Игротека

Писмо од мајка до ќерка: „Додека ти ги бројат љубовниците, ти само број ја љубовта“

Својата нова книга хрватската писателка Мартина Млинаревиќ-Сопта ѝ ја посветила на својата ќерка, но и на сите други девојчиња од регионот, а пораката што ја напишала по тој повод одекна на социјалните мрежи.

Животот на познатата писателка и колумнистка ја натерал на создавање текст преполн со искреност. Жената која напишала неколку книги, која преживеала канцер и остро се бори за женскиот род, најновата книга „Вреваџика“ ѝ ја посветила на својата ќерка. Со длабоки и искрени зборови упатени првенствено на своето, а потоа и на сите други девојчиња од идните генерации, Мартина остава силна порака дека се важни, дека можат сè, дека се силни, за да бидат она што навистина се. Трогателен и длабоко искрен текст кој оваа мајка им го посветила на девојчињата е нејзино најново дело кое ви го пренесуваме во целост.

„Ти ја оставам оваа книга тебе и на сите девојчиња од овие ограничено свенати меридијани, што сами себе се нарекуваат најдомаќински на свет бидејќи никаде не се помрднале. Никаде нема такви души кои во крв се побиваат, со геноцид – и никаде такви драги луѓе што подолго живеат кога некому повеќе ќе му наштетат, каде што братот со брата си не разговара за Божиќ поради граници.

Каде што влошките во продавница се виткаат во хартија, не дај Боже да се видат, каде што се повикува полиција ако во соседството музиката е прегласна, а ако соседот  ја удира сопругата со шлаканици, се молчи, зашто тоа не е твоја работа. Ти ја оставам „Вреваџика“ бидејќи и тоа како е твоја работа. Сè што ти велат дека не би требало да се случи бидејќи си жена. Твое е да кимаш со главата и да молчиш, да изнародиш деца и да се изнаготвиш, да ја измиеш спермата од нозете и уште три машини за перење попатно.

Ништо не е твое и само твое е она што ти ќе одлучиш дека ќе биде.

Читај, образовај се и не запирај. Играј и учи јазици од далечните народи. Приближи го светот до својот двор, но и дворот никогаш нека не ти биде мерка. Шири ги крилјата и рацете, шири ги видиците и шири ги тангите како знаме на жицата пред соседите. Додека ти ги бројат љубовниците, ти број ја само љубовта.

Земјата во тебе нека го виори единственото знаме на слобода и нека ти биде дом она место каде што ќе го спуштиш куферот.

Гласот нека не ти служи само за пеење под туш и надвикување со пријателките на кафе каде што се озборуваат другите. Не озборувај за другите. Гласот твој нека одекнува над брдата, кој седум пати го повторува она што е важно, во крик, и седум е малку во слепиот мрак на глувонемите, малку за она за што се бориш. А бори се секогаш, со срцето на реверот и покрај сите неповолни околности. Затреси ја застојаноста, протечи со реките, бањај се во Требижат. Верувај во своите одлуки, не плаши се од своите соништа, надлетај ги фарисеите кои ќе навиваат да паднеш, секојпат кога ќе влезеш во непознат .

Стреми се кон облаците и не дозволувај човечката злоба во тебе да направи зло. Лошото не може со лошо да се исчисти. Слушај добра музика. Испрати му на тато разгледница. Измети пред својот праг. Прво пред својот праг. Со вистината.

Ти ја оставам оваа книга тебе и на утрешните девојчиња – верувај, не е доволно да ја наместиш поткошулата внатре за да се спаси светот. Напротив, искрвави и биди ранета, води битки, покажувај ги крадците и криминалците, освојувај врвови, седи на студен бетон и на работ на океанот.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top