Горда мајка сум на две вешти ќерки со силна волја, под 10 години возраст. И додека знам дека сè уште имам многу за учење, имам чувство како конечно да знам која сум и каква мајка сакам да бидам. Ми беше потребно време за да дојдам до тоа – вклучително и да се разделам од партнерот. Но, сега, две години како сум самохрана мајка, можам да кажам дека сум подобар родител од кога и да е.

Кога го добив првото дете, имав многу нереалистични очекувања од себеси. Како и повеќето нови родители, имав премногу идеи за воспитување на децата, но и чувствував притисок на начин кој го задоволуваше мојот сопруг. Тој беше малку постар од мене, но имав чувство дека е многу постар во однос на карактерот и односот кон животот. Тој е човек со црно-бели погледи на светот, силен морален компас и високи стандарди за луѓето околу себе. Се угледував на него и верував на неговите процени, на начинот кој навистина се разликуваше од моите животни одлуки. Влегов во таа врска кога имав 19 години, нерешен срам и проблеми со контролата, па неговото силно водство и прецизност ми беа утеха. Нашата врска се разви во насока тој да биде главен за повеќето работи, а тоа се отслика и во начинот на кој ги одгледував нашите ќерки.

Константно го преиспитував моето родителство за да видам дали ќе бидам прифатлива за него. Што и да направев, нервозно чекав негово одобрување. Тој секогаш имаше волја да одобри или не, како што мислеше дека треба. Тоа влијаеше врз сите одлуки – од храната што им ја давам на девојчињата, содржините што можат да ги гледаат на ТВ, до кои вредности треба да се применат во воспитувањето.

Како резултат на тоа, бев строга и помалку толерантна со моите ќерки. Чувствував дека држев одреден стандард кој е наметнат од мојот партнер. Јас бев задолжена за моите деца, главниот старател, но имав супервизор над мене. Имав чувство дека постојано се докажував себеси и демонстрирав совршено родителство пред мојот сопруг и оние околу мене. Звучи патетично, а и така беше. Јас сум длабокоумен човек, креативна, гласна и неуредна личност. Најудобно ми е во комплицирани и емоционални ситуации. Сакам филозофија и дебатирање, љубопитност. Никогаш не се држам до правила, рутина и ригидни процеси. Но, го заборавив сето тоа во првите години од родителството. Се обидов да бидам мајката која мислев дека треба да бидам наместо мајката која сум. По 10 години брак се разделивме. И покрај емоциите, имав страв да бидам родител без надзор. Како да не бев квалификувана и недоволно одговорна за да преземам сè на себе. Потоа полека стравот го претворив во ослободување. Бев сама – одлуките за вечера, дисциплина, време пред екрани и спиење беа мои. Не морав да ги правдам пред друг. Бев единствената што се соочуваше со последиците од тие одлуки.

Како што си дозволував повеќе да им верувам на моите инстинкти, така открив нов родителски стил. Открив дека откако ќе престанам да се грижам што мислат другите луѓе за мојот пристап, тогаш ќе бидам подобар родител. Немав ништо за докажување повеќе. Се намали викањето, а трпението, толеранцијата и слушањето се зголемија. Сега можам да им го дадам на моите деца потребното време и внимание, за да ги дознам нивните чувства и да ги изразам моите. Понежна сум со нив кога имаат изливи на емоции. Кога се бесни, јас сум трпелива.

Не се грижам дали ќе ги разгалам или дека сум слаба поради секоја постапка. Имам трпение и учам да бидам трпелива и кон себеси. Нашиот дом е порелаксиран, отворен и искрен (да, и неуреден). Немаме строги насоки или очекувања едни од други. Веруваме во нашите инстинкти и си дозволуваме да имаме емоции. Им велам на девојчињата дека имам едно правило: – Биди љубезен. Тоа е она што го барам од нив и едно нешто кое сакам секогаш да го запомнат. Бидете љубезни – кон непознати, кон луѓето што ги сакате, кон себеси. Љубезноста треба да биде присутна во секоја одлука што се носи.

Не сум совршена мајка и немам совршен живот. Разделбата е тешка и исполнета со измешани чувства. Но, знам една работа од лично искуство – сега сум подобра мајка отколку додека бев во брак. Не беше едноставно и лесно, но конечно сум мајката која отсекогаш требало да бидам.

Извор



912

X