Задача на родителите е да се погрижат нивното дете да научи што е толеранција, да ги прифати различните од себе, да има разбирање, да сочувствува, еден ден да стане добра личност. Една мајка сакала да ги потсети на тоа.

Тања Томиќ-Домиќ преку социјалната мрежа „Фејсбук“ испратила порака до сите родители, споделувајќи го своето искуство како мајка на дете со посебни потреби.

„Драги пријатели (знајни и незнајни), повеќето од вас знаат дека сум мајка на две прекрасни деца. За жал, Мила е дете со тешкотии. Таа не го избрала тој пат. Ниту ние, како нејзино семејство. Како ни другите семејства на деца со тешкотии. Едноставно сме се нашле во таа приказна и се обидуваме најмногу што можеме. Дека е лесно, не е“, навела во своето „отворено писмо“. Во основа е една молба, а фактот дека оваа жена почувствувала потреба да ја упати е особено поразителен за современото општество.

„Ви се обраќам со молба да издвоите пет минути и да разговарате со своите деца дека не се сите родени под среќна ѕвезда за да бидат здрави. Научете ги дека не е убаво да се потсмеваат и да покажуваат со прст, дека не е убаво да се зборува за децата со тешкотии дека се чудовишта, дека не е убаво да прашуваат дали е таа попаметна од куче. Нашиот син многу пати бил предмет на исмејување поради неа, ни крив ни должен. Многу пати ни се собрало срцето и очите ни се насолзиле. Нам Мила ни е совршена таква каква што е. Ве молам, научете ги и дека различното за некого е совршено“, истакнала Тања Томиќ-Домиќ.

Нејзиниот статус бил споделен повеќе од 1.500 пати за само два дена, а  ѝ се јавуваат луѓе од целиот регион со своите искуства и пораки за поддршка, но и толкувања на суровото однесување на децата кон малата Мила.

„Не се виновни децата, родителите така ги насочуваат. Сметам дека е ненамерно и се надевам на тоа, но кај децата тоа остава трага и прашање: зошто морам да се држам подалеку од тоа дете?“

„Родителите се тие што прават разлика и им зборуваат на своите деца дека тие се болни и буквално зјапаат во детето и го гледаат како да виделе не знам ни јас што… Жално, но вистинито… Бидете храбри за своите деца, само така ќе можете да го поднесете тоа“.

„Апсолутно лоша порака… Мислите дека родителите треба да ги научат нешто своите непристојни и сурови деца? Не, не… Децата нема сами од себе да му речат на вашето дете дека е чудовиште и слично… Можеби невино ќе прашаат зошто е различно… Не се тие деца виновникот кој невините родители требало нешто да го подучат, што не го направиле претходно… Треба посебно да се потрудат во децата да всадат омраза кон друго дете, да ги научат на тие изрази, да ги научат да се потсмеваат и навредуваат. Да омаловажуваат. За тоа е потребен посебен „труд“ на родителите. Ние можеме да се обидеме да ги подучиме децата на тоа покрај родителите, во градинките и во училиштата“.

Мислењата се различни за тоа каде се „учи“, а каде се „лекува“ суровоста. Извесно е само дека општеството во кое такво нешто се случува се движи во опасно погрешен правец.



912

X