На одредена возраст сите мислиме дека сме експерти. Без разлика дали сме во брак, разведени, повторно венчани или никогаш не сме се венчале, веруваме дека знаеме што треба да прават сите други за овие работи, како и за огромен број други работи – од работа до лични животни избори. Имаме совети за пријателите, соработниците, познаjниците и, се разбира, за нашите возрасни деца.

Дали имаме кристална топка преку која можеме да ја видиме иднината? Сигурно не. Дали веруваме дека сме во право? Да. Дали сме во право? Тоа е тема отворена за дебата.

Кога треба да им дадете совет на вашите возрасни деца?

Земете предвид како се чувствувате кога ќе се вратите дома, а нешто тргнало наопаку во вашиот ден и вие возбудено му раскажувате на вашиот партнер за тоа. Сакате совет во тој момент? Можеби, но често само сакате да се искажете. Размислете како ви е кога вашиот партнер ќе почне да ви ги решава проблемите, т.е. ви нуди несакани совети. Ако сте како повеќето луѓе, тоа е вознемирувачко: „тој мисли дека знае подобро од мене“, „таа не разбира што ми треба“ итн. Уште полошо, доаѓате дома и разговарате за проблемот, за кој веќе сте презеле чекори за да го решите, а партнерот ви кажува или имплицира дека сте направиле погрешна работа или сте можеле да постапите подобро. Тоа е дефинитивно основа за бес.

Така се одвиваат слични разговори и со возрасно дете. Децата често стануваат многу повознемирени кога родителот почнува да му дава совети или да му суди за постапките. И тука лежи проблемот со кој се соочуваме кога се занимаваме со нашите возрасни деца. Бидејќи честопати сè уште ги сметаме за деца, па лесно е да веруваме дека им треба нашето водство и мудар совет кога се соочуваат со големи одлуки и тешки ситуации.

Вежбајте воздржаност со едно промислено прашање

Кога се соочувате со ситуација во која вашето дете ќе направи нешто (или направило нешто), а е поврзано со нешто што го сметате за проблематично, или размислува за некоја голема одлука (брак, купување куќа, промена на работа), мора да размислите за ова едно прашање пред да го понудите вашиот совет:

„Дали би сакал да знаеш што мислам?“

Ова прашање е исто така белешка за себе: само ќе проверам дали сакаат да дадат информации бидејќи се потсетувам дека немам контрола над сето ова и секако не сакам да влегувам во конфликт со моите деца. Вашето дете пораснало… не мора да слуша што велите вие.

Постојат многу начини да се постави ова важно прашање

Можете исто така да размислите за варијации на прашањето, како:

„Што ти треба во моментов? Дали сакаш предлози?“

Понекогаш гледате дека вашето дете би сакало поддршка за неговата гледна точка, со која вие не се согласувате. Ова е тешко затоа што не сакате да лажете и тешко е да изразите мислење за кое знаете дека нема да биде добредојдено.

Молчењето вреди злато. Или речете: „Кажи ми повеќе за твоите мисли“.

Некои луѓе веруваат дека ако возрасното дете сака да направи нешто што изгледа како ужасен избор, родителска должност е да интервенира. Не е така. Освен ако вашето возрасно дете не е тотално лудо, тоа знае дека има проблем и не му требаат мама или тато да му го решат. Вашето дете вообичаено знае што мислите вие, нели? Може да го препознае тоа по изгледот на вашето лице, звукот на гласот по телефонот или колку време ви е потребно да одговорите на неговата порака.

Секогаш можете да одвоите време за да размислите дали да реагирате или не, што е корисна интерперсонална стратегија за многу тешки ситуации. А ако се работи за опасност од телесни повреди, тогаш тоа е сосема поинаква ситуација од вообичаените животни и љубовни проблеми со кои се соочуваме сите.

Предноста на воздржаноста

Размислете за позитивните страни. Вие го овластувате вашето возрасно дете со тоа што му давате можност да донесува одлуки. Тоа ќе му помогне за развивање на независноста и самодовербата – да знае дека му верувате дека ќе направи добар избор.

Воздржаноста е добра и за иднината на вашата врска. Секогаш кога ќе го дадете само она што ви е побарано, без да го предлагате „точното решение“, му давате до знаење на вашето дете дека може да дојде кај вас со проблеми, а вие ќе бидете тука за него.

Доцна сфатив дека моите родители речиси никогаш не ми давале несакани совети. Кога го направија тоа, бидејќи беше толку ретко, можев да слушам без да чувствувам бес. Тие не се сметаа себеси за експерти во сè, само затоа што беа живи подолго од мене. Тоа беше одличен подарок затоа што мислам дека токму тоа ме направи и мене подобар родител.

Автор: Џудит Тутин

Извор



912

X