Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека сето тоа што се очекува од нив е баш неопходно, па приоритетите си ги одредуваат сами

Отсекогаш им се воодушевував на вредните, посветени деца кои се одлични ученици, тренираат два спорта, свират на некој инструмент и еднакво се успешни во сè. Им завидував на родителите што имаат такви деца, особено ним, на вложениот труд и силата сето тоа да го организираат и остварат. Срцето ми се полни кога ќе видам слика на друштвените мрежи од деца што ги бакнуваат своите златни медали, а не знам ни кои се ни чии се. Во себе тивко велев – секоја чест – за секоја фотографија од свидетелство со сите петки, потајно горда на фактот дека такви деца постојат и растат тука, меѓу нас. Вредно, упорно туркаат низ животот и ги прават своите родители горди.

Моите деца не се одлични ученици. Немаат чувство дека сето тоа што се очекува од нив е баш неопходно, па приоритетите си ги одредуваат сами. Мачно ми е секое одење на отворен час за родители или кога ќе ми кажат да останам по родителската. „Притиснете ги малку“, вели наставничката. Ги притискам и премногу, но изгледа ни тоа не е доволно. Посилно да притискам, не можам. Што значи, воопшто, притиснете ги?

Се нервирав, ме болеше, зашто сакав да им покажам дека успехот е прекрасна работа и дека очекувам од нив успех во училиште. Но, тие не се јас. Јас не умеам да им создадам чувство дека треба да учат уште 4 часа откако ќе се вратат од училиште.
Сами се по цел ден, додека јас сум на работа. За тоа време многу малку учат. Ќе ја завршат домашната, а потоа прават сосема неверојатни работи. Тоа се оние работи поради кои се гордеам со нив. Тоа се нивните златни медали. Никогаш не се објавени на ниедна друштвена мрежа.

Моите мали девојчиња одлучиле да ми направат торта. Вистинска. Со шлаг одозгора. Нашле некој едноставен рецепт на интернет и ми ја направија за роденден. Ставиле и свеќички. Заштедиле од ужината. Тој ден не јаделе во училиште за да имам црвена бројка на тортата. Мојот син ги поправил фиоките што беа разлабавени.

Тогаш плачев, а и тие плачеа. Заедно ја изедовме тортата и го одведовме кучето на прошетка.

Добивав посадено цвеќе во лончиња, грашок со шеќер, домашен печен леб (се сеќавам дека беше како нешто дрвено), променети светилки, поправени кваки, среден балкон со отворено пиво кое ме чека на масичката. Ме пречекуваа омилените песни кога ќе влезев дома.

Ми пишуваа песни, ми цртаа ремек-дела на кои пишуваше дека тоа е баш за мене и дека сум најдобра на светот. Куп подароци направени од крпчиња, стапчиња од сладолед, лакови за нокти… Цртаа на мојата бела досадна памучна ноќница со фломастери, да биде шарена за спиење, за да сонувам во неа најубаво соништа. Ги исчистиле кадата и лавабото, ја испрале и ја спростриле облеката. Сами си ги менуваа постелнините, а и мојата. Ми правеа обетки од цреши кои сами ги набрале, ме тешеа кога ќе дојдеа претешки денови. „Не грижи се мамо, сè ќе биде во ред, еве, ја средивме куќата, знаеме дека тоа те радува. Бевме да пазариме, го искапивме кучето и го однесовме на ветеринар. Му помогнавме на другарче околу проектот за во училиште“.

Ми го масираа грбот еднаш кога се вкочанив и лежеа покрај мене навечер додека да заспијам. Ми правеа чаеви кога бев болна, и палачинки за побрзо да оздравам. Илјадници утрински кафиња ме пречекуваа на балконот. Ми носеа мачки, кучиња, ежови… за да ги спасиме заедно. Ми ги оставаа најсмешните пораки на фрижидерот, ја разбраа мојата одлука да не живееме со нивниот татко, ја разбраа мојата нова љубов, ги прифатија сите промени и се приспособија без приговор. Отсекогаш беа мојата сила и инспирација. Мојата екипа.

Нивните големи дела ги прават нив тројца најголемите личности во мојот живот. Од мене не зборува пристрасноста, туку гордоста за тоа што во мојот дом направив расадник на квалитетни луѓе кои ќе се снајдат во животот. Ни една петка по математика, физика, хемија… не може да го замени тоа.

Автор: Сандра Тодоровиќ за порталот Pozitivan stav



912

X