– Дали ја научи лекцијата? – праша мајка ми. Овие пет збора се врежани во мојот ум уште од тинејџерска возраст. Бев добро дете, но покрај момчињата и глупостите со моите пријатели, секогаш ги надминував границите. Овој пат добив казна за брзо возење затоа што брзав да се вратам дома пред времето што ми го дозволуваше мајка ми. Кога ѝ кажав што се случило, мајка ми ми пријде со скрстени раце, тонот ѝ беше сериозно загрижен, но не и лут. Не добив вистинска казна, но морав да преземам одговорност за своите постапки и да ја платам казната со мои пари. Додека растев, секогаш знаев дека мајка ми е мојот „безбеден простор“.

Сега кога сум мајка, работам да го создадам тој безбеден простор за ќерка ми. Комуникацијата што почнува помеѓу родителите и децата е еден од највлијателните и најубедливи начини на кои децата можат да научат да се дружат во текот на целиот свој живот, покажува едно истражување.

Тејлор Квик, лиценциран детски терапевт од „Сола каунселинг“, го дефинира овој безбеден простор како однос што детето го има со својот родител или старател кога се чувствува разбрано и слушнато. Во својата работа со деца на возраст од 2 до 12 години, Квик вели дека забележала дека децата се чувствуваат посилни „откако ќе бидат потврдени нивните чувства“.

Како да создадеме безбеден простор за да им овозможиме на нашите деца да управуваат со своите емоции и отворено да зборуваат?

Потврдете им на децата дека ги препознавате чувствата што ги имаат

Ленаја Смит-Крафорд, лиценциран терапевт за брак и семејство, вели дека секоја семејна сесија ја започнува со „пријавување чувства“.

– Сакам децата и семејството да ги идентификуваат и да бидат свесни за чувствата што ги доживеале во текот на целата недела, но исто така да можат да го поврзат тоа чувство со одредена околност или настан.

Крафорд предлага родителите да го испробаат ова со своите деца.

– Самосвеста или знаењето што чувствувате и како го чувствувате тоа е важна компонента на емоционалната интелигенција – вели д-р Даниел Големан, автор на „Емоционална и социјална интелигенција: Новата наука за односите меѓу луѓето“.

Научете ги децата сами да се смират

– Покажете им на децата како да се смират, како да бидат фокусирани на одредена цел и како да останат оптимисти и покрај неуспесите. Тоа е уште еден аспект на емоционалната интелигенција – вели Големан.

Создајте „безбеден круг“

Јас и моето 7-годишно дете имаме „безбеден круг“. Во овој круг ние седиме еден наспроти друг за да создадеме чувство на еднаквост. Дозволено му е да сподели што било со мене, без страв од последиците – освен ако не е во спротивност со некоја од нашите „граници“ што вклучуваат кражба, повредување на друг, намерно лажење и непреземање одговорност за постапките.

– Важно е да бидете сигурни дека поставувате цврсти, јасни граници и дека ќе останете доследни на тие ограничувања откако ќе се поврзете со детето – вели Квик.

Работете со децата за идентификување на емоциите

– Ако вашето дете плаче, наместо да претпоставувате дека е тажно, поставете му описни прашања за тоа што чувствува, што се случило и зошто се чувствува така. Детето може да открие дека емоцијата што ја чувствува е фрустрација, а не тага – вели Смит Крафорд.

Децата треба да ги знаат разликите помеѓу лутина, тага и фрустрација.

Охрабрете го детето да пишува за своите чувства

Кога ситуацијата може да биде премногу силна за детето да ја вербализира и да каже што доживува и чувствува, разговарајте со него за сето тоа да го искаже во пишана форма.

Пишувањето писма може да помогне во моментите кога детето треба да се извини некому. Ако вашето дете се однесувало лошо, тогаш добро би било да напише извинување и да го прочита наглас.

Никогаш не е доцна да започнете да отворате нови канали за комуникација со вашето дете, особено затоа што поминуваме многу повеќе време заедно за време на пандемијата. Помагајќи им на нашите деца да зборуваат отворено дома, ние ги подготвуваме да комуницираат и да се поврзат со другите и да го користат нивниот глас.

Автор: Шаниција Босвел

Извор



912

X