Застанав во одбрана на девојче и така се вклучив во маѓепсаниот круг и станав жртва на тоа онлајн насилство, вели инфлуенсерката Милена Пајовиќ.

Девојче од Будва 2,5 месеци била малтретирана од врсниците преку социјалната мрежа „Тик-ток“. Најпрвин бил направен лажен профил под нејзиното име на кој била објавена вулгарна и недолична содржина, а потоа била објавена лажна објава за нејзиното исчезнување. Прогонот на девојчето продолжува со постојано објавување информации и снимки за нејзиното движење, додека семејството добивало закани дека навистина ќе исчезне и дека никој не може да ѝ помогне. Девојчето, нејзиното семејство и оние што се обиделе да ѝ помогнат преживеале траума.

Зад таа девојка застанала Милена Пајовиќ.

„Случајот го пријавивме во полиција, но процедурите за откривање на идентитетот на лицето кое стои зад профилот се доста комплицирани. Буквално половина година не можевме да дојдеме до сторителот на тоа злосторство. Можам да кажам, прилично непријатна ситуација… Се чувствувате незаштитено, несигурно, вашата безбедност е загрозена затоа што не знаете кој стои зад профилот“, вели Пајовиќ, која поради природата на својата работа многу добро знае што значи интернет-насилство. Но, кога вакво нешто ќе им се случи на децата кои се ранливи и кои не се психички подготвени за напад, тогаш последиците може да бидат сериозни. Овој случај моментално е на суд и е само еден пример за опасностите што ги носи најпопуларната светска мрежа.

И покрај тоа што многумина мислат дека „Тик-ток“ е платформа за креативно изразување, изразување таленти и забава, најголемото внимание на корисниците на оваа мрежа го добиваат несоодветните содржини. Една од проблематичните форми се т.н „предизвици“ кои често се бизарни и опасни. Тие носат лајкови и виртуелна популарност, но можат да завршат фатално. Сѐ почесто се случува со оваа социјална мрежа да се поврзуваат одредени смртни случаи на малолетници во светот.

Психологот Милица Пусоњиќ смета дека „Тик-ток“ е проблематичен од повеќе аспекти. Главниот проблем, како што наведува, е „големата количина на содржини што не се соодветни за деца и млади“.

„Често се промовираат ризични однесувања, а често корисниците кои одговараат на предизвици завршуваат со повреди, додека во неколку екстремни случаи таквите потфати завршуваат со смрт. Покрај проблематичната содржина на која се изложени децата и младите, корисниците на оваа мрежа често се изложени на предатори поради несоодветни основни поставки во самата апликација, што ги прави нивните лични податоци лесно достапни“, вели таа. Но, како што наведува, „она што се случува во онлајн светот е само одраз на она што се случува во општеството воопшто“.

„На интернет може да се случат сите видови непријатни искуства, насилство, вознемирување, злоупотреба, експлоатација, што децата можат да ги искусат на училиште, дома или во која било средина. Сторителите можат да дистрибуираат видеоматеријал поврзан со сексуално вознемирување, да ги виктимизираат децата преку стриминг во живо на социјалните мрежи, односно со содржината што ја пласираат или да ги уценуваат на различни начини“, вели Пушоњиќ.

Популарните предизвици што го преплавија интернетот ги гледа како потреба на младите да се докажат и да се истакнат. „Желбата за прифаќање, истакнатост и слава ќе ги наведе адолесцентите и децата да пробаат речиси сè. Често, колку е нешто поопасно, толку повеќе се подготвени да се обидат. Тоа го докажува и фактот што необичните, застрашувачки и страшни видеа ја привлекуваат публиката. Изградбата на подобар виртуелен свет подразбира свесност за оваа појава и давање поддршка на оние што се изложени на ризик, а адолесцентите се особено ранлива група“, вели Пушоњиќ. Иако минималната возраст за отворање профил на „Тик-ток“ е 13 години, тоа не е пречка за илјадници мали деца на Балканот да пристапат до апликацијата. Неодамнешното истражување на БИРН покажа дека повеќе од две третини од родителите изјавиле дека нивните деца отвориле профил пред да наполнат 13 години, со што ги прекршиле условите за користење. Многу од тие деца секојдневно го посетуваат „Тик-ток“.

„Децата до 13 години не се ментално зрели и способни да ги надминат сите предизвици и злоупотреби што демнат на социјалните мрежи, поради што дополнителна одговорност имаат родителите“, вели Лепа Жуњиќ од Здружението на родители, која потврдува дека тие често бараат помош. Родителите, меѓу другото, се жалат на недостиг на внимание и концентрација кај децата, а за тоа значително придонесува навиката да се гледаат разни видеа кои се многу кратки и со многу содржина.

„Исто така, по толку различни содржини и брзина, реалниот свет им изгледа досаден на децата, па едвај чекаат да се вратат пред екраните“, објаснува Жуњиќ, укажувајќи на растечкиот страв на родителите дека нивните деца се изложени на ризик од интернет-зависност. Според неа, „Тик-ток“ води до зависност побрзо од другите мрежи, бидејќи едно видео заменува друго, теми кои се слични, различни предизвици кои ги мамат децата да прелистуваат, сето тоа ги тера децата да ја изгубат свеста во реално време.

Бобана Радовиќ од „Дигитализирај.ме“ кажува дека сѐ повеќе се зборува за зависност од социјалните мрежи, развој на девијантно однесување поради несоодветна содржина, формирање на искривена слика за светот и други нарушувања во однесувањето кои се тесно поврзани или произлегуваат од несоодветна употреба на социјалните мрежи. Таа го објаснува ова со фактот дека младите што користат „Тик-ток“ се лесна цел во случај на намалена родителска контрола и фактот што нивните личности сѐ уште не се формирани. „Сè се случува брзо на Тик-ток, така што незабележаната можност за злоупотреба е значително поголема“, смета Радовиќ.

Соговорниците се согласуваат дека покрај медиумската писменост, исклучително важна е и улогата на родителите во однос на поставувањето граници и надзор на содржините што децата ги гледаат. „Пред сѐ, треба да ја подигнеме свеста за фактот дека денес медиумите и социјалните мрежи се неизбежен канал на комуникација меѓу децата и младите. Затоа, речиси е невозможно да се укинат социјалните мрежи за децата бидејќи тие станаа дел од општествениот живот во кој растат. Затоа е многу важна медиумската писменост кај децата и младите, но и кај родителите. Важно е како родители да ги истражуваме социјалните мрежи што ги користат нашите деца, да запознаеме сè што тие имаат да понудат и потоа да разговараме со нив за тоа. Важно е сите да се запознаеме со заштитата, особено со приватноста, кои веќе постојат на социјалните мрежи, за да можеме подобро да ги заштитиме нашите профили“, вели Лепа Жуњиќ.

Тоа активно учење за дигитализацијата мора да стане дел од системот, смета Бобана Радовиќ. „Факт е дека образовниот систем мора да се приспособи на новите околности, неопходно е родителите да ги следат интересите на своите деца, а државата да создаде контролни механизми кои ќе го заштитат општеството од можни злоупотреби. Неопходни се и соодветни законски прописи и казнена политика за да се подобри заштитата на сите корисници на социјалните мрежи“, вели таа.

Довербата и отворената комуникација се најважни, според психолозите. „Мислам дека клучот е да се едуцираат, да се обезбедат точни и проверени информации од проверени извори и да се создаде атмосфера на доверба и поддршка за да имаат слобода да разговараат со возрасните за сè што се случува во нивните реални и онлајн животи“, вели Милица Пушоњиќ.

На тој начин, додава таа, се отвораат можности за превенција, но и за рани интервенции доколку има непријатно искуство на социјалните мрежи и воопшто во онлајн светот. Експертите посочуваат дека наместо целосно да се забрани користењето на социјалните мрежи, поважно е младите да се научат како да ја користат апликацијата и да се охрабрат да не ги ризикуваат своите животи под притисок на општеството, одговарајќи на предизвици заради виртуелна популарност.

Автор: Јелена Божовиќ

Извор



912

X