Очекувањата што денес ги имаме од децата многу се разликуваат и зависат од родителите. Додека едни ни од тинејџерите не очекуваат да го наместат својот кревет, други од тригодишно дете очекуваат да нема испади на бес и секогаш да ги слуша.
Ниту едните ниту другите не прават добро за своите деца, но не затоа што не ги сакаат, туку затоа што малку знаат за развојот на децата. Првите, верувајќи дека детето ќе се изнаработи кога ќе порасне, мислат дека му помагаат со тоа што не му даваат обврски. Други, пак, веруваат дека децата немаат право на лутина и бес бидејќи тие сѐ им дале.
Проблемот е во тоа што не ги разбираме децата. Што не знаеме како функционира нивниот развој и што можеме од нив да очекуваме во одреден период. Затоа, еве неколку кратки насоки. Каде, всушност, греши општеството кога се работи за децата?
Општеството вели: Децата треба да бидат мирни кога ќе им се каже.
Невронауката вели: На децата им е неопходно да се движат.
Да, баш така неопходно. Иако ние веруваме дека тие уште како многу малечки мора да седат и по цел час ако тоа го бараме од нив, вистината е дека ние со тоа им го блокираме нормалниот развој. Вистината е дека не е необично што детето вреска во автоседиштето или се тркала кога е на гости. Тоа е дел од нормалниот развој – постојана потреба за движење. Прашањето е само дали ние го разбираме тоа и дали сме подготвени таа фаза на развојот да ја оставиме да тече така како што му е потребно на детето, или детето ќе го обликуваме како што нам ни одговара.
Општеството вели: Децата би требало да ги контролираат своите емоции и однесување
Невронауката вели: На децата им е потребна помош да ги контролираат емоциите.
Самоконтролата е нешто што им недостига и на многу возрасни луѓе, а ние од децата ја очекуваме во секој момент. Тие немаат право да бидат лути и да викнат. Немаат право да им биде важно која боја е шолјата од која пијат и дали за во парк ќе облечат дуксер или елек. Бидејќи тоа се неважни работи. Но, забораваме дека тоа се чувствата на децата и се исто толку толку важни колку и нашите и дека работите што нам ни изгледаат неважно, за нив можеби се многу големи. Тоа не значи дека секоја желба треба да им биде исполнета, но имаат право да бидат тажни, лути, да викнат. Ако ги оставите да чувствуваат, нема да станат безобразни и разгалени. Тие со тек на време ќе научат дека тоа не е начин на кој се доаѓа до целта, а со контрола на емоциите се добива многу повеќе. А ако вам ви е важно што ќе речат луѓето кои гледаат, тогаш тоа е сосема друг проблем.
Општеството вели: Децата смеат да гледаат, но не и да допираат предмети (во продавница, игралиште, парк).
Невронауката вели: Децата учат истражувајќи.
За децата, допирот е многу поважно сетило отколку за нас, возрасните. Ним им е претешко да не допрат нешто што им е интересно. И иако е разбирливо дека нема да им дозволите да допираат сѐ во продавницата, не е добро и да очекувате ништо да не допрат. Договорете се пред да влезете во продавница дека смеат, на пример, да допрат 3 предмети. А во паркот обидувајте се да не им забранувате да копаат по прашината, да собираат лисја и да прават салата од трева. Тие така учат.

Општеството вели: Децата треба да научат да делат уште како малечки.
Невронауката вели: Децата до одредена возраст не препознаваат ничии потреби освен своите.
И тоа не е така бидејќи се себични. Тоа е така бидејќи на тоа уште не се подготвени. Малечки се. Учат. Можеби еден ден ќе бидат многу чувствителни, емпатични и дарежливи. Но, не на 2 години бидејќи тоа е невозможно, освен ако не го прават тоа за да добијат пофалба од вас. А да, да се сетиме и на март 2020 година и на тоа како не бевме подготвени да ги делиме брашното и шеќерот со другите. А тоа го очекуваме од децата. Фронталниот кортекс, делот од мозокот задолжен за донесување одлуки, се развива сѐ до 25-тата година. Имајте го тоа на ум кога следниот пат од своето тригодишно дете ќе очекувате да не се однесува како дете.
И пред да кажете дека децата со генерации се воспитувани сосема спротивно од ова што го советува текстот, а тоа се возрасни кои се денес луѓе – осврнете се околу себе. Погледнете го светот околу себе. Дали е тоа идеално место кое сме го направиле така добро со старите методи за воспитување? Или, сепак, треба нешто да менуваме?