Многу родители не се решаваат лесно да направат нешто без своите деца. Ова го вклучува и годишниот одмор. За многумина тоа е последното нешто што би го направиле без да ги земат своите деца. И навистина, многумина советуваат дека годишниот одмор треба да се помине заедно со децата. Но, што ако можете да извлечете уште една недела од годината и да ја поминете само со партнерот?

Џенифер Ноулс раскажувала како таа и нејзиниот сопруг решиле да патуваат без децата, првпат по 12 години. „Пред да имаме деца, јас и мојот сопруг патувавме – и за работа и за забава. Нашите авантури вклучуваа јавање слонови во Тајланд, шопинг на локалните пазари во Хонгконг и уживање во свежи кроасани во Париз. Нашата врска се засноваше на авантура и забава додека го истражувавме светот. И потоа добивме деца. Речиси преку ноќ нашите претходни животи престанаа и влеговме во светот на грчеви, исцрпеност и пелени.

Три деца и 20 години брак подоцна, секојдневието беше решено. Поминаа безгрижните денови на авантура. Наместо тоа, деновите се состоеја од возење на децата наоколу, договарање термини за играње и бескрајни задолженија.“

Сакав да побегнам

– Сфатив дека викам непотребно, потајно сакајќи да избегам, фрустрирана од моите секојдневни околности. Животот стагнираше. Ги ставив туѓите потреби пред моите, а се запоставив себеси. Јас и мојот сопруг заборавивме како е да се биде „ние“. Решивме да одиме на вистински одмор – без деца. Тоа беше првпат по 12 години да направиме такво нешто. Кога ги резервирав билетите за Мексико, бев исполнета со загриженост, но сепак возбудена што ќе одам. Се чувствував виновна што патувам без децата, но знаев дека тоа му е потребно на нашиот брак. Тоа ми требаше и мене. Додека ги пакував куферите, почувствував мака и мајчинска вина. Иако моите љубезни родители прифатија да ги чуваат децата, јас се загрижив. Што ако се случи нешто? Дали навистина треба да заминеме? Можевме да ги земеме со нас – раскажува мајката.

Отидовме во хотел само за возрасни

„И покрај чувството на вина, отидовме. Кога пристигнавме во одморалиштето наменето само за возрасни, во Канкун, персоналот нѐ пречека со коктели и топли насмевки. Гостите изгледаа среќни, се смееја и се забавуваа, без деца на повидок. Следните денови ни започнуваа со услуга во соба и утринска јога, а потоа прошетка на плажа. Големата одлука беше што и каде да јадеме и дали ќе седиме покрај базенот или океанот. Уживавме заедно и исчезнаа сите нервози што ги имавме. Дали навистина беше можно да правиме што сакаме? Не моравме да ги храниме децата, да ги возиме, да се грижиме за времето поминато пред екраните, да организираме термини за играње – ништо од секојдневните родителски работи. Заборавив како е да се биде јас“.

Нашата врска беше посилна кога се вративме

-Кога се вративме дома, се чувствував како помудра и подобра верзија. Врската ни беше посилна и бевме посреќни. Децата веднаш го забележаа тоа.

„Мамо, изгледаш поубаво“, ми рече најстарата. Оттогаш помалку викам, подобро се грижам за себе и ѝ давам поголем приоритет на нашата врска. Сега, кога сум фрустрирана, земам длабок здив и го менувам начинот на размислување за да се сетам на чувството на топлото мексиканско сонце што сјае, додека моите прсти мрдаат во песокот. И без оглед на предизвикот со кој се соочувам, мислите ги исполнувам со благодарност. Како што велат стјуардесите, прво ставете ја сопствената маска за кислород пред да им помогнете на вашите деца. Нашето патување во Мексико ме потсети дека прво мора да се грижиме за себе, за да се грижиме за другите. И веќе го планирам нашето следно патување – заклучила мајката.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X