Игротека

Основците веќе користат „Чет-ГПТ“, а една наставничка преку креативен пристап ги поттикнува да размислуваат со своја глава

Учениците сè почесто користат „Чет-ГПТ“ уште од основно образование и тоа за пишување состави, лектири, есеи и истражувачки теми. Многу наставници забележуваат дека е сè потешко да ги мотивираат децата да читаат, а уште потешко да пишуваат. Но, наставничката по хрватски јазик Ивана Круљац од основното училиште „Биље“ му пристапила на овој проблем на креативен, духовит, па и провокативен начин.

Со помош на две ученички, таа создала мала уметничка галерија со пораки кои учениците често ги слушаат на час. Целта била тие да се препознаат во нив и да се охрабрат да ја променат навиката за користење на „Чет-ГПТ“ при извршување на училишните обврски.

На ѕидовите од училницата осамнале цитати како:

„Ако Драгутин Тадијановиќ можел да пишува стихови без интернет, можеш и ти состав без Чет-ГПТ“ или „Ако Марија Јуриќ Загорка се борела со перо, можеш и ти со мотивација за состав“.

– Сите изреки на плакатите се мои, реченици кои често ги изговарам на час или мисли кои ми се вртат низ глава кога ќе наидам на отпор кон читање, пишување или труд – вели наставничката. Таа објаснува дека учениците сè почесто се потпираат на готови решенија и дигитални алатки, особено на „Чет-ГПТ“, што ја поттикнало да најде начин како да им пренесе пораки на блискo, духовито и искрено ниво.

Уметност + литература = порака што се памети

Наставничката Ивана, покрај љубовта кон јазикот и книжевноста, има страст и за визуелна естетика. Сакала училницата да биде пријатен и инспиративен простор и за неа и за учениците. Затоа се обратила до две талентирани ученички, Арина Форјан и Јулија Шоли, кои со ентузијазам ја прифатиле соработката.

Наместо класични портрети на писатели, сакала да им даде модерен израз, па така Крлежа добил гума за џвакање в уста, а Ивана Брлич-Мажураниќ, очила за сонце. Проектот не бил наменет само за еден клас, туку пораките се упатени кон сите ученици од училиштето и произлегуваат од конкретни ситуации доживеани на час.

Чет-ГПТ не е непријател, туку алатка, ако се користи паметно

Наставничката посочува дека децата веќе од петто одделение почнуваат да го користат „Чет-ГПТ“. Иако редовно им ја потенцира важноста на личното изразување, често се случува учениците да „копираат и залепат“ текст кој ниту го прочитале ниту го разбрале.

– Не се борам против „Чет-ГПТ“ како таков. Секоја нова технологија носи и предизвици и можности. Прашањето е како ќе ја користиме. Ги учам дека е во ред да се користат алатки ако ги користиш како помош, а не како замена за сопственото мислење – објаснува таа.

Затоа задава задачи кои се лични и поврзани со искуства што „Чет-ГПТ“ не може да ги измисли. Исто така, портретите и пораките на ѕидовите зборуваат и за уште една важна тема, мотивацијата.

„Ако треба, ќе спојам лектирa со Тик-ток“

Круљац забележува дека кај учениците сè почесто недостига иницијатива и верба во себе. Многумина сметаат дека не се способни за нешто вредно, па не се ни обидуваат.

– Затоа ги охрабрувам, разговарам со нив и се трудам да им покажам дека трудот се исплати и тој ги обликува. Ваквите проекти им докажуваат дека знаат, можат и вредат. Секоја генерација има свои предизвици, а ние треба да се приспособуваме. Децата сè уште се љубопитни, духовити и жедни за внимание, само треба тоа да им се понуди на начин што им е близок. Ако тоа значи да го спојам Крлежа со гума за џвакање или лектирa со „Тик-ток“, тогаш подготвена сум – вели наставничката.

Најголема награда ѝ е кога ќе види дека некој ученик ќе застане пред портретите, ќе се насмее, ќе прокоментира и можеби, само можеби ќе посака да прочита нешто од она што му го пренесува.

-Ако барем малку сум ги натерала да размислат, направив повеќе од доволно – завршува Круљац.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top