Воспитување

Приказна за момчето кое било толку луто што почнало да ја удира мајка си

Луто дете е дете кое е исплашено, тажно и не е во состојба да ја објасни оваа емоција со зборови, па тоа го прави на единствениот начин што го знае – со бес

Лутото дете обично се чувствува како да му е одземено, забрането, нешто што му е многу важно, а чувствува немоќ за да се избори со тоа. Денес ќе ви зборуваме за едно луто дете. Ќе го нарекуваме Марко. Марко има 2,5 години. Тоа е дете како секое друго. Весело, разиграно, понекогаш луто, тажно, бесно. Нашата приказна започнува еден ден кога Марко силно, силно, СИЛНО сакал нешто што не можел да го добие. Мајката јасно му го кажала тоа, но тој многу се налутил и почнал да ја удира.

Неговата мајка цврсто го фатила за рацете и му зборувала смирено, но одлучно: „Нема да дозволам да ме удираш. Тоа ме боли“. Кога веќе не можел да ги користи рацете за удирање, Марко почнал да ја шутира мајка си. Мајката, разбирливо, има силна желба да му возврати, но е свесна дека родителите, иако не би требало да го игнорираат ваквото однесување, не треба да одговараат со „враќање“.

На децата им се потребни нашите јасни, недвосмислени ограничувања кога нивното однесување е надвор од контрола. И потребна им е нашата помош за да сфатат што чувствуваат, да научат како да управуваат со сопственото однесување. Мајката малку се повлекува и Марко не може да ја дофати, па почнува да се смее и да цели. Оваа насмевка дополнително ја лути мајката и се прашува дали сепак би требало да го научи така што ќе му го возврати ударот?

Но, Марко не се смее затоа што ужива во тоа што го прави. Тој е толку вознемирен што не може да ги отпушти вентилите и да заплаче. Неговата насмевка всушност е одбранбена реакција со која се обидува да се оддалечи од својата напнатост и лошите чувства. Мајката, и понатаму лута, се потсетува себеси дека Марко е изморен и гладен. Длабоко воздивнува и си повторува: „Тој се однесува како дете, бидејќи е дете!“ Вложува голема енергија и самоконтрола, зема длабок здив и со избалансиран глас одговара: „Се смееш, но се обидуваш да ме удриш… и тоа воопшто не е смешно! Вознемирен си и лут“.

Марко почнува посилно да шутира, а мајката повторно, уште поодлучно, но нежно вели: „Не! Не удирај ја својата мајка кога си лут!“ Марко малку се смирува, а мајката го користи тој момент и вели: „Толку си лут што сакаш да ме повредиш. Баш си многу вознемирен!“ Марко и понатаму удира со нозете, но малку побавно, бидејќи сфаќа дека мајка му го разбира.

Неговата мајка продолжува, клекната покрај него гледајќи го в очи: „Да, вознемирен си и мислиш дека мама не е фер!“ Тој гледа во очите на мајка си и почнува да плаче. Мајката го прегрнува, а тој и понатаму плаче. Тоа трае некое време, а се чини дека ќе трае засекогаш. Конечно се смирува и плаче по малку. Во тој момент, не претходно, мајката вели: „Беше толку тажен и лут…“ Марко има сила само да потврди: „Да…“ Таа понатаму вели: „Да, беше тажен и лут, повреден, па сакаше да ја повредиш мама, така е?“ Марко се загледува во неа. Мајката знае да воспоставува врска: се чувствувал повреден, па сакал да ја повреди. Марко го сокрива лицето во рамото на мајка си.

Таа продолжува со топол глас: „Сега го криеш лицето бидејќи ти е жал што ме повреди, нели? Сега сум добра. Но, кога ме удираш, ме боли. Наместо да ме удриш, кажи ми зошто си вознемирен. Или, ако не можеш да кажеш, силно удри со нозете по подот или цврсто фати ја мојата рака. Но, немој да ме удираш“. Марко сè уште е во скутот на мајка си и силно удира по бетонот. Мајката: „Да, драги, можеш да удираш со нозете по подот кога си лут. А што е со удирање луѓе?“ Марко: „Не“. „Така е“, возвраќа таа, „нема веќе да ја удираш мама. Мислам дека сме и гладни и изморени. Одиме дома“.

Што научил Марко од оваа ситуација:

– Дека неговата мајка е таа што ги поставува границите за неговите постапки за да се зачува себеси и другите околу себе, што е големо олеснување за него.
– Дека неговата мајка разбира кога тој се вознемирува и му помага да се избори со чувствата.
– Дека она што го боли однатре може и смее да го исфрли надвор.
– Мајката е некој што го штити и се грижи за неговата среќа, дури и кога мора да каже не.
– Дека е лице со целосна палета на чувства – лутина, бес и сите други и дека тоа е во ред.
– Дека емоцијата може да се контролира.

И можеби најважно: да, без разлика на тоа што се случило, љубовта на неговата мајка кон него е безусловна.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top