Родителството некогаш се чини како Сизифовска работа, без оглед на возраста на детето. Не само што постои голем притисок, туку и се чувствувате како непознатите луѓе, членовите на семејството и пријателите постојано да ве критикуваат.

Ако сте вклучени во животите на вашите деца, тогаш може да слушнете дека сте хеликоптер-родители и дека воспитувате кревко и чувствително дете. Од друга страна, ако му давате слобода на детето и го оставите само да сфати некои работи, тогаш сте невнимателни и не се грижите. Кога станува збор за одгледување на децата, се чини дека секогаш постои некој што ќе ви каже дека правите нешто погрешно.

Но, некои проблеми, како разгалувањето, настанале токму поради родителите. И да не настанале, одговорност на родителите е да го решат. Иако децата од некој друг можат да научат лошо однесување, гледајќи телевизија или во градинка/на училиште, родителите ја носат вината доколку не му стават крај на проблемот.

– Не е фер, но тоа е начинот на кој функционираат работите. Ако не ги научиме децата поинаку, никој нема да го направи тоа наместо нас – вели Елејн Рос Гликман, авторка на популарната книга „Твоето дете е разгалено и тоа е твоја вина“.

Прочитајте што таа смета дека родителите на разгалени деца го прават, а што треба да променат.

1. Мислите дека детето се изразува на тој начин

Ако вашето дете гризе, плаче и удира, а вие едноставно велите: „Тоа го прават малите деца, фаза е, ќе помине“, може да значи дека имате проблем. Дури и кога станува збор за многу мало дете, мора да одредите последици за него, без секогаш да го прегрнувате и да му велите: „Душо, што се случи, дали си лут/а? Кажи ми, зошто гризеш? Тажно си?“

Ели Гликман објаснува дека ако децата не се чувствуваат одговорни за своето однесување, тогаш, за жал, ги претворате во разгалени деца.

2. Не им дозволувате да растат

Многу родители не се способни и не сакаат да ги остават своите деца да растат. Ако родителите не им дозволуваат на своите деца да преземат одговорност, тие не знаат што е независност и немаат самоконтрола, па заостануваат во својата зрелост.

– Кога имате дете од осум години кое не може да излезе на крај со тоа дека не е секогаш по негово и нема секогаш да го добие она што го сака, мора да сфатите дека вие како родител имате голем дел од вината за таквото однесување – објаснува Гликман.

3. Вината ја барате на друго место

Кога децата гледаат телевизија со содржина што не е соодветна за нивната возраст, почнуваат да се однесуваат така. И да, не е вина на родителите што децата имитирааат такво однесување. Но, гледањето таква содржина е одговорност на родителите и тие треба или да го ограничат она што го гледаат децата или да разговараат за тоа што го гледаат и да им кажат дека нивното однесување е неприфатливо.

4. Имате искривено чувство за родителство

За да бидат добри родители, многу мајки и татковци веруваат дека им се потребни на своите деца во секое време. Всушност, родителот треба да биде способен да се „тргне“ од оваа улога и да размислува за себе како родител на детето, а не негов најголем обожавател и поддржувач. Ова ќе му овозможи да го погледне објективно детето и да го промени начинот на кој размислува.

5. Поттикнувате чувство на „право“

Никој не сака постојано да му вели на детето не. И самите деца не сакаат кога некој ќе му каже не. Затоа, кога децата се навикнуваат да го слушаат зборот да, тоа им дава чувство на право.

– Кога нашите деца плачат по нешто и ние тоа ќе им го дадеме, им создаваме чувство дека имаат право на нештото. Тие навистина сакаат нешто и се способни да плачат за тоа додека не го добијат, а знаат дека ќе го добијат. Децата не треба многу често да се стекнуваат со вакво право – вели Гликман.

6. Ги оправдувате само затоа што се мали

Само затоа што вашето дете е мало, не значи дека не треба да знае за дисциплина. Дури и ако нешто е развојно соодветно, тоа не значи дека е прифатливо. Родителите треба да го научат детето што е правилно, а што не. Постојат одредени однесувања, како гризење или удирање, што очекувате да ги видите кај мало дете, но треба да ги решите, во спротивно ќе продолжат.

7. Му дозволувате да ви се обраќа на лош начин

Ако детето ве нарече глупав/а, тоа нема почит кон вас, другите возрасни и врсниците. Ако бара работи без да ве праша или да ви се заблагодари – а вие не правите ништо за да го спречите однесувањето, разгаленото однесување станува ваша вина.

– Кога му дозволувате на детето да разговара со вас на начин на кој не би му дозволиле ни на вашиот партнер, пријател или кој било друг, тоа е уште еден знак дека вашето дете е разгалено – објаснува Гликман.

8. Не сте свесни за такво однесување на рана возраст

Дури и кога вашето дете е бебе, треба да бидете свесни за однесувањето што би можело да го усвои.

– Секогаш треба да размислувате за ова ако сакате вашето дете да биде љубезно и пристојно. Дури и кога децата се многу мали, им даваме избор како да се однесуваат.

9. Не ја гледате пошироката слика

Разбирливо е да сте пристрасни кон вашето дете, но на тој начин му правите лоша услуга. Поради тоа, преминувате преку разгаленото однесување и го оправдувате однесувањето на детето во многу ситуации. Вашето дете веројатно не е секогаш разгалено, но само затоа што често ве „маѓепсува“ со своето однесување, не значи дека во некои ситуации не се однесува разгалено. Кога ќе ја согледате пошироката слика, можеби ќе препознаете кога станува збор за разгалено однесување и ќе направите промени.

10. Не се справувате добро со јавните испади на бес

Ако ги игнорирате јавните испади на бес и не го тргнете детето настрана, туку одлучувате да продолжите со купувањето како ништо да не се случува, тогаш го учите дека може да се однесува како сака и дека е во ред да нема разбирање кон другите луѓе.

– Чувствата на детето, желбата да ја изрази својата лутина или фрустрации и вашата желба да ручате во јавност, ништо од тоа не го надминува правото на другите луѓе да јадат на мир – вели Гликман.

11. Се плашите да бидете „груби“

Премногу размислувате, ги анализирате сите работи и се грижите дека дисциплинирањето ќе му наштети на детето на долг рок. Имајте на ум дека зборот „не“ нема да ја уништи самодовербата на детето, а границите што ги поставувате нема да ја уништат поврзаноста што ја имате со детето.

– Ќе го научите доживотно да се однесува културно, љубезно со другите луѓе и ќе ги почитува другите луѓе, а тоа е она што навистина го сакате. Децата нема да се сеќаваат кога ги испраќате в соба наместо да ги оставите да се „изразат“ фрлајќи се на под. Она на што ќе се сеќаваат е дека имале родител што ги сакал, кој поставил граници и ги научиле како подобро да се однесуваат.

12. Се однесувате премногу заштитнички

Ако се однесувате премногу заштитнички и ги „чувате“ децата од природните последици на нивните постапки, вие ги спречувате да научат какво е чувството ако не се спремни навреме или ако не ги исполниле своите обврски. Ако вашето дете е заштитено во смисла дека не знае што ќе се случи ако не ги исполни своите обврски, тоа нема да научи да биде одговорно. Децата треба да знаат кога сте разочарани затоа што не направиле нешто и дека очекувате да ги поправат работите.

13. Не сакате да бидете „шеф“

Не се двоумете да бидете „главни“ кога станува збор за вашето дете. Разгаленото однесување секогаш е делумно предизвикано од однесувањето на родителите кои не сакаат да им бидат „шеф“ на децата. Не мора секогаш да преговарате со децата или да објаснувате за да се согласат.

– Ако го држите авторитетот во границите и го сакате вашето дете доволно за да бидете „шеф“ и го сакате доволно за понекогаш да правите работи што нему не му се допаѓаат, но знаете дека се во негов интерес – тоа значи да се биде родител – објаснува Гликман.

Извор



912

X