Воспитување

Приспособување на градинката – ако нема солзи, не значи дека привикнувањето е завршено

Плачење, агресивност, повлекување во себе, будење во текот на ноќта, одбивање храна, мокрење во кревет… се можни реакции на децата во деновите и неделите по тргнувањето во градинка. Што сака да ни порача детето со тоа и како може да му помогнеме?

„Поради тргнувањето во градинка, детето често се чувствува осамено, збунето и напуштено. Тешко му е да ја разбере причината за останувањето во непознато опкружување. Неговата секојдневна рамнотежа е нарушена, што доведува до промени во однесувањето“, вели Тина Мијат, психолог во градинка во Загреб. Таа опишува како изгледаат вообичаените реакции на детето кое допрва треба да се приспособи на престојот во градинката.

Во текот на процесот на приспособување детето може да плаче при подготовката за градинка, при одвојувањето од родителите и во текот на престојот во групата, да протестира, бурно да реагира, да има напади на бес, да биде раздразливо, да напаѓа, да биде безволно или повлечено. По правило, зад агресивното однесување, како што се гризењето и удирањето, всушност се крие фрустрацијата од премногу социјално-емоционални барања, меѓу кои и пораките „биди добар“, „споделувај со другите“, „слушај“, или фрустрацијата кога детето не го добило она што го сакало. Можни реакции се и будење во текот на ноќта, незборување за случките во градинка…

Некои деца се посклони кон реакции на физиолошки план, на одбивање храна, одмор, задржување на столицата и слично, а други се склони кон реакции во надворешното однесување, како што се плачење, агресивност или пасивност. Една од можните реакции е и регресија во однесувањето – враќање на незрело однесување, па детето на пример повторно почнува да мокри в кревет, да го цица палецот, да бара цуцла и слично.

Реакциите може да се јават веднаш или по неколку дена

„Таквите промени во однесувањето“, објаснува психологот, „се од минлив карактер и се нормални реакции во процесот на приспособување. Тие ќе исчезнат кога детето ќе се приспособи на новата средина, односно кога ќе се чувствува сигурно. Кај повеќето деца реакциите се јавуваат веднаш на почетокот, а кај некои по 2-3 или дури една недела престој во градинка, кога детето ќе сфати дека градинката ќе му стане секојдневие. Тие реакции ќе траат сѐ додека детето и неговиот воспитувач не воспостават врска и доверба. Приспособувањето е готово кога детето ќе почне спонтано да ги изразува своите чувства, потреби, мисли и активно ќе учествува и покажува интерес за активностите во групата“.

А како да му се помогне на детето да се справи со оваа голема промена и бурните чувства?

Тина Мијат истакнува дека е важно да не се омаловажуваат стравот и тегобите на детето, туку да се поттикнува да каже што го мачи и да прашува кога нешто му треба.

„Пораките со кои ќе му помогнете на детето се, на пример: Во ред е да плачеш ако си тажен/а – Како можам да ти помогнам? – а секако избегнувајте споредување со другите деца, забрани, наредби и прашања како – Дали беше добар? Потребно е да се биде трпелив, да се има разбирање за однесувањето на детето, за она што го прави и зборува, како се чувствува. Дајте му време на детето, разговорот за градинката нека биде негов поттик“, советува психологот.

На родителите, исто така, им препорачува да испланираат заедничко време со детето по доаѓањето од градинка, со многу релаксирачки игри и галење, а и да не воведуваат нови промени во животот на детето во тој период бидејќи самата градинка за него е голема промена и тука ќе треба повеќе да се работи.

Автор: Ана Доклер

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top