Новиот пристап на учење што го наметна пандемијата, а кој салам го почувствувавме и овде во Македонија, отвори многу шпекулации, ставови, размислувања и претпоставки, горе-долу за тоа како ќе се одвива и како се одвива онлајн образовниот процес. Помалите ученици од прво до трето одделение следат настава со физичко присуство, поделени во групи, а исто така и во руралните средини, каде што бројот на ученици е многу мал, наставата се одвива со физичко присуство, односно во училишните клупи со запазување на сите заштитни, здравствени препораки и мерки. Сите останати, основци, средношколци, студенти, следат настава од дома, од пред компјутер, или од телефон, или пак од некој друг паметен уред. Исто е и со наставниот кадар, со единствена разлика што одделенските наставници од четврто и петто одделение, како и сите предметни наставници, одржуваме настава во училиште, од празна училница, пред компјутер, со запазување на сите заштитни мерки.

Се наметна прашањето: Како се одвива онлајн-наставата?

Ставовите околу ова прашање беа и сè уште се поделени со нагласување на: позитивните, а многу повеќе и на негативните страни од онлајн-наставата. Факт е кој не може да се занемари. И со сите сили, мораме да го надминуваме тоа, со цел да продолжи наставниот процес, да се одвива непречено. Што значи тоа? Тоа значи дека оние ученици што имаат навика да читаат, слушаат и да учат во училница, нормално дека го покажуваат истиот интерес и онлајн. Дури постигнуваат и резултати и успеси (онлајн-натпревари, конкурси, дебати…). И така се може, нормално, кога постои заемна волја и разбирање, на релација: наставник-ученик и обратно. Знаеме дека технолошкиот развој нуди безброј можности. Додека, пак, оние ученици што немаат волја и навика да читаат, слушаат и да учат во училница, нормално дека не ја покажуваат и онлајн. Наоѓаат триста рачки како тоа не функционира нивниот уред, или пак е до интернетот итн. И тоа веќе е познато како функционира. Нивната цел е само „колку да поминат“. Не велиме дека е совршено, такви интернет и слични испади може да се случат кај секој еден што работи електронски. Меѓутоа, и тоа има граница и праг на толеранција. Со добра подготовка бидува и успешна реализација и успешен надомест на пропуштеното. Тврдам дека со најмала волја и незаинтересираниот ученик може да постигне некаков резултат.

Многу е важна личната амбиција што ќе го натера ученикот да земе да работи, без разлика дали е онлајн. Колку ќе сработи и постигне – толку, барем да знае дека никогаш нема да го заборави тоа. Во тој случај и наставникот, без дилема, би помогнал да се надминат сите пропусти кај ученикот кој оправдано или неоправдано не следи онлајн-настава (има и такви случаи). Како што секој наставник се труди максимално да го пренесе знаењето на учениците, секако дека имаме и такви наставници кои безрезервно и беспоштедно работат и вложуваат во интеракцијата со учениците, па и со родителите, така и учениците треба да вложат труд и да ги извршуваат доследно и коректно сите обврски и активности што им ги задаваат наставниците. Целта е обострана, треба да завршиме една многу поинаква учебна година. А за така да биде, месециве пред нас треба да се даде максимумот кој преостанува. На тој начин е-папките на учениците и е-папките на наставниците да бидат за пример не само како се снајдовме, ами како ѝ го најдовме чарето на онлајн-виртуелноста. И дека навистина од формална настава сме успеале да продлабочиме и содржинска настава, иако тоа потешко оди при овој начин на учење. Како и да е, плански и програмски, секој од нас, се обиде и се обидува и по скратена наставна програма да го запази и оствари основното наставно начело, иако тука се вклопуваат и други наставни активности кои треба да се реализираат почнувајќи од: дополнителна, додатна настава, воннаставни активности, итн., рака на срце, тоа „Тимсот“ го овозможува непречено. Кога целосно ќе бидат подготвени и наставниците и учениците, па и поширокиот стручен кадар во училиштата и воспитно-образовните институции (а за тоа секако дека е потребно време), тогаш можеме да кажеме дека онлајн-процесот се одвива одлично – „лета“. И засега е добро, иако на почетокот изгледаше сложено. Но мора да признаеме дека сепак, еве по којзнае кој пат да повториме, училницата е незаменлива просторија, а училиштето е втор, незаменлив дом каде што вистински се учи и се гради една морална, одговорна и вредносна слика за учење, себеспознавање и секако најважно – социјализација и емпатија. Нека остане позитивна мисла дека и при ваков начин на учење ќе се реализира скратената учебна година. Толку мораме и можеме, а колку и како од септември, тоа е веќе друго прашање и согледување. За тоа, во некоја наредна пригода.
Не би сакал да должам околу новата настава со која сите се соочивме и знаеме како функционира, сите ние вклучени во воспитно-образовниот процес. Секогаш ќе има повеќе и повеќе, нешто да се каже, да се анализира, а можеби и да се донесат конечни заклучоци.

Здравјето е најважно на целиот свет. Токму затоа, клучни пораки од одвивањето на наставата на далечина нека бидат: почитување на самата наставна обврска со која наставниците и учениците се соочени, доследна и коректна комуникација како меѓу учениците така и меѓу наставниците и учениците, и најважно: ведрина и расположение кое е можно, апсолутно, на секој наставен час. Така, сите препреки и бариери може да се надминат, така ќе постигнеме некаков успех и резултат, така ќе ја заокружиме и оваа, не толку лесна, а посебна учебна година со многу, многу предизвици. Наставниците секогаш се за учениците и сакаат на најдобар можен начин да им помогнат, да мислат со свои глави, да поставуваат прашања и сами, макар критички, да даваат одговори. А за тоа, така солидно да биде (без оптоварување), учениците треба да им возвратат на своите наставници, со што еланот за работа ќе биде поголем и поголем. Како до јуни, така и од септември и секогаш.

Драги ученици, срдечен поздрав до сите вас, со желба да ги сакате и почитувате вашите наставници, кои верувајте, а знам дека знаете, несебично и од срце го вложуваат максималниот труд да ве учат и научат. Нормално дека недостигате во секоја училница, во секое училишно ќоше. Комуницирајте со наставниците.

Драги колешки и колеги, просветари: срдечен поздрав до сите вас, со желба за истрајно и успешно одвивање и завршување на оваа учебна година. Верувам дека тоа сите го можеме.


Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик



912

X