Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе те научам да кажеш „благодарам“ и „извини“. Тие два збора ме спасиле многу пати.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе те научам да кажеш „љубов“. Да бидеш љубов и да сееш љубов. Бидејќи познато е дека она што го сееш, тоа и го жнееш.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе те водам во сите библиотеки и театри, својата слатка и убава глава да ја направиш сестрана и паметна.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе јадеме сладолед на пауза помеѓу два круга со ролерките на кејот покрај Дунав. Ќе ми кажеш дека во твојата група постои едно различно девојче со кое ти сакаш да редиш коцки и да играш со кукли. А јас ќе ти кажам дека е сосема во ред да се разликуваш и дека сите имаат еднакви права на живот. И дека идниот пат ќе ја земеме со нас на сладолед.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе плачам бидејќи од градинка ќе го донесеш својот осмомартовски цртеж на кој сум јас.

Кога еден ден ќе дојде за тоа ред, ќе одиме по Улицата на отворени срца и ќе носиме црвени носиња како знак за поддршка. Ќе ти пеам песни и ќе ти раскажувам приказни. Ќе те учам букви, бројки, форми и бои. Ќе те научам никогаш да не осудуваш, да бидеш своја, самоуверена и емпатична.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе му кажам на татко ти да те крене за да ја ставиш ѕвездата на врвот од елката. Да гледаш во ѕвездите и да ја пронајдеш својата. Да веруваш во магија и самата да ја создаваш.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред, ќе те бакнам и ќе тргнам со тебе држејќи те за рака на твојот прв училишен ден.

Кога еден ден за тоа ќе дојде ред.

А секој ден за нешто е создаден.

А сите мои денови се создадени за тебе. Со тебе да ги делам: заедно да се смееме, радуваме, прегрнуваме и сакаме.
Еден ден, знам сигурно.

Автор: Сања Митиќ, воспитувач, мајка, автор на блог

Извор



912

X