Во секојдневниот живот проприоцепцијата е клучна кога седиме, колку далеку седиме од некого или треба да седиме. Проприоцептивниот систем ни го обележува нашиот личен простор на движење и мирување. Во тек на јадење, пишување, сечење со ножици проприоцептивните вештини ни кажуваат и ни даваат до знаење како ќе држиме молив, колку јако ќе стиснеме и како ќе го држиме листот додека сечеме со ножици. Во низа активности ни е значајна проприоцепцијата, како што е чешлање на косата, закопчување, играње со топка, тенис и многу други секојдневни активности во кои може да се вклучува детето за совладување или забележување на евентуалните отстапки.
Проприоцепцијата се дефинира како чувство кога нашето тело и неговите делови се наоѓаат во просторот во тек на мирување или движење. Ова сетило има важна улога во саморегулацијата, координацијата, постурата, свесноста на телото и способноста за фокусирање и говор.
Секое движење започнува од сензорна информација од околината и телото. Информацијата влегува низ нервен систем и се преработува и се враќа во мускулот. Информацијата важна за изведување на движењето доаѓа од неколку делови:
– Соматосензорен дел (информацијата се прима преку кожата и рецепторите сместени во мускулите, зглобовите и тетивите),
– Вестибуларен дел (примање информација од положбата на главата во однос на телото и движењето на главата во однос на околината),
– Визуелен дел (тука се подразбира нагло движење на телото или изненадно приближување до некој објект).
Ако проприоцетивниот систем не функционира оптимално, туку детето има тешкотии во делот на затворање капаче, облекување и закопчување на облеката, тешкотии во качување по скали, тогаш станува збор за проприоцептивна дисфункција. Оваа дисфункција доведува до неправилно или неможност за интерпретирање на информациите од околината и од своето тело.
Карактеристики кои може да ги забележите кај детето се:
Повредување на себеси или на другите, не реагираа на болка или допир или премногу е осетливо на допир, па реагира со повлекување, ужива во гласни звуци или сака мирно опкружување, нема свој личен простор, гризе играчки, молив, се лепи за родителите или за другите блиски личности, најчесто додека оди стапалата ги влече по под, нема координиран од, изгледа мрзливо, има тешкотии во качување по скали.
Во практика се сретнуваат повеќе проприоцептивни хипосензитивни деца. Многу од нив се емоционално несигурни кога ќе појдат во училиште бидејќи имаат предизвици со кои секојдневно се соочуваат. Децата знаат и да се повлечат од своите врсници и да имаат ниска самодоверба и незаинтересираност за учењето. Децата со тешкотии во проприоцептивната функција не седат мирно бидејќи немаат свесност за сопственото тело во просторот. Овие деца најчесто имаат тешкотии со одржувањето на вниманието, со пишувањето и читањето. Нивниот мозок лесно може да се замори бидејќи се во постојано истражување и премин од една на друга активност, работа и сл.
За да се усовршат одредени активности кои се значајни за самостојноста на детето, а исто така елементарно да се даде предност на сопственото тело и доживување на просторот околу себе е да се вклучи детето во секојдневните активности. Ако вежбаме фина моторика со своето дете, битно е тоа да биде ориентирано во просторот, да знае каде седи и кој е неговиот личен простор.
Активности што можат да помогнат во проприоцептивната функција се:
– одење по нерамни површини, по перници на под, крпи, сунѓери (практикувајте детето да е босо),
– движење и влечење потешки предмети (торба со шише или пак само шише),
– туркање, за деца меѓу 3 и 4 години,
– седење на под и со нозете да преместува топчиња од хартија од едно на друго место,
– шема: необична патека со поставени стапалки наизменично – цела нога, прсти, цела нога, пета,
– користење баланс-плочи.
Автор: Теодора Томовска-Ристовска, спец. едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација
912