Повеќето родители на тинејџери добро знаат колку тие можат да бидат збунети и расеани. Зборуваме за заборавени садови во собата, клучеви оставени во бравата од влезната врата, недовршени домашни обврски и заборавено домашно. Ви звучи познато?
Иако е најлесно само да одмавнеме со главата и да помислиме дека оваа расеаност е едноставно дел од тинејџерските години, експертите предупредуваат дека вистината е поинаква. Дејвид М. Леви, предавач на Универзитетот во Вашингтон, објаснува дека вашиот тинејџер можеби страда од „пуканка-мозок“. Ова е термин кој самиот Леви го смисли, а се однесува на младите кои се толку навлечени на дигитален мултитаскинг (вршење повеќе работи одеднаш) што секојдневните задачи со побавно темпо воопшто не им се интересни.
Што е „пуканка-мозок“?
Тинејџерите денес се навикнати на постојан дигитален мултитаскинг, користат повеќе апликации одеднаш, скролаат на телефонот додека гледаат телевизија и постојано скокаат од една содржина на друга (токму како пуканки во тенџере).
Леви предупредува дека ова сериозно ја нарушува нивната способност за концентрација, но и нивниот интерес за хобија и реални социјални интеракции, како што е дружењето со пријателите во живо. Истражувањата покажуваат дека овој феномен може долгорочно да ги оштети когнитивните способности на тинејџерите.
Како да препознаете „пуканка-мозок“?
Целосното одземање на технологијата и социјалните мрежи е речиси невозможно, но родителите треба да внимаваат на следниве „црвени знамиња“:
- Тешкотии со концентрацијата и брзо префрлање на вниманието;
- Постојана потреба за дигитална стимулација;
- Тешкотии при помнење и задржување информации;
- Проблеми при следење инструкции кои имаат повеќе чекори;
- Чувство на анксиозност и неспособност за регулирање на емоциите.
Алиа Синг, коосновач на платформата CultivaTeen Roots, нагласува дека овој феномен има огромно влијание врз емоционалниот развој. Бидејќи тинејџерскиот мозок сѐ уште не е зрел за менаџирање на интензивните емоции, предолгото време пред екраните ги одвлекува од реалниот свет каде што се градат социјалните вештини. Тоа води до чести промени на расположението, а реалните проблеми им изгледаат многу пострашни отколку што се, поради што тинејџерите често „се исклучуваат“ и се чувствуваат преоптоварени.
Како можат да помогнат родителите?
Иако не можете целосно да ги тргнете уредите од нивниот живот, можете да поставите здрави граници. Синг советува родителите да создадат простор и време во денот за свесно и намерно присуство, без екрани, за мозокот повторно да научи како да одржува фокус.
Покрај дружењето во живо со пријателите и семејството, клучно е да им се дозволи на тинејџерите да почувствуваат досада. Од досадата произлегуваат креативноста, новите идеи, трпението, имагинацијата и фокусот. Во овој брз свет на тинејџерите им е потребно да научат како да забават.
Експертите ги препорачуваат следниве активности за подобрување на фокусот:
- Вршење домашни обврски – но само една по една задача;
- Заеднички прошетки во природа;
- Пронаоѓање книга што ја сакаат и поттикнување на читањето;
- Вклучување во планирањето и подготовката на вечерата;
- Сложување сложувалки или креативни арт-проекти со раце.