Експериментот на скаменето лице е вознемирувачки.

Прво, родителот и бебето играат заедно, таткото се смее и стапува во интеракција со бебето, а тоа плеска со рачињата и се смее. Потоа, поттикнат од истражувачот, таткото го врти лицето настрана од количката каде што седи детето, па кога се враќа назад неговото лице е скаменето – односно на него нема никаков израз. Бебето се обидува повторно да го насмее таткото, а тој останува неутрален и не реагира. По само неколку минути детето почнува да плаче, да се буни и очајно да бара поврзување.

Во вториот обид таткото повторно се врти, а потоа го погледнува детето и се однесува нормално, со што бебето брзо „заздравува“. Бебето заборава на сè и повторно се враќа на играта со таткото како ништо да не се случило. Но, оној што го гледа ова се вознемирува.

Вниманието од родителите е клучно за здравиот развој на бебињата и малите деца. Не ви е потребен ваков експеримент за да го разберете тоа. Но, слично се случува и дома. Може да се најдат во ќошот на „Јутјуб“, а овие видеа од експериментот стар 40 години се порелевантни од кога и да е, покажувајќи ни колку е важно да им обрнеме внимание на нашите деца. Да бидеме искрени, Едвард Троник, создавачот на експериментот, не заклучил дека родителите треба да ги „бањаат“ децата во внимание.

– Кога го започнав тестот едноставно немавме идеја колку е моќна конекцијата со другите луѓе за децата и какви негативни ефекти носи со себе моментот кога нема поврзување меѓу родителите и децата – рекол Троик за „Вашингтон Пост“ во 2013 година.

– Кога се одвива доволно долго, гледате деца како ја губат контролата и дури и колабираат во автоседиштето. Ќе почнат со некоја метода за себесмирување, шмукање на палците или на задниот дел од дланката. А потоа ќе се исклучат од родителот и нема да се свртат назад. Подоцнежните истражувања откриваат дека таквата невнимателност и негрижа може да трае и во текот на возрасниот живот, со што ќе се создаде генерациски круг кој е тешко да се скрши.

Можеби е време да размислите за користењето на паметните уреди кога сте со вашето бебе

– Кога некој игра со модерен паметен телефон, тоа е исто како и парадигмата од експериментот – вели Каспар Адиман, развоен психолог и директор на лабораторија за деца на Универзитетот „Голдсмитс“  во Лондон. Тој забележал дека на „Јутјуб“ луѓето споделуваат видеа од нивни сопствени такви експерименти, но наместо исклучен поглед, користат смартфон.

Голем дел од тоа зошто се споредува ракувањето со смартфон со експериментот е контактот со очите, кој е основен дел од нормалните интеракции помеѓу родителите и децата, вели Адиман. Истражувачите откриле дека кога мајките и бебињата се гледаат меѓусебно, нивните мозочни бранови се синхронизираат. Ако родителот не гледа во лицето на своето бебе бидејќи „скрола“ на телефонот, тогаш не може да дојде до синхронизација бидејќи се случува прекинување на нивната интеракција, вели Адиман.

Додека сè уште не е конкретно утврдена разурнувачката моќ на телефоните врз интеракциите помеѓу родителите и децата, Адиман смета дека може да се добијат податоци ако се спроведат студии во кои ќе учествуваат бебиња и екраните на телевизорите. Телевизијата сама по себе не е лоша за децата, но има тенденција да ја замени интеракцијата во живо помеѓу родителите и децата. Часовите поминати пред телевизор се време кое може да биде поминато во зборување и интеракција со бебето, со што ќе се придонесе за негово развивање на јазикот и другите вештини. Бебињата се активни ученици, а секојпат кога родителите гледаат во екранот е време кога не стапуваат во интеракција со децата, а бебето не учи.

Лице в лице – вака бебињата учат комуникациски вештини, дури и од најрана возраст, вели Адиман. Ако се разгледа проблемот на поекстремно ниво, недостигот на внимание може да има сериозни последици врз емотивниот развој на детето. На пример, родителите со постнатална депресија често не се во можност да бидат емоционално достапни за своето дете, објаснува Кит Црниќ, професор по психологија на Државниот универзитет во Аризона. Ако ваквото родителство се пролонгира, недостигот од вклучување, емоционалниот одговор и посветеност се на ниско ниво, па сето тоа доведува до вознемиреност. Хроничната вознемиреност може кај децата да развие анксиозност, а во иднина и емоционални и проблеми со однесувањето, вели Црниќ.

– Бебињата и малите деца копнеат по таа поврзаност. Многу е вознемирувачки за нив ако не ја добијат – вели Керол Мецлер, научник и директор на истражувачкиот институт во Јуџин, Орегон. Постнаталната депресија не е целосно аналогна на користењето смартфони. Повеќето родители не се емоционално исклучени и не зјапаат во телефоните наместо во бебињата. „Ова можеби е и премногу драматично на некое ниво. Ако родителот гледа во телефонот и не е достапен за детето на кратки периоди, тоа не е проблематично сè додека е соодветно достапен и соодветно реагира на бебето поголемиот дел од времето“.

Сите треба да размислиме малку повеќе за времето што го поминуваме зјапајќи во нашите екрани

Сепак, вниманието е важно. Родителите треба да го земат тоа предвид и да размислат колку и какво внимание му посветуваат на детето – бидејќи треба преку комуникацијата да покажат љубов и да го поддржат посакуваното однесување, вели Мелцер. Позитивното внимание и заедничката интеракција се клучни за емоционално и социјално учење. Можеби играњето додека јадат и слично не изгледа како некаква работа, но сепак децата многу учат преку тие интеракции. Голем дел од тоа што го учат е емоционално – кога се многу мали, тоа се случува дури и на потсвесно ниво, како за недостигот на вклученост и ентузијазам така и за позитивното внимание, кое им помага да се чувствуваат сакани, згрижени, безбедни, вели Мелцер. Бебињата, исто така, учат важни животни вештини, како и социјални интеракции, како да го контролираат своето однесување и своите емоции.

– Многу е јасно од истражувањата дека малите деца учат како да стапуваат во интеракција со другите луѓе уште од најмала возраст кога остваруваат контакт со своите родители и другите возрасни лица околу нив – вели Мелцер.

Експериментот на скаменето лице функционира бидејќи го крши начинот на кој родителите и децата природно стапуваат во интеракција. За среќа, повеќето родители активно се вклучуваат во односите со своите деца. Тоа е вистина особено сега, во време на пандемија, кога родителите се доволно среќни што може да работат од дома и да поминуваат време со своите деца, притоа не поминувајќи многу време пред екраните. За многу малите деца, ова време исто така е благодат бидејќи да се имаат двајцата родители дома за нив значи повеќе интеракција. Но, во свет на константни одвлекувачи на вниманието и известувања, сите треба да размислиме малку повеќе за времето што го поминуваме зјапајќи во нашите екрани.

Автор: Џилијан Мок

Извор



912

X