај нив тоа е често)

Го нарушува ли доењето ноќниот сон кај децата?

Доените деца спијат различно од децата што се хранети со адаптирано млеко. Вторите се хранат со распоред и шишенцето им служи главно за храна (некогаш и успивање). Доењето, од друга страна, е повеќе од хранење. Доењето смирува, служи и како аналгетик, за контакт, за блискост, утеха, а понекогаш и како цуцла. Доените деца обично не се дојат според распоред. Затоа ноќе во при секое будење детето може да се дои – вели Марина. Таа заклучува дека доењето не го намалува будењето, ниту ја поправа рутината на спиење. Доените деца, всушност, повеќе се будат ноќе затоа што доењето им е многу повеќе од храна.

Дали е подобро да спијат сами или со родителите?

Фактот дека можеме да одбираме каде ќе спие детето говори само за тоа дека сме во богата цивилизација бидејќи многу култури во светот немаат можност за таков избор – вели Марина. Одличен компромис е креветчето да биде споено со брачниот кревет. Доколку се практикува заедничко спиење со бебето во ист кревет, важно е да се следат безбедносни насоки. Главна придобивка од заедничко спиење за родителите е повеќе сон, особено за мајката што дои ноќе.

Лична препорака на Марина е бебето барем една година да спие во соба заедно со родителите, без разлика дали во заеднички кревет или во креветче покрај брачниот кревет, а потоа спиењето е личен избор.

„Cry out“ метода – бруталност или нешто што е потребно?

Знам дека има родители што ја практикуваат методата на исплачување на детето и не ги обвинувам, но јас лично тоа не би го сугерирала. Не сум поборник за таа метода. Се залагам за пристап кој го поддржува развојот на сигурна поврзаност на мајката и детето, а која не вклучува никакви сепрациски техники каде што детето се остава само во соба за да научи да спие – вели Марина. Децата имаат право на емоции, треба да ги изразат, без разлика дали позитивни или негативни, но мора притоа да имаат поддршка од возрасните, објаснува таа. Со методата на исплачување детето не се учи да се смири, туку учи дека родителот нема да дојде.

Кога воопшто треба да се почне со воведување рутина во детското спиење?

Во првите месеци нема многу смисла да се воведува вечерна рутина пред спиење бидејќи тогаш се воспоставува циркадијалниот ритам на бебето, односно малечкото тело се учи да разликува ден од ноќ. Околу 4. месец може да се почне со воведување вечерна рутина пред спиење. Рутината на некои родители им одговара поради нивниот стил на живот и веројатно ќе ја воведат уште од самите почетоци, додека други не, бидејќи не се вклопува во нивниот стил, па и тоа е во ред – вели Марина.

Најголем непријател на сонот – екранот

Гледањето во екран не се препорачува бидејќи синиот спектар на светлина од екранот го попречува производството на мелатонин – хормонот за спиење. Тоа особено не е препорачливо за децата кои се чувствителни на дразби. Од друга страна, се препорачува што повеќе време да се поминува надвор во слободна игра, читање сликовници пред спиење и создавање мирна релаксирачка атмосфера пред спиење. Гледањето во екран, детското спиење и однесување се многу поврзани. Дигитализацијата зеде сè поголем замав, па мора да се биде внимателен. Децата треба да поминуваат време надвор во слободна игра, каде што сите сетила им се вклучени. Не е природно за нив да не се поместат од седечка положба и визуелно да впиваат дразби од екран. Мозокот мора некаде да ги нахрани и процесира тие дразби. Тоа обично се случува во текот на спиењето на детето – вели Марина.

Зошто се јавуваат кошмари и како да му се помогне на детето?

Ноќните мори се нормални и вообичаени за детска возраст и за жал не може да се спречи нивното појавување. Може само да се внимава како децата го поминуваат будното време. Ако во ноќните мори им се појавува некој лик од цртан филм, тогаш пожелно е да се отстрани тој цртан филм. Може заедно со детето да смислите некоја стратегија за отстранување на кошмарите – на пример да користите „спреј за отстранување ноќни мори“ (ваша имагинација и од детето) за тоа да се смири пред спиење.

Зошто изгледа како премногу деца денес да имаат проблеми со спиењето?

Затоа што многу работи се промениле. Стилот на родителство е изменет во последните децении. Денешните родители се одгледувани така што често не се одговарало на нивните потреби. Доењето се практикувало ретко, а знаеме дека доените деца ноќе главно почесто се будат – смета Марина. Многу време исто така поминуваат пред екраните, додава таа.

Исфрлање на дневното спиење

Ако ги прашате децата, тие никогаш не би спиеле. Затоа, важно е родителот да препознае дали на детето му треба сон и преку ден. Според неа, постојат јасни знаци дека на детето не му е потребно веќе дневно спиење, односно дека е повозрасно и нема потреба од тоа: оди во градинка и таму исто така не спие, не може да заспие преку ден ниту по еден час лежење в кревет и тоа трае околу две недели, не е изморено попладне, кога спие преку ден, навечер заспива тешко или доцна.

Во текот на процесот на престанување на дневното спиење, ако понекогаш е прескокнато дневното спиење, тогаш е важно навечер да се оди на спиење онолку часа порано колку што инаку детето спие преку ден. Да земеме за пример дете кое преку ден спие 2 часа, а навечер заспива околу 22 часот. Кога тоа дете ќе го прескокне дневното спиење, би било добро навечер да заспие околу 20 часот, за да го надомести сонот од тој ден. Наутро главно се буди во своето вообичаено време – заклучува Марина.

Автор: Марина Јапец Мартинко

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top