Насоките во врска со дохраната на бебињата често се менувале во минатото, но она што отсекогаш било важно (а кон тоа многу родители не се придржуваат) е – да се биде опуштен! Ова се најчестите прашања што ги мачат родителите пред почетокот на дохраната, како и одговорите на нив:

Кога да се почне со дохрана на бебето? Зошто некои родители започнуваат од 4 месеци, а други од 6? Како можам да знам дали моето бебе е спремно?

Не постои совршен период за почеток на дохраната за сите бебиња, а насоките веќе многу пати се менувале. Моменталната препорака на Светската здравствена организација е периодот околу 6 месеци од животот на детето. Знаците според кои можете да заклучите дали вашето бебе е спремно за дохрана се:
-може да ги фати и приближи предметите до уста;
-заинтересирано е за храната (гледа како јадете, возбудено џвака додека јадете, испушта среќни звуци кога гледа храна);
-цврсто ги држи главата и вратот (може да ја сврти главата за да одбие храна);
-може правилно да седи во својот стол со потпирач за нозете;
-изгубило рефлекс за исплазување на јазикот (тоа значи дека бебето веќе не го вади јазикот повеќе пати – тој рефлекс обично се поместил понатаму во устата).

Во кој период од денот треба да воведувам нови намирници?

Кога и да е можно, дајте му на бебето нова храна порано во текот во денот, за да имате време да го набљудувате. Не сакате евентуалните реакции, нетолеранција или проблеми со варење да се појават пред спиење.

Кога да се воведат вообичаените алергени како кикиритки и јајца?

Не постои цврсто правило за точниот редослед за воведување храна и не – не морате да послужувате една храна во неколку оброци или денови по ред. Иако лекарите порано знаеле да препорачаат одложување на путер од кикиритки, јајца, па дури и јагоди, нема потреба да се чека – изложувањето всушност помага во спречувањето на алергиите. Мудро е, меѓутоа, да се воведуваат алергени-намирници со неколку дена растојание од други. Тоа значи дека маслата од јаткасти плодови, сусам, млечни производи, пченица, јајца… не смеете да ги групирате заедно во еден оброк кога почнувате да ги воведувате. Подобро почекајте околу 3 дена пред да воведете нова храна која е потенцијално алергена – ако забележите реакција, ќе ви биде полесно да сфатите што ја предизвикува.

Дали готовите каши се добар избор?

Иако се неверојатно популарни, не би требало секојдневно да им се даваат на бебињата. За забрзан живот во движење, може да биде здрав дел од прехраната на бебињата или децата, но не би требало да бидат секојдневна храна. Имено, малите деца мора да ги почувствуваат вкусот и текстурата од вистинското овошје и зеленчук. Инстант кашите или готовите каши со овошје се во ред, но децата мораат да научат и да ги прифатат вкусот и текстурата на вистинското овошје, како банана или зготвено јаболко. Исто е и со зеленчукот.

Загрижена сум поради можноста од задушување или згрчување. Како да се препознае разликата и што треба да направам ако детето почне да се задушува?

Не кревајте паника – згрчувањето е нормален одговор на бебињата. Тоа е заштитен механизам кој спречува задушување. Родителите често велат дека нивното бебе се „задушува при секој оброк“, но згрчувањето и кашлањето не се исто што и задушувањето. Всушност, згрчувањето и кашлањето се начини на кој бебето ја враќа храната напред во устата и подалеку од дишните патишта. Ако вашето бебе не може да го искашла или исфрли предметот од устата и притоа молчи, веднаш помогнете му со соодветно движење за спречување на задушување. Важно е сите што го хранат вашето дете и се грижат за него да бидат свесни за разликите помеѓу згрчување и задушување и како да му се помогне на детето во итни случаи.

Луѓето неретко велат „храната пред првата година е само за забава“. Дали е тоа вистина? Колку би требало да бидеме загрижени ако бебето не е ентузијастичен јадач?

За жал, храната не е само забава. Ја разбирам идејата што стои зад овие изреки: дека мораме да им дозволиме на нашите бебиња да уживаат и да ја истражуваат храната, а не да очекуваат веднаш сè да знаат, како и колку да изедат. Тоа е во ред, до одредена точка. Проблемот е во тоа што доенчињата мора да изедат цврста храна од различни причини, вклучувајќи ги и клучните прехранбени потреби, како и за моторичкиот, мозочниот и социјалниот развој. Но, нема потреба да се стравува ако бебето не сака да јаде како бебето од вашиот пријател. Некои бебиња сакаат да јадат сè што ќе им се понуди и ќе го изедат во секоја пригода, додека други се малку побавни и им треба повеќе време за премин на цврста храна. Но, продолжете да се обидувате. Сè додека вашето дете пие мајчино или адаптирано млеко и редовно му се нуди здрава храна богата со хранливи материи и железо, на сигурен начин и нормално се развива, можете да продолжите. Важно е да се напомене дека за некои бебиња, хранењето со лажица под водство на родителите ќе биде подобро, додека кај другите хранењето што го водат самите ќе биде поуспешно. Дајте му на бебето време – некои одеднаш стануваат многу позаинтересирани за храната околу 8 до 10 месеци.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор



912

X