Децата не ги интересира нашето детство, во кое се војувало, во кое се бомбардирало или во кое се стоело во ред за литар масло за јадење. Ние не сме ништо подобри од нашите деца затоа што во тоа наше предобро детство за половина теми не се ни разговарало и повеќе се молчело.

Не забранувајте им ги екраните, игрите и другите слични уреди, па наместо да се жалите околу тоа, вклучете се во тие нивни активности. Тоа и не е толку страшно. Можеби и вие ќе научите нешто за светот кој за нив е нормален, а за вас чуден.

Оставете ги децата на мир, со нивните игри. И вие сте имале свои игри со кинески играчки, правење торти и измислување приказни за предмети со супермоќ. Ги критикувате за времето поминато пред екраните од електронските апарати, а вие самите со своето однесување им го давате тој пример.

Ги критикувате роденденските забави со торти со фондан во различни облици или ги броите балоните, заборавајќи дека всушност благодарение на интернетот во денешно време некои мајки, жени и домаќинки имаат работа, прават слатки и ги рекламираат виртуелно. Некои прават роденденски украси, некои, пак, создаваат цели измислени светови од стиропор.

Ги критикувате дека не поминуваат активно време надвор, а самите вие не сте ги научиле на такви активности.

Ги критикувате (па и јас) дека не ги практикуваат основните примери на домашно воспитување, како поздравувањата „добар ден“ или „благодарам“, но повторно заборавате дека домашното воспитување се учи дома.

Не ви се добри ниту училиштата ниту учителите, а истовремено собирате по стотици евра за подароци, на вибер-групите, за тие исти учители, а не им ја давате својата доверба.

Оставете ги децата на мир и вие бидете подобри луѓе, поради што и децата ќе бидат подобри луѓе.

И нас некој нè научил, па некој мора и нив да ги научи.

А интернет-критиките, вклучувајќи ја и мојата, никого на ништо нема да научат.

Автор: Бранкица Раковиќ

Извор



912

X