Според податоците што ги објавиле од организацијата „Храбар телефон“ (Хрватска), голем број деца во Хрватска се изложени на злоупотреба: 15% – 40% физичко, а 16% – 34% емоционално злоупотребување. Исто така, едно од пет деца во текот на животот доживува сексуална злоупотреба.

Злоупотребата на деца е чест проблем во светот, но тоа, според експертите, не се однесува само на физичкото повредување на децата од страна на возрасни лица. Иако физичкото злоупотребување е најпрепознатливо и остава долготрајни последици врз психата, зборуваме уште и за емоционално и сексуално злоупотребување, а секое му штети на детскиот развој. Ако се обидуваме да го дефинираме емоционалното злоупотребување, доаѓаме на многу чувствително поле бидејќи понекогаш родителите не се свесни за своето однесување кое може да се дефинира како злоупотребувачко, а при што кај детето нема модринки по телото, но долгорочното, емоционално злоупотребување остава големи рани на психата и емоциите на детето, односно ја уништува неговата личност.

Во емоционалната злоупотреба влегува широк спектар на несакано однесување на возрасно лице кон дете, од игнорирање и сузбивање на детските емоционални реакции, засрамување и какво било понижувачко однесување кон детето (Срам да ти е!, Лоша си!), па до вербална злоупотреба, на пр., нарекување со погрдни имиња, навредување или споредување со брат/сестра или пријатели (Гледаш колку убаво Тони го направил тоа, а ти не можеш).

Емоционалното занемарување исто така е облик на емоционална злоупотреба, а се работи за скратување на основните емоционални потреби, како давање утеха или учество во социјалниот живот на детето или поставување преголеми очекувања пред детето. Но, сепак, за да се утврди злоупотреба, претходно наведените однесувања кон детето треба да бидат континуирани и доминантни. Се разбира, секој родител го сака најдоброто за своето дете, а понекогаш не сме свесни за некои обрасци на однесување што сме ги презеле од своите родители. За да се освести емотивниот облик на злоупотреба, родителите треба да работат на себе и да разберат какви видови на однесување може да се дефинираат како злоупотребувачки и какви последици имаат врз развојот на детето.

Истражувањата потврдуваат дека последиците од емоционалното злоупотребување се сериозни. На пример, сведочењето на семејно насилство во текот на детството придонесува за намалување на визуелните и вербалните способности, а ефектот е најизразен кај лицата што сведочеле на семејно насилство во периодот помеѓу 11 и 13 години. Сведочењето на семејно насилство, исто така, влијае врз деловите од мозокот задолжени за процесирање емоции, следење и учење, што најдобро може да се забележи кај деца од 7 до 13 години.

Вербалното злоупотребување во детството, пак, влијае врз деловите од мозокот кои се задолжени за слух и говор, па предизвикува полоши вербални способности во младата возрасна доба. Бидејќи поврзаноста на родителите или некој друг примарен старател во детството е темел за развојот на отпорноста и за здрава личност, ако детето е злоупотребено и таквата сигурност му е разнишана, тоа може да развие анксиозна, несигурна приврзаност, што како последица може да има нарушувања на приврзаноста подоцна во животот.

Последните истражувања, исто така, потврдуваат дека злоупотребата и занемарувањето во детството го зголемуваат ризикот од депресија за 54%, за самоубиство за 67%, за злоупотреба на дроги за 64%, а може да бидат ризик-фактор за развој на гранично нарушување на личноста, шизофренија, повеќеслојни личности и антисоцијално нарушување на личноста. Децата што се изложени на каков било облик на злоупотреба често имаат тешкотии со учењето и однесувањето во колективот со своите врсници.

Во зрела доба, лицата што биле жртви на злоупотреба и занемарување во детството често имаат проблеми со контролата на емоциите, имаат лоша слика за себе, имаат послаби социјални вештини и академска мотивација, но и повеќе се подложни на агресивно однесување, тешкотии во односите со врсниците и деликвенција.

Извор



912

X