Во нашата култура забраната да се созрее е многу честа. Една од причините е од културолошка природа, односно последица од воспитувањето кое е карактеристично за целиот Балкан. Луѓето овде немаат обичај да ги праќаат младите да живеат надвор од родителскиот дом, додека во западните цивилизации тоа е речиси нормално. Таму младите штом станат полнолетни, заминуваат да живеат сами или со пријатели и сами се издржуваат. Во повеќето западни земји на младите од 16 години им е дозволено да работат, па така вообичаено е да одат на училиште или на студии, а да работат скратено работно време. На Балканот, каде што семејствата се далеку позагрозени, често слушам дека на младите им е под чест да работат два дена неделно и истовремено да студираат. Децата од големите градови поминуваат најлошо бидејќи не можат да се отселат некаде да студираат и така остануваат целосно зависни од родителите. Децата од внатрешноста што студираат во големите градови поминуваат малку подобро, но и тие очекуваат родителите да ги издржуваат, односно да им праќаат пари и храна.
Мешање на родителите во емотивниот живот
Она што исто така е многу присутно е психичката зависност од родителите, што особено негативно може да се одрази кога веќе возрасните деца ќе формираат свое семејство, а остануваат зависни од своето примарно семејство. Тогаш се случува мешање на родителите во брачниот живот на своите деца, што исто така е една од главните причини за несогласувања во бракот, па дури и за развод. Една брачна двојка што се јави во моето советувалиште беше во голема криза бидејќи жената беше поблиска со својата мајка отколку со сопругот. Секојдневно се слушала со неа на телефон и со часови зборувала за проблемите што ги имала со сопругот. Притоа, сопругот беше мирен и вреден човек, немаа некои поголеми животни проблеми освен секојдневната борба за преживување која ја водат повеќето луѓе на овие простори. Но сето тоа не беше според критериумите на мајката, која сметаше дека нејзината ќерка заслужува повеќе, некој побогат и поспособен сопруг. Со текот на времето, кога поминала првата страст и добиле дете, таа сè повеќе го прифаќала размислувањето на мајка си за својот сопруг и секојдневно го критикувала. Блискоста со текот на времето се губела, бидејќи што и да направел тој, таа не била задоволна. Суштината е што таа никогаш не ја прекинала симбиозата со своето примарно семејство, така што не можеше доволно да се приврзе со сопругот.
На чија сметка ќе бидете вечни деца?
Втората причина зошто младите луѓе се плашат од светот на возрасните е и економската ситуација во државата и преголемата грижа за иднината. Таа грижа донекаде е оправдана, но не и во целост, бидејќи тоа не значи дека поради тешката материјална ситуација, не можат да се осамостојат.
Третата причина е нивниот страв да не поминат во животот како нивните родители или други возрасни кои самите ги процениле како незадоволни, па затоа одлучиле да останат „вечни деца“, да уживаат во животот, да се забавуваат, не сакаат да имаат обврски како постојана работа, семејство или деца бидејќи сметаат дека тоа е измачување, а тие заслужуваат многу подобро и многу повеќе. Единствениот проблем е на чија сметка тие можат да бидат вечни деца? Обично имаат некој што ги издржува и на некаков начин ги поддржува во таквото размислување. Често кога на терапија ќе им го поставам таквото прашање, почнуваат да размислуваат дека тие 300 евра за кои не сакаат да работат бидејќи им е под чест треба некој друг да ги заработи, за тие да живеат како што сакаат. Но тоа подразбира дека и тие зависат од некој друг – а тоа не е слобода. Затоа, за навистина да се слободни, мора да созреат. Кога ќе сфатат дека созревањето не значи само обврски и дека во светот на возрасните има и многу предности – како независност и слобода, почнуваат поинаку да размислуваат. Тоа чувство на незадоволство може да ги мотивира да размислуваат како самите да почнат да се грижат за себе.
И тука може да помогне психотерапијата. Имаше многу студенти што доаѓаа кај мене и по извесно време осмислија „свој мал бизнис“, односно развија некаква своја идеја која може да им донесе приходи со кои ќе можат да почнат сами да се грижат за себе. Кога почувствуваа дека навистина е можно нешто да работат и да студираат, станаа многу посигурни во себе, позадоволни со себе и својот живот.
Автор: Љубица Богетиќ, психолог и психотерапевт