Мајката Меган Ор Брнсајд ја отворила својата душа и искрено прозборувала за ситуацијата во која се нашла, но и лекцијата што ја научила. Пораката што таа ја напишала на „Фејсбук“ со години се споделува меѓу членовите.

„Имам нешто што ми тежи на срцево.

Пред неколку години бев во Тенеси со мојот сопруг, на настан. Бевме на бензинска станица и видовме жена со момче на околу 10 години како се мачи да го стави во автомобилот. Тој врескаше, а таа беше лута и фрустрирана. Ја гледавме како го внесува во автомобилот и физички се пресметуваа. Изгледаше како и таа да го удира, па викнавме полиција. Дојде полицијата, а ние си заминавме. Потоа ни се јавија и ни кажаа дека детето било аутистично и дека таа навистина се борела со него, а и порано барала помош од полицијата за да се справи со него бидејќи било многу насилно. Тие рекоа дека ѝ помогнале и дека давала сè од себе за да се справи со детето.
Ја сфатив мојата грешка. Во желбата да го заштитам детето, не ѝ понудив помош на мајката. Наместо тоа, ѝ ја испратив полицијата. Седевме и гледавме како се бори и ја пријавивме. Чувствувам вина дури и по многу години подоцна што не излегов од автомобилот и не ѝ понудив помош. Ако ѝ помогнев во тој момент, можеби немаше да има повеќе насилство во ситуацијата.

Пред само неколку недели бев во продавница и една жена со две деца чекаше ред за да плати. Едното момче правеше врева, а другото ѝ бараше на мајка си да му купува одредени работи. Таа беше многу гневна и експлозивна кон двајцата, а и сите во продавницата беа свесни за нивното присуство. Луѓето само ги гледаа. Се сетив на искуството што го имав во Тенеси и појдов до малото момче, па ја ставив мојата рака на неговото стапало. Се смири. Мајката се извинуваше. Ми рече дека работи навечер и не може дури ни да размислува во текот на денот. Во тој момент ѝ кажав дека разбирам што значи да се биде исцрпен. Ѝ реков дека е добра мајка. Ѝ реков дека сè ќе биде во ред. Плачеше. Плачеше додека другите ја гледаа како се бори со својот проблем. Години претходно би го држела телефонот в раце, гледајќи да не направи нешто за кое би требало да ја пријавам.

Знам дека постојат ситуации кога полицајците треба да пристапат, но имам чувство дека станавме култура која бара маани наместо можности да помогне. Станавме некако одвоени наместо полни со сочувство, разбирање и желба за помош. Ако помагавме повеќе, помалку ќе ги повикувавме полицајците.

Се сетив на ова денес бидејќи некој повика полиција поради моја драга пријателка. Поминав многу часови во нејзиниот дом, а таа е мајка каква што јас сакам да бидам. Ги набљудував љубовта и трпението со кои таа им помага на своите деца и ги слуша нивните приказни. Ѝ се воодушевувам и сакам да бидам како неа. Кога полицијата била повикана од некој кој без сомнеж сметал дека помага, таа беше премногу болна, лежеше во кревет со респираторна инфекција. Не знам како таа личност уочила дека има некаков проблем. Можеби нејзините деца трчале наоколу без родителски надзор? Можеби биле гладни, па сами се хранеле? Тажна сум што таа личност што ја пријавила не прашала дали и како може да ѝ помогне.

Време е да престанеме да се осудуваме едни со други и да почнеме да си помагаме, или ќе се соочиме со изолација, депресија, зависности, насилство и самоубиство. Кога луѓето се исцрпени, потребна им е помош, а не осуда. Знам дека и јас сум виновна што така сум постапувала, но сега јасно гледам како сум го засилувала проблемот наместо да им помогнам на другите.

Благодарна сум за потсетниците дека не сме толку одвоени. Не сме толку различни. Вистинската промена доаѓа кога ќе ни се даваат љубов и помош, а не осуда“.

Извор



912

X