Низ долгогодишната индивидуална работа со родители како семеен тренер, Драгана Алексиќ укажува на обрасци што се повторуваат и непогрешливо укажуваат дека „проблемот“ што го имаат со децата всушност се крие во нив, а не во децата…
Овие пет ситуации во мојата практика се потврдиле како 100% точни и дека емотивните блокади директно влијаат дали детето ќе соработува со родителот или не, односно дали нивниот однос ќе оди лесно или ќе биде „повлечи-потегни“. Причина за ова е емотивната состојба на родителот која може да го смири или да го вознемири детето.
Ниту едно однесување на детето нема да го промениме ако промената не почне кај нас. Дури тогаш можеме да ги очекуваме посакуваните резултати.
1. Родителот секогаш реагира на истите работи и секогаш на ист начин
Оваа блокада најлесно се препознава бидејќи реакциите на родителот се пренагласени во однос на самата ситуација – хранење, послушност, средување на играчките, спиење…
Она што дополнително потврдува дека се работи за емотивна блокада кај родителот е што другиот родител или некој друг член на семејството нема проблеми во соработката со детето.
2. Детето му вели на родителот: „Бегај, не те сакам!“
Родителот лично ја доживува оваа изјава и таа длабоко го повредува. Меѓутоа, овде треба да се применат две многу важни техники – читање меѓу редови и префрлување на фокусот од тоа како се чувствува родителот на тоа што всушност зборува детето.
Кога детето на родителот ќе му каже „не те сакам“ – тоа на јазикот на возрасните всушност значи: „Не се чувствувам пријатно (сигурно, опуштено)… покрај тебе“. Значи, родителот е во некоја емотивна состојба која го вознемирува детето и тоа всушност на таа состојба ѝ вели „бегај, не те сакам“.
Ова зборува дека кај родителите постојат преголеми очекувања кои се пројавуваат низ напнатост и внатрешен грч, што кај детето создава притисок и отпор.
3. Родителот однапред се „подготвува“ дека ќе има некаков проблем
Врз основа на интензитетот на непријатноста што родителот ја имал во некоја ситуација со детето, тој од страв да не се повтори истата однапред се „подготвува“ за неуспех. Ова најлесно се препознава ако пред некоја активност со детето почнете да размислувате: „Што ако се повтори?“
Токму со ова прашање се потсетувате себеси на непријатноста и ја предизвикувате истата емотивна состојба што сте ја имале тогаш, а детето на таа состојба ќе реагира со отпор, како што е опишано во точка 2.
4. Родителот постојано оправдува некое свое или однесување на детето
Во овој случај најмногу се работи за тоа дека родителот нема доволно сигурност во своите родителски способности, што му предизвикува непријатност (дури и телесна), особено ако е изложен на погледи од други лица. Тие погледи тој ги доживува како очекување „да преземе нешто“, а не знае како да го направи тоа.
Дека се активирала оваа блокада, најлесно се препознава по речениците што најчесто започнуваат со: „Да, но… (сега е уморен, не спиел добро, не мислел така…). Всушност, на овој начин родителот го оправдува тоа што „не презел ништо“ и така си ја намалува тензијата поради притисокот што го чувствува.
Овие родители не се доследни, тешко воспоставуваат правила или граници со детето. Кога ќе се соочат со неприфатливо однесување на детето, првиот импулс им е да се оправдаат, поточно да се одбранат од притисокот на опкружувањето. Ова е научено однесување, најчесто од раното детство, што значи дека уште тогаш се развил механизам како да се „заштити“ од непријатности. Единствено што сега, како возрасно лице, треба да преземе одговорност, а не знае како.
5. Штом родителот одлучи да побара помош за решавање на некој проблем со детето, проблемот исчезнува!
Мене ми е особено интересна оваа ситуација – вистински феномен и дефинитивно доказ дека проблемот е последица од емотивната состојба на родителот, а не од детето.
Што всушност се случува во оваа ситуација?
Одлуката да побара помош е она последното што на родителот му дава надеж дека проблемот ќе се реши. Кога ќе закаже средба со стручно лице, тогаш исчезнува целата напнатост околу проблемот бидејќи тој набрзо ќе биде решен. Кога ќе попушти таа внатрешна напнатост, се менува говорот на телото, гласот, енергијата на родителот и детето позитивно реагира на таа промена, менувајќи го своето однесување.
Родителот ќе помисли дека проблемот се решил „сам од себе“ и го откажува разговорот. Но, за жал, по неколку дена сè се враќа по старо бидејќи родителот нема капацитет да ја одржи новонастанатата состојба без напнатост. А тоа предизвикува детето повторно да влезе во фаза на отпор, па се врти во нов маѓепсан круг.
И да резимирам. Кога родителот ќе се препознае во некоја од овие ситуации, следниот чекор што треба да го направи е да работи на себе, на својот личен развој и да ги промени своите емотивни состојби за конкретни ситуации кои се проблематични. За овој процес потребно е време, но секако, на подолги патеки дава резултати.
Автор: Драгана Алексиќ, семеен тренер