Воспитување

Предизвиците на самохраните татковци во Србија

Ако татковците, како што забележал писателот Пем Браун, се најобични мажи кои љубовта ги претворила во суперхерои, авантуристи, раскажувачи на приказни и најдобри пејачи, тогаш дефинитивно престануваат да бидат обични кога се сами во таа работа. Бидејќи кога се сами, татковците мора да бидат уште похрабри, поавантуристички настроени, поголеми раскажувачи и пејачи. Иако се чини дека има многу помалку самохрани татковци отколку мајки, статистиката покажува поинаку. Од околу 60.000 самохрани родители во Србија, дури една третина се татковци, но претседателката на Здружението на самохрани родители на Србија, Вера Тотиќ, вели дека тие се помалку видлива категорија во општеството.

– Општеството речиси го негира нивното постоење, медиумите ретко нè информираат за нивните проблеми, а бидејќи поретко се експонираат, остануваат во сенка – тврди Тотиќ.
Од друга страна, клиничкиот психолог и конструктивистички терапевт Леонора Павлица не се согласува со констатацијата дека тие се на маргините.

Нема поголема потреба во детството од татковската заштита – Сигмунд Фројд

– Напротив, ретко ќе видите прилог посветен на некоја конкретна самохрана мајка. Истовремено, целосно внимание им се посветува на татковците… кои се опишуваат како храбри, пожртвувани, дури и бедни, во сомилосна смисла на зборот. Тие се некаков вид „егзотика“ на ова поднебје, па со името и презимето добиваат поддршка и разбирање – истакнува таа.

Ако се согласиме дека вистината е некаде на средина, дека суштината е дека се забележани, но и дека би можеле да добијат и поголемо внимание, ајде да видиме како изгледа животот на самохраните татковци, низ што поминуваат на патот полн со родителски предизвици, дали се построги или попопустливи кон децата, понежни или повоздржани во изразувањето емоции.
Сигмунд Фројд рекол дека не може да замисли ниту една поголема потреба во детството од онаа за татковска заштита. Со тоа овој психоаналитичар не ја исклучил улогата на мајката, чие отсуство (од која било причина) би морало да се надомести со двократно позаштитничка позиција на таткото. Но тоа не е секогаш ниту можно ниту реално.

– Припадниците на посилниот пол природно се посилни и погорди, што често ги спречува да признаат дека не им е лесно сами да се грижат за децата. Навикнале да бидат столбот на семејството во материјална смисла, да го издржуваат, но ако притоа треба да се занимаваат и со домашните работи, да им помагаат на децата во училишните задачи, да се грижат за сите нивни потреби, логично е дека некаде ќе бидат помалку „совршени“ – вели Тотиќ и открива дека на татковците најтешко им паѓаат готвењето и пеглањето.

Петар Митровиќ (40), самохран татко од Белград, признава дека сè би направил за својата ќерка, но дека често нема време да ја земе од училиште поради својата секојдневна десетчасовна работа.
– Не можам да се потпрам на алиментацијата од жената, а сакам моето девојче да има сè за пристоен живот. Поради тоа, работам и повеќе отколку што морам за семејството да биде функционално, па се случува често тоа да биде на товар на квалитетно поминатото време со ќерката. Единствено во викенд можам да ѝ се посветам онака како што сакам – вели тој.
– Извршувањето на воспитната, хранителската, негувателската, емотивната и другите функции е предизвик и за брачните двојки, а со тоа и за самохраните родители, независно од нивниот пол. Кога ќе видиме самохрана мајка, првата помисла е – „ќе се снајде таа“. Наспроти тоа, таткото по автоматизам предизвикува реакција „мора да му е многу тешко“. Бидејќи тоа и натаму е атипично за овие простори, околината почесто ги зема под закрила, сочувствува со нив и им помага – нагласува Павлица.

Самохраните татковци истовремено можат да бидат и екстремно попустливи и екстремно строги кон своите деца

Милован Јериниќ (52), кој живее во околината на Белград и сам ги расте својот син и ќерка, вели дека има чувство дека кон девојчето е претерано попустлив и нежен, а кон момчето многу построг.
– Знам дека ни едното ни другото не е добро, но така е. Чувствувам некаков вид сожалување кон ќерката бидејќи расте без женска фигура, па ѝ ги задоволувам сите барања. Таа често ја злоупотребува мојата слабост. Од друга страна, од синот очекувам да биде поцврст од мене, несвесно скратувајќи му нежност и топлина – вели тој.

Истражувањата покажуваат дека самохраните татковци истовремено можат да бидат и екстремно попустливи и екстремно строги кон своите деца. А кој воспитен стил ќе го практикуваат, според Павлица, зависи од личноста и од основните уверувања.
Една од честите предрасуди е дека мажите се „тешки“ при изразувањето емоции и нежност, но дека постојат и исклучително топли татковци, како и студени мајки. Меѓутоа, дали работите се комплицираат кога таткото сам воспитува девојче?

– Сетете се како до неодамна изгледаше прототипот на српско семејство – татко кој „оправдано“ е отсутен бидејќи работи за да го прехрани семејството и мајка која е нонстоп дома и ги негува своите деца. Во таков поредок никој не се прашуваше дали тоа е погубно за психолошкиот развој на момчињата што растат првенствено покрај женска фигура и немаат пример за идентификација. Според тоа, не гледам дека би требало да има проблем ни во обратни околности. Дополнително, многубројни истражувања покажуваат дека самохраните татковци побрзо влегуваат во нови врски отколку самохраните мајки, па новите женски фигури се потенцијални модели за пренесување на половата улога – вели соговорничката.
– Ако таткото е присутен, грижлив и одговорен кон своето дете, ако постепено и ненаметливо ја воведува новата личност во неговиот свет и ако таа се однесува во најдобар интерес на детето, нема причини порано или подоцна да не дојде до прифаќање – препорачува Павлица.

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top