Психолошките последици од пандемијата ќе предизвикаат да се намали стапката на новородени деца и луѓето да остануваат сами подолго време, без партнер, предвидуваат експертите. Истражувачите од САД прегледале 90 студии за да им помогнат да предвидат како Ковид-19 може да ги промени социјалните однесувања и родови норми – дури и меѓу оние што не се инфицирани. Експертите очекуваат планираните бремености да се намалат поради глобалната здравствена криза, а некои популации ќе се намалат.

Намалувањето на стапката на наталитетот ќе предизвика каскадно влијание врз општеството и економијата, влијаејќи врз можностите за работа и поддршката за постарата популација. Потоа, нееднаквата поделба на дополнителните домашни обврски поради карантините ќе ја покаже родовата нееднаквост и дури таа ќе се зголеми, со што ќе се врати социјалниот конзервативизам. На многу начини, велат истражувачите, „пандемијата станува глобален социјален експеримент“, а резултатите од него сè уште не се готови.

– Психолошките, социјалните и општествените последици од Ковид-19 ќе бидат долгорочни – вели психологот и автор на студијата Мари Хаселтон од Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес. Таа додава дека колку подолго трае пандемијата, толку поголеми ќе бидат промените и последиците.

Овој тренд може да доведе до голем чекор назад во однос на традиционалните родови норми – каде што жените повторно ќе стануваат зависни од своите мажи

Двојките што се запознале преку видеосостаноци за време на карантините може да бидат разочарани кога конечно ќе се сретнат во реалниот свет, предупредуваат експертите. „Дали меѓу нив има хемија? Не можете да кажете преку зум-платформа“, вели Хаселтон. Врските базирани на дигитална комуникација веројатно ќе доведат до идеализирање на потенцијалните партнери – нешто што може да доведе до распад на врските кога ќе се реализираат во реалноста. Ова, како и пропуштените можности за социјални средби, може да резултира со ситуација во која луѓето ќе бидат сами подолго време. Пандемијата не ги сплотува луѓето и не предизвикува пораст на сочувството и емпатијата, како што се тврдеше на почетокот, сметаат експертите. Тие велат дека стресот сега е уште поголем кај жените, а карантините и затворањето на училиштата, на пример, ги оптоварија жените уште повеќе со дополнителни одговорности во однос на грижата за децата.

Според професорката Хаселтон, ваквите влијанија веќе се чувствуваат – веќе се забележува помал број на објавени академски успеси на жените и научни трудови отколку пред пандемијата. Корените на ваквата нееднаквост не се само во традиционалните родови улоги, туку жените еволуирале со посилна мотивација во однос на грижа за децата и можно е да чувствуваат притисок во ова време за да прифатат повеќе обврски во однос на домот и децата, кога другите (на пример, учителите) не можат. Овој тренд може да доведе до голем чекор назад во однос на традиционалните родови норми – каде што жените повторно ќе стануваат зависни од своите мажи кои го поддржуваат семејството финансиски. Сето тоа доведува до општествен конзервативизам.

– Последица од пандемијата, исто така, може да биде и намалување на толеранцијата во однос на повеќе проблеми – велат истражувачите. Помала прифатливост за права на сексуални малцинства, легален абортус, немоногамни заедници и слично. Исто така, економската нееднаквост може да доведе до тоа жените повеќе да се „сексуализираат“ со цел да се натпреваруваат меѓусебно за посакуваниот маж.

Според експертите, поголемиот дел од несоодветниот одговор на глобалната здравствена криза е резултат на еволуирањето на човештвото – генски и општествено – во средина која има малку сличности со денешната ситуација. Сето тоа, велат тие, доведува до еволуциски несогласувања со сегашните околности.

– Овој вирус нè изложува на нашите слабости – вели Бенџамин Ситц, исто така психолог и автор на студијата од Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес.

– Политиките што бараат од нас да се изолираме и дистанцираме длабоко влијаат врз нашите семејства, професии, врски и родови улоги – додава Хаселтон.

Како и сите вируси, SARS-CoV-2 искусува еволуциски притисок за да манипулира со однесувањето и психологијата на домаќините на тој начин што се осигурува дека трансмисијата продолжува и тој постои. Коронавирусот можеби влијае врз нашите невролошки ткива, па со тоа и на однесувањето, на пример, во однос на потиснување на несаканите чувства и зголемување на социјалните импулси, уште пред да се појават вистинските симптоми, велат експертите. На тој начин, неодамна заразените индивидуи поверојатно е да дојдат во контакт со други и да го рашират вирусот пред да бидат дури и свесни дека се инфицирале.

Сепак, нормалниот мозочен развој помеѓу младите животни – вклучително и децата (луѓе) – бара изложеност на различен сет микроорганизми. Тоа дозволува младите да се подготват себеси против различните патогени кои подоцна може да ги сретнат во возрасниот живот. Седењето дома и мерките за карантин, сепак, влијаат врз социјалните интеракции преку кои милиони адолесценти се изложуваат на нови микроорганизми. Останува да се види какво влијание ќе има сето ова врз развојниот имунолошки систем и умовите на овие млади лица, сметаат истражувачите.

Подоброто разбирање на бихевиоралните, развојните и психолошките влијанија од Ковид-19 ќе ни помогне во подобра борба со пандемијата, заклучуваат експертите.

Автор: Ијан Рендал

Извор



912

X