Прашај психолог смрт

Опседната е со смртта, се плаши дека некој од нас ќе умре, па не заспива сама и често се буди велејќи дека не може да дише… Што да правиме?

ПРАШАЊЕ: Имам ќерка од 9 години и во последниов период не сака сама да заспива, цело време треба некој да седи до неа додека да заспие. Се случува да се буди ноќе и вели дека се задушува, дека не може да дише. Друг проблем е што во последно време е опседната со смртта, често кажува дека се плаши некој од нас да не почине, ѝ страв дека таа ќе почине. Ја носевме на лекар и сѐ е во ред. Многу често зборувам со неа, кога зборуваме, ќе се смири, но по одреден период пак почнуваат некои стравови, а има и тикови. Дали е време да посетиме психијатар?

ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост. Состојбата низ која минува вашето дете е вознемирувачка за вас, родителите, но не е невообичаена за оваа возраст.

Околу деветтата година многу деца влегуваат во период на значајни емоционални и когнитивни промени. Детето почнува поинаку да го разбира светот. Станува посвесно за минливоста, за можноста да се случат непријатни работи, за болеста, разделувањето и смртта. Прашањата што претходно биле далечни и апстрактни сега добиваат лично значење.

Кај некои деца овие промени поминуваат речиси незабележливо, а кај други се појавуваат преку интензивни стравови, зголемена загриженост за сопственото здравје или за безбедноста на родителите, тешкотии со заспивањето, потреба од поголема близина со родителите, па дури и преку различни телесни симптоми.
Од она што го опишувате, изгледа вашата ќерка во моментов се обидува да се справи со чувства кои се поголеми од нејзиниот моментален капацитет да ги разбере и обработи. Кога детето не може целосно да го изрази својот страв со зборови, понекогаш телото станува местото преку кое тој страв се покажува.

Но, најважно е да знае дека не е сама во тоа што го чувствува. Не обидувајте се да ја убедувате дека нема од што да се плаши, туку покажете љубопитност кон нејзиното искуство. Прашајте ја што најмногу ја плаши, што замислува дека може да се случи и како се чувствува кога тие мисли ќе се појават. Кога ќе зборува за смртта или ќе поставува тешки прашања, одговарајте искрено, но во согласност со нејзината возраст. Не е потребно да имаме одговор на сѐ, понекогаш е доволно да кажеме: „Разбирам дека размислуваш за тоа. И јас понекогаш размислувам за такви работи.“

Ако бара некој да седи до неа додека заспива, можете постепено да го намалувате вашето присуство, но не целосно да ја избегнувате или целосно да ѝ попуштате.

Исто така, обидете се да одржите стабилна дневна рутина, повеќе време за игра, движење и активности кои ѝ даваат чувство на сигурност. Кога ќе се вознемири, поважно е да почувствува дека некој е со неа во стравот отколку некој да ја уверува дека стравот не постои.

Со оглед на тоа што стравовите траат подолго време, придружени се со ноќни будења, телесни симптоми и тикови, би ви препорачала да побарате поддршка од детски психолог или психотерапевт. На тој начин на детето му се помага полесно да ги разбере и регулира своите чувства.
Вашето дете поминува низ важен развоен период. Со соодветна поддршка, ова искуство може да стане дел од процесот во кој ќе развие поголема емоционална сигурност и доверба во себе.
Понекогаш она што на нам ни изгледа како претеран страв, за детето е прв обид да се соочи со големите животни прашања за кои сè уште нема доволно внатрешни одговори.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova

To top