Во денешното општество детето што е мирно, послушно, сè разбира и никогаш не прави проблеми, често е пофалено како модел за успех. Родителите се гордеат со неговата зрелост. Но, детските психолози и терапевти предупредуваат на еден друг факт: дете и зрелост не одат заедно. Изразот „зрело дете“ не е природен. Зад таа маска на совршено и разумно однесување најчесто се крие дете на кое предвреме му е украдено детството.
„Лажното јас“: Кога детето мора да се откаже од себеси за да биде сакано
Кога семејната средина е нестабилна, напната или кога емоционалните потреби на родителот се преголеми, детето инстинктивно се приспособува за да преживее. Тоа развива т.н. „лажно јас“. Ова се случува кога детето чувствува дека нема безбеден простор да ги изрази своите природни детски потреби, плачот, бесот, несигурноста или хаосот.
Тоа многу рано учи да ги чита емоциите на своите родители. Учи да молчи, да ги штеди сопствените родители и да презема одговорности кои не се за негова возраст. Ова не е зрелост, туку присилен тренинг. Детето сфаќа дека е прифатено и сакано само тогаш кога не пречи и кога ги исполнува очекувањата на возрасните.
Кои се последиците во возрасната доба?
Детето што постојано е добро и разумно не е силно, туку едноставно морало такво да биде. Бидејќи нема простор за грешки, тоа го потиснува својот стрес. Психолошките истражувања покажуваат дека овие прерано пораснати деца, кога ќе пораснат, многу почесто се соочуваат со:
- анксиозност и депресија: поради долгогодишното потиснување на сопствените желби и емоции;
- емоционална дистанца: тешко градат блиски односи бидејќи научиле дека е најопасно да покажеш ранливост и да побараш помош од некој друг.
- емоционална празнина: состојба во која човекот однадвор функционира совршено и успешно, но однатре се чувствува празен бидејќи одамна го изгубил контактот со сопственото битие.
Честопати, во текот на животот, овој оклоп пука и тогаш се јавуваат сериозни психички или физички симптоми.
Раната сериозност кај децата не е дар што треба да го поттикнуваме. Таа е црвен аларм дека детето морало прерано да порасне за да ги заштити своите родители или да ја заслужи нивната љубов.
Како родители и педагози, наша главна задача не е да одгледаме совршено послушни и презрели роботи. Највисоко на листата со приоритети треба да ни биде прашањето: Дали моето дете има дозвола од мене да биде дете? Дали има дозвола да згреши, да биде бучно, да направи неред, па дури и да се расплаче во моите прегратки, знаејќи дека мојата љубов кон него е безусловна? Дозволете им на децата да го живеат своето детство, тоа е единствениот темел за здрава и стабилна личност во иднина.