Воспитување

Плачење без солзи – дали децата манипулираат?

„Работам во градинка каде што речиси секој ден доаѓа девојче од 2,5 години и плаче без солзи. Но, навистина, од 9. часа што ги поминува со мене, 5-8 часа таа плаче, без ниту една солза. И штом нешто ќе биде по нејзино, таа е среќна, пресреќна. Плаче кога се движи од собата до трпезаријата, плаче по мајка си, плаче кога треба да спие. Никогаш не ги испушта ќебенцата, целосно ја губи контролата кога треба да се соблече и сака постојано да биде во јакна.
Не спие, туку плаче за време на спиењето. Понекогаш морам да ја извадам од собата за да можат другите деца да се одморат. Ја прашав дали сака да се одмори во главната просторија каде што бев јас, и таа со задоволство прифати. Но, тоа функционираше само еден ден.

Нејзините родители се прекрасни луѓе. Многу љубезни и непосредни. Но, тие разговараат со неа со бебешки глас. Така таа вели. Имаме и психолог во градинка, а таа вели дека детето е практично во постојан бес и дека ваквото однесување е научено – дека кога се преправи дека плаче, го добива она што го сака. Нејзината мајка потврдила дека тоа често е случај и дома.

Не можам да го направам среќно ова дете. Сѐ што сака е да биде дома со мајка си (така ни кажува), а психологот вели дека плачењето е само научена форма на манипулација. Ме советуваше да игнорирам и да ѝ упатувам пофалби кога не плаче и кога убаво се однесува, но тоа е многу ретко. Тешко ми е да ја гледам таква, а ова е веќе 5. недела на адаптација. Многу деца во првите денови се плашеа, плачеа и им требаше време да се опуштат. Но досега сите се речиси приспособени и поголемиот дел од денот го поминуваат играјќи. А таа, речиси никогаш. Утрово кога ја донесе мајка ѝ, во 8 часот, рече дека плачела од моментот кога станала. Дали има начин да му се помогне на девојчето? Дали е неопходно да се оди на психијатар или на некоја невролошка процена? Се чувствувам како да правам сѐ погрешно и секој совет би ми значел нешто“.

Она што го прочитавте е писмо од еден воспитувач до познатиот психолог и експерт за детски развој Џенет Лансбери.

А ова е нејзиниот одговор на загрижената воспитувачка:

„Можам целосно да разберам колку е тешко да се најдеш во таква позиција и прекрасно е што покажуваш разбирање за Лила. Но, извинете за мојата искреност, вашиот психолог многу ме лути. Лила не манипулира со вас или нејзините родители со никакво лажно плачење. Го прави она што го прави секое двегодишно дете и секое дете – се труди да функционира најдобро што може во околината што ѝ е дадена. Малите деца немаат инстинкт или вештини потребни за да го изиграат системот намерно. Тоа, всушност, го прави она што може, користејќи го она што го има за да се приспособи на овој нов систем.

Нашата перцепција, односно начинот на кој ги гледаме децата и нивното однесување е клучна почетна точка за донесување заклучоци. Она што го гледаме со нашите очи и ум ќе го одреди начинот на кој ќе реагираме. И тоа е местото каде што вашиот психолог прави толку многу грешки. И не само што греши во својата процена, туку ве советува да реагирате на оваа таканаречена манипулација така што на детето ќе му „вратите“ со вашата манипулација! Предлага да бидете претерано и неискрено воодушевени од посакуваните однесувања на детето и да ги наградувате, а заборава дека е тешко да ги измамите децата.

Тој пристап може да има смисла ако тренирате куче или ако работите со лабораториски стаорци, но Лила е свесно човечко суштество. Таа треба и заслужува да биде третирана на човечки начин. Таа треба да може да изгради човечки однос со луѓето кои се грижат за неа, кој како и сите здрави врски мора да се заснова на искреност, емпатија и доверба. Не на манипулација и дресирање. И сега конкретно, еве неколку предлози како да ѝ помогнете на Лили.

Одмор

Од твојата приказна заклучувам дека Лила има дефицит на сон, па не е чудно што не може да функционира, па дури и да се опушти доволно за да дремне во градинка. Ова се случува како резултат на замор. Можно е нејзините родители да имаат тешкотии да воспостават јасна рутина и граници кога станува збор за легнување. За нив (како и за многу други родители) веројатно е голем предизвик да ги прифатат чувствата на Лила кои им се непријатни и да ѝ дозволат да ги изрази. Затоа, како што напоменавте, реагираат на секое навестување на искажување негативни чувства за да го спречат. Така, за почеток, мислам дека секој треба да се фокусира на прифаќање на нејзините чувства и нејзините родители да ѝ обезбедат доволно сон.

Нормализирајте ги негативните чувства

Мислам дека никако не може да помогне тоа што ги осудуваш чувствата на Лила, во смисла на искреност. Најдобриот одговор е секогаш да се прифатат и да се признаат чувствата во каква форма и да се појавуваат. Да ги прифатиме, а не да се обидуваме да ги промениме или да ги снема. И тоа не значи дека треба да се откажете од сè што правите секојпат и да се посветите на утешување на детето (освен ако очигледно не е повредено). Тоа не значи дека треба да седиме до детето и да зборуваме со смирувачки глас за да се чувствува подобро. Иако е убаво и пожелно да го правиме тоа кога можеме, оставањето на сѐ за да посвети внимание на чувствата на детето, всушност, ја покажува нашата голема загриженост и ги става неговите чувства во центарот на случувањата. Како покажувањето на чувствата да е нешто неприродно, наместо да се прикажува како нормален, цикличен тек на расположение и чувства. Со сета добра волја и трпение што ја покажуваш, вистина е дека, всушност, не можеш, како што велиш, „да ја израдуваш Лила“. Никој од нас нема таква моќ над друга личност. Најдобар начин да се направи тоа е да ги прифатиме и да веруваме во чувствата што ни ги покажуваат луѓето. Прифаќањето е најдобриот сојузник во градењето на секоја врска, вклучувајќи ја и вашата врска со Лила.

И иако не се согласувам дека Лила е манипулативна, сепак би се согласил со констатацијата дека нејзиното однесување е всушност условено од околината и начинот на кој нејзините родители реагирале.

Заборавете на беспомошноста и помогнете ѝ да верува во себе

Од вашиот опис на врската помеѓу Лила и нејзините родители, изгледа дека тие на некој начин ја сметаат за незрела. Претпоставувам дека тие веруваат дека таа многу бара, дека е беспомошна и е некој на кој секогаш му треба помош, а не силно дете кое расте и учи нови начини за да стане независно секој ден. Повторно, нашата перцепција е голем дел од целата приказна. Таа не само што го обликува нашиот одговор на однесувањето на детето, туку и станува она што детето го мисли за себе. Така, кога ќе видиме дека детето е разгалено, многу бара и е незрело, тогаш и детето почнува така да размислува за себе. Лила изгледа се прифатила себеси како таква.

Затоа, следниот пат обидете се да ја погледнете како зрело младо суштество и да кажете нешто како: „Гледам дека велиш „не“ затоа што не сакаш мама да си замине“. Вие едноставно не се согласувате со тоа. Сосема е неважно кога ќе се случи нештото што не ни се допаѓа, нели? Кажувате вакви работи за да ја поттикнете да ги изразува своите чувства без страв, наместо да биде тажна и беспомошна. Најдете ја силната девојка во неа. Тоа е во секое дете, само треба да се препознае.

Лила е во одлични раце и вие нема да ја изневерите. Јас сум убеден во тоа“.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top