Живееме во сложен свет полн со притисоци и стресови, кои понекогаш прават родителите да се чувствуваат како да не се подготвени.
Пред раѓањето на детето, секој родител има „фантазии“, очекувања, надежи и стравови какво ќе биде детето, видот на врската што ќе се воспостави, каков ќе биде семејниот живот, идеи условени од детските искуства на самиот родител.
Меѓутоа, децата не доаѓаат со упатство за употреба. Учиме да бидеме родители чекор по чекор, често со директно искуство, но и со стравот од правење грешки, и со вината како еден додаток кој го добиваме со самото раѓање на детето.
Водејќи се од идејата дека треба да се биде „совршен родител“, многумина со своите деца се однесуваат како „да одат по јајца“, плашејќи се да не направат грешки кои подоцна ќе имаат последици врз нивниот емоционален развој. Но, совршени родители не постојат!
Малите деца се исклучително живи, непромислени, тврдоглави, доста алергични на правила и силно привлечени од различни предизвици. Доста често и од страв да не ги повредат децата или (помалку ќе ме сака, не можам да го слушам), возрасните се борат да дефинираат стабилни граници и да кажат „не“.

Соочени со плач, барања и протести, честопати се изненадени, збунети, вознемирени и мислејќи дека прават добро, на децата им даваат сѐ што сакаат. Нашата „љубов“ кон нив нѐ тера да ги задоволиме нивните желби, но и да не размислуваме дали тие желби, големи или мали, дозволуваат тие да растат или, напротив, дали им штетат во даден момент. Без разлика на причините, границите се безбедна, вистинска и емоционална ограда што како возрасни сме одговорни да им ја дадеме за своите деца. Поставувањето граници е чин на љубов.
Родителот кој секогаш вели „да“, мислејќи дека го поштедува и штити своето дете од непријатноста, всушност, му ја зема можноста да развие алатки за справување со проблемите понатаму во животот.
Децата често ги доживуваат своите желби и потреби толку интензивно што им се чини дека нивното незадоволување веднаш и сега ќе биде неподносливо болно. Но детето треба да го доживее тоа чекање, да ја почувствува таа оптимална фрустрација, а и да научи дека не секогаш ќе го добива она што го сака.
Затоа родителите треба да ја напуштат тенденцијата да ги ставаат своите деца во центарот на сѐ. Иако често го лутат границите, во исто време го штитат и прават детето да се чувствува безбедно. Заедно со константноста создаваат сигурна база која му овозможува да биде слободно и безбедно да ја пронајде својата вистинска автономија, да се движи низ светот, а истовремено да ја истражува својата околина, да експериментира и да учи преку обиди и грешки. Наметнувањето ограничувања на децата не е само прашање на дисциплина, туку основен аспект на нивниот емоционален, психолошки и социјален развој.
Децата не сакаат да ги провоцираат своите родители, не уживаат да ги лутат, не уживаат во тензиите што се создаваат дома и не провоцираат за да бидат искарани, удрени или казнети. Нивната реакција е поврзана само со чувствата на вознемиреност, лутина и тага што ги доживуваат во тој одреден момент. А нивната способност да ги запрат овие емоции е тесно поврзана со присуството на возрасен, на родител кој знае како да понуди граници, дискусија, дијалог и прифаќање со грижа и голема љубов.
Поставувањето граници не значи да се биде авторитарен или да се задушува детската креативност и природното истражување. Напротив, границите и правилата мора да се воспостават со љубов, трпение и почит за да можат децата да разберат зошто се неопходни.
Затоа треба да му се објасни зошто се поставува одредено правило, која е целта, во кои контексти се применува, зошто е важно да се почитува и што се случува кога е прекршено. Тие мора да бидат јасни и разбирливи за детето, т.е. да се користи јасен, едноставен, конкретен и разбирлив јазик, како и цврст, но смирен тон на гласот.
На пример, не е доволно да се каже „биди мирен/a“, туку треба да дадете прецизни упатства: „дома не удираме, фрламе, зборуваме тивко и не викаме“, „секогаш кога ќе завршиш со играњето, ги собираме играчките“, „валканите алишта ги ставаме во оваа корпа“, „кога поминуваме улица, ми даваш рака“ итн. Во оваа смисла, мора да избегнеме „долги“ и „тешки муабети“ кои само ќе прават детето лесно да губи внимание и да чувствува непријатност. Децата треба да знаат, конкретно, што треба и што не треба да прават, без никакви големи објаснувања или заобиколувања, и често нудете им алтернативи со кои ќе им покажете дека нивните чувства и желби се валидни и дека можат да ги спроведат според одредени правила и на друг начин.
Автор: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт