Оваа тема се јавува некаде околу втората или третата година од животот, во фаза кога детето почнува активно да им пркоси на родителите, следејќи го природниот порив да се одвои и да се однесува според сопствената волја. Родителите се соочуваат со голем предизвик – како да го социјализираат и дисциплинираат детето, а доволно да ги уважат неговите потреби, кои им го отежнуваат животот или не се во согласност со општествените норми. Тој дел е тежок и тоа е нормално.

Проблемите настануваат кога потребата на родителите за контрола и вклопувањето на детето во она што општеството го очекува ќе стане посилна од почитувањето на волјата на детето. На детето му се крши волјата, одземајќи му го правото на скапоценото „не“. Порака која останува врежана во психата и телото е дека спротивставувањето и заземањето за себе е болно и/или суштински залудно. Детето капитулира, се откажува од тоа да ја покаже својата потреба. Дека знае кога и колку сака да јаде. Да почувствува кога тоа самото сака да кака. Да се намачка или да направи неред. Да го одбие она што не му одговара. Наместо тоа, станува припитомено, уредно, чисто, контролирано, добро дете. Дете за пример. И така ја губи храброста да се изрази себеси, веќе не ни знае што му е потребно и кога, ниту дали на тоа има право. И бара другите да му го кажат тоа, да го водат и насочуваат.

Станува послушен, приспособлив, попустлив, пријатен, извонредно „фин“ човек.

Родителите претерано контролираат и не дозволуваат слободен тек на детското истражување. Преокупирани се со чистота, уредност и правила. Ја наметнуваат својата волја преку ригидна строгост, закана, казна, одземање на љубовта. Противењето значи непочитување. Во потешки случаи, родителите се вербално агресивни и понижуваат, а во оние најтешките детето е физички злоупотребено до покорност. Пораката што ја добива детето е дека неговите потреби се недолични, дека мора да се потчини за да ги задржи контактот и љубовта или да избегне застрашувачка казна. Со текот на времето одлучува и продолжува да живее тврдоглаво држејќи се за своите одлуки: Се откажувам. Ќе бидам добар. Ако сакам љубов, морам да задоволам друга личност. Не смеам да кажам НЕ. Ако се спротивставам, ќе ме уништат.

Гледано отстрана, тие како да уживаат во сопственото страдање. Сепак, не е така едноставно. Овие лица имаат придобивка од својот мазохистички став, но пред сè тие вистински страдаат, водејќи живот лишен од длабокото чувство на задоволство, спонтана радост и непречено покажување на чувствата. Се согласуваат на незадоволувачка положба во животот, но тука постојано се жалат, се сожалуваат себеси и никогаш навистина не се обидуваат да го променат тоа. Се помириле со тоа дека животот е големо трпење. Ќе издржат неправди, а кога ќе им удрат шлаканица, го вртат и другиот образ. Тоа може да изгледа возвишено хумано, христијански, бидејќи како малкумина – тие можат да простат, демонстрирајќи разбирање и љубов кон ближните. Трпението и волјата да се жртвуваат себеси заради другите ги доживуваат како квалитети вредни за восхит. Но, ако погледнат малку подлабоко во себе, ќе видат дека можноста да истрпат некогаш била, а потоа и останала, единствен можен израз на пркосот, задржување на сопствената волја и достоинство. Единствениот начин да победат е да научат да живеат во поразот – бидејќи само така може на оној што ги мачи да му го скратат задоволството што ги скршил.

Можеш да ми го скршиш телото, но нема да ми го скршиш духот. Ќе ти покажам. Прави што сакаш, јас ќе издржам, и на крајот ќе те боли повеќе тебе отколку мене. Ќе те победам. Никогаш нема да ти се препуштам, да те сакам, да ти верувам. Ќе те победам иако тоа ме убива.

Еден од најважните заплети во мазохизмот е агресијата. Луѓето со оваа тема се доживуваат себеси како исклучително мирољубиви, луѓе кои не се склони на каква било агресија. Но, од детството во нив се складира долг и немоќен бес. И тој бес е толку страшен и недостоен за нивните начела, што не сакаат да го видат. Така бесот излегува на завиени, пасивни начини: преку повторувачки шеми кои ги повредуваат или иритираат другите, како заборавање, несмасност, одложување, тврдоглавост, контролирање, двосмисленост со која „не мислеле ништо лошо“. Со тоа ја провоцираат туѓата агресија и стануваат повторно „казнети за нешто за кое не се виновни“, бидејќи „животот е неправеден“, а тие се повторно невини, неправедно страдале. Агресијата исто така излегува на уште еден, за нив посебно проблематичен начин – преку самопоразување. Оваа личност се напаѓа себеси онака како што некогаш ја напаѓале другите, дали преку деструктивен внатрешен говор, односи и ситуации кои ќе донесат сличен вид пораз како што бил доживеан порано.

Напад на самите себе онака како што некогаш го нападнале другите.

Луѓето со оваа тема градат блиски односи. Сепак, во тие односи се исто така ограничени поради страв дека односот ќе им се прекине ако прикажат негативни чувства или се борат за себе. Од партнерот се обидуваат да добијат потврда и почит, дозвола да бидат тоа што се и затоа даваат сè што имаат, обидувајќи се да бидат на услуга. Поради својата добрина и страдање, лесно добиваат сочувство од околината, која некое време се обидува да им помогне. Набљудувајќи лице со изразена тема на поразено дете, неверојатно е дека нешто во нив толку активно се обидува да го уништи сето добро во нивниот живот. Секој обид да се помогне ќе се расипе бидејќи иако константно страда, секојпат бара да се врати во своето мочуриште. Помагачите се чувствуваат фрустрирано и искористено и со текот на времето го покажуваат својот бес или едноставно одат. Што му го дава доказот кој го чека – дека животот е тежок и дека нема излез. Се повторуваат слични ситуации без излез: професионални и приватни односи во кои се искористени, работите кои не ги сакаат или во кои се лоши… И така самите го создаваат во животот она во кое од детството веруваат, повторувајќи ги истите кругови на надеж и разочарување и избегнувајќи го својот дел од одговорноста за лоша судбина.

Да си признае на себе дека е многу, длабоко луто и да погледне во тоа што всушност прави со агресијата која ја порекнува

Слабо, но константно депресивното расположение го забавува интелектуалното функционирање, а тоа во комбинација со вечната конфузија често прави да се сомневаат во својата интелигенција. Телесното изразување е спречено, енергијата ослабена, како да вријат внатре од тоа силно воздржување. Погледот е топол и тажен, понекогаш маскиран со израз на збунетост. Некогаш во нивните очи се гледа нем израз на пркос, во интересно несогласување со остатокот од телото кое покажува депресија или поднесување.

Начинот на кој поразеното дете функционира му носи важни работи: блискост, прифатеност, чувство на морална исправност, што многу му значи на некој што постојано е проткаен со константно чувство на вина. Единствено кога на поразеното дете конечно ќе му стане мака од таквиот живот, незадоволството, неслободата – ќе постои шанса нешто да промени. Но, тогаш ќе мора да си ги признае сам на себе вистините што не се убави. Да сфати на кој начин се држи заробен. Не другите, не светот, не минатото. Самиот себе. Дa сфати дека веќе нема кому да се одмаздува, да се откажува од инаетот и да преземе одговорност за својот понатамошен живот. Да си признае на себе дека е многу, длабоко луто и да погледне во тоа што всушност прави со агресијата која ја порекнува – активно кон себе и пасивно кон луѓето околу себе. И сето ова не е за самото себе да се обвини, како што по навика прво прави, туку за нешто да направи поразлично. Ако сфати на кој начин слободата му била одземена, ќе може да го освести бесот кон оние што го спречувале и да си го даде на себеси правото тој бес да се изрази (во сигурно опкружување). Тој бес е здрав и тука се силата и животот. Тоа е бес кој ги крши оковите, оклопот кој сите овие години стега и притиска. Кога ќе си го вратат правото на „не“, нивното „да“ нема да доаѓа од навиката да служат, туку од нивната искрена потреба. И тогаш во животот се враќа задоволството. Интегритетот. Смислата. Здравата зрела моќ да водат сметка за себе, да бараат, да одбиваат, да управуваат сами со себе. Можноста навистина да ѝ се предадат на љубовта и нежноста. Спонтаност. Ваша и само ваша одлука дека е веќе ДОСТА.

Автор: Тамара Видович, телесен психотерапевт



912

X