Цел живот се грижи. За мајката, за таткото, сестрата, братот, бабата, дедото, роднините. Важи за онаа добрата, на услуга на сите. На кој ѝ да му треба, ја повикува. Тука е за свадби и погреби. Сѐ може, и она што другите во семејството не го можат, таа го може. Нејзиниот грб е силен. И нервите. И главата.

Долго не стигнала да се праша за тоа што нејзе ѝ треба, доволно е другите да се среќни. Нека се само живи и здрави, одамна е поклопена теглата каде што ги оставила своите желби и потреби. Кога ќе дојде редот за неа, тогаш. Полека. Искрено, не ни знае што сака. Сега. Кога ќе си го постави тоа прашање – тишина. Кога ќе ја прашаат што да ти купам, одговара „што било“. Но, затоа знае кој сака слатко, а кој солено, на кого му е омилен кој колач, а на кого овошје. Кој сака со него да се смее, а кому му е потребна да го сослуша и да тагува. На сите им дава што им треба.

Професионална проценителка на туѓите потреби. Непогрешлив форензичар за туѓите причинители на тага и страв. Спасителка и помагач.

Добар човек. Бидејќи, мисли таа, дека сите би го рекле прво тоа за неа. Да се биде добар човек е главната цел. Кога си добар човек никој не може да ти најде маана и секаде се вклопуваш, си мисли. Да, секаде, освен со себе. Бидејќи на сите им дава што им треба, освен на една личност – себеси. Неа ја исклучила. Одамна. Всушност, не се сеќава дека некогаш и ја вклучила. Нејзе ѝ е доволно другите да бидат среќни, тогаш мирно спие, така вели.

Уште тогаш која ја почувствувала првата вина поради расправиите на родителите, па одлучила да ги земе работите во свои раце, почувствувала што е мир кога мајката не е тажна, а таткото лут. Полека ја презела одговорноста за братот и сестрата, за да не ја растажат мама и да не го налутат тато. Ако јас бидам добра, си мислела, и направам сѐ за тие да бидат среќни, семејството ќе остане заедно. Мајката плачеше пред неа поради таткото, а таа се нервираше. Ништо не боли толку како мајчините солзи поради таткото. Никогаш нема да ја напуштам, бидејќи ако ја напуштам, кој ќе се грижи за неа? Ох, но и ова не е фер кон тато. Се обвинувала.

И така, им палела светла на сите околу себе, бидејќи тие не можат сами, а таа може сѐ, сѐ додека нејзините светла не згаснаа. Додека душата не ѝ оболе, а потоа и телото. На добрите луѓе тоа не им се случува, си мислеше. Каде се сега другите кога мене ми требаат: ги задолжила, си мислеше. И некако и во оваа нејзина неволја излезе подобар човек од нив. Таа никого не би оставила како другите неа. Тогаш не сфаќаше дека другите, во меѓувреме, ги изградија своите животи. Дека не ни знаат како да ѝ помогнат бидејќи таа помагајќи им ним, изгради огромен ѕид. Ѕид преку кој ниту другите, а ниту таа нема да ја види својата осаменост, исплашеност и неснаодливост. Другите, тие исти други, не ни знаат дека ѝ требаат, бидејќи цел живот на нејзината врата пишувало: сѐ можам сама.

Ѝ требаше многу работа да сфати дека е злоупотребена, во една игра која се вика „парентификација“.

Стана родител на родителите и така ја изгуби потпората од нив.

Тоа беше првата неправда што ѝ беше нанесена, а потоа продолжи таа неправда да си ја нанесува себеси целиот живот, одбирајќи да се движи во една рамка што ѝ е позната. На детето да му биде безбедно да биде дете, да расте и да се развива, потребно му е да се потпре на родителите. Ѝ требаше многу време да сфати дека се занимава со другите затоа што се плаши од самостојност. Да живее туѓи животи затоа што се плаши од својот.

Дека толку долго верува оти надвор од семејството е безвредна, дека оваа болна рана ја сокрила таму каде што е тешко да се најде, во уверувањето дека е премногу вредна за другите. Дека без неа не можат. Дека поради неа се тажни. Дека кога се лути, се лути поради неа. Дека е во центарот на вниманието на другите луѓе и нивните светови. Најдобрата работа што ѝ се случила било да сфати во каква заблуда е. На некои им е потребно да ја удрат главата во ѕид за да се сетат дека постојат. На другите им е потребна таа, бидејќи никогаш навистина не ги имала. А без другите, другите на кои може да се потпре, не може да се порасне и да се изгради сопствен свет. Сега само да научи да бара помош, да не чека да се сетат на неа. Да се сети самата на себе. Единствено така и другите може да се сетат на неа.

Бидејќи за никого не сме вредни ако не сме за себе. Тоа е основниот закон на кој почива секое давање. И примање.

Автор: Љиљана Милиќ

Извор



912

X