Учебната година ќе може да почне на 1 октомври и со настава од далечина, откако доцна синоќа Собранието ги донесе измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование. Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование беше донесен со 61 глас „за“, ниту еден „против“ и 28 „воздржани“. Законот за изменување и дополнување на Законот за средно образование го поддржаа 61 пратеник, еден беше против, а 25 беа воздржани. И двата закона се донесоа по скратена постапка.

Со донесувањето на законите се овозможува поширока законска рамка за реализација на школската година во вонредни услови. Претходните закони предвидуваа училишната година да почнува во училиштата, без можност за одржување настава од далечина.

Во текот на два дена пратениците дебатираа зошто македонското образование е во ваква состојба, зошто училиштата немаат основни услови за онлајн-настава, зошто 40.000 ученици немаат дигитални уреди за да ја следат наставата од дома. Опозициските пратеници обвинуваа дека властите не направиле ништо за да се подобри состојбата, а претставниците на владејачката коалиција одговараа дека оваа состојба е резултат на негрижата за време на нивното владеење.

Со измените се утврдува уредба која во вонредни околности ќе може да ја носи Владата. Со тоа ќе биде уредено траењето на часовите, бројот на наставните денови во одредена година, учење од далечина кое нема да се случува само во вонредни околности. Како вонредни околности се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија/пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Во вакви услови наставните денови во учебната година може да бидат помалку од 180, но не помалку од 100 наставни дена. Воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди). Одлуката ја донесува Владата според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото за развој на образованието ги утврдува министерот.

Во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој. За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности се предвидува наставникот да води само евиденција за присуство на учениците и не се издава додаток на свидетелство. Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско-санитарните услови во училиштето.

Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.



912

X