Кога ни се важни другите луѓе, тогаш ни е важно и како тие се чувствуваат. Кога се работи за чувствата, тогаш главниот принцип во сите облици на пријателски односи е сочувството. Тоа едноставно значи дека ни е жал кога страда некој што ни е важен и дека ни е мило кога таа личност се чувствува пријатно. Овој принцип не е само реактивен, во смисла дека само реагираме на чувствата на за нас важни луѓе, туку е и проактивен. Тоа значи дека ние правиме одредени работи за оние што ни се важни, добро да се чувствуваат, а избегнуваме да го правиме она што ги иритира. Што е со чувствата на оние луѓе што не ни се важни?

Сочувство со непознатите

Дали ќе сочувствуваме со нив или нема да зависиме од несвесниот процес кој го нарекуваме поистоветување или идентификација. Колку повеќе во непознато лице несвесно се гледаме себеси, или некој што ни е важен, поверојатно е дека ќе сочувствуваме со него или неговото страдање. Колку тоа лице е послично на нас или на некој што ни е важен, толку е поверојатно дека ќе се поистоветуваме со тоа лице и ќе сочувствуваме со него. Колку помалку тоа лице е слично на нас или на оние што ги сакаме, толку е помала веројатноста дека ќе сочувствуваме, а поголема дека ќе бидеме рамнодушни кон неговото страдање. Ако сметаме дека непознатото лице е лошо или злобно, тогаш може да дојде до антипатија, односно до тоа да ни е мило што тоа лице страда, бидејќи во тоа ја гледаме „заслужената“ казна.

Овој начин на функционирање во однос на туѓите емоции е во природата на човековото битие, кое е способно за односи на сочувство (емпатија), рамнодушност (апатија) и противчувство (антипатија).

Иако оваа насоченост на себе и своите луѓе може да изгледа сурово, во прашање е механизам на емоционална заштита. Доволно е да се запрашаме што би било кога сите луѓе на светот би ни биле емотивно важни, од оние што ги среќаваме во реалниот живот, до оние што ги гледаме на ТВ? Со оглед на количината на информации за човечката несреќа и страдање, резултатот би бил дека постојано се чувствуваме лошо поради туѓото страдање. Од таа причина, луѓето различно емотивно реагираат на „своите други“ во однос на „туѓите други“.

За разлика од сочувството или симпатијата, емпатијата е способност за соживување со другите, нивните животни ситуации и нивните чувства. Секојпат кога некој ќе се запраша гледајќи нечија несреќа и страдање: Како би се чувствувал ако тоа ми се случеше мене?, тој станува емпатичен. Кога луѓето ќе сфатат дека другите не се исти како нив, тогаш стануваат емпатични на повисоко ниво. Тогаш се прашуваат себеси: Кога јас би гледал на себеси, на другите и на светот исто како и тоа лице, како би се чувствувал во неговата ситуација?

Емпатијата е многу важна способност која е во основата на социјалната и емотивната интелигенција и затоа е од голема вредност во градењето односи со другите. За луѓето да бидат емпатични, мора да имаат способност на „читање“ на невербалните сигнали на другите луѓе. Така, на пример, незамисливо е да се биде мајка на дете кое уште не прозборело без способност за емпатија со него.
Колку е важна емпатијата во меѓучовечките односи, гледаме токму кај оние луѓе што имаат намалена способност за емпатија и сочувство со другите луѓе, како што се нарцисоидните луѓе и антисоцијалните психопати.

Емоционален сунѓер

Како што способноста за емпатија може да биде намалена, таа може да биде и претерано развиена до мера хиперемпатичните луѓе да имаат значајни проблеми во личното и општественото функционирање. Тоа се луѓе што непрестајно се поистоветуваат со страдањата на другите, без разлика дали ги познаваат или дознале за нив преку медиумите. Тоа се лица што не можат да спијат затоа што преживуваат нечија тажна приказна или судбина за која дознале преку медиумите. Тие се однесуваат како да се „емоционален сунѓер“ кој го впива туѓото страдање. Многумина од нив чувствуваат лична одговорност за туѓото страдање и должност да бидат солидарни и да им помогнат на другите. Тоа ги прави „спасители“ кои често наивно не ги препознаваат предаторските мотиви на другите, така што завршуваат како жртви на искористување.

Многу од овие „емпатичари“ се преплавени од туѓото страдање, така што непрестајно ја доживуваат „светската болка“. За да го избегнат тоа и да се чувствуваат добро, тие често се повлекуваат и се изолираат од сите негативни информации.

Треба да се знае границата помеѓу здравата и претераната емпатија, а децата треба да се учат дека постои граница помеѓу нив и другите, дека не треба да сочувствуваат со секој што страда, човек или животно, како и дека грижата за другите мора да биде ограничена и со грижата за себе.

Автор: Зоран Миливојевиќ



912

X