Тргнувањето во градинка и функционирање во време на корона е вистински предизвик, но освен подготовките на децата, што е првиот чекор, исто така е важна и подготвеноста на родителите и на воспитувачите во новонастанатата ситуација.

Многу важен фактор за благосостојбата на децата е соработката помеѓу родителите и воспитувачите. На неа секојдневно нè упатуваат децата. Кога се во градинка, многу често кажуваат: „Мама и тато ми рекоа дека морам/не морам…“ Кога се дома, многу често ги предупредуваат родителите: „Но, тетката во градинка рече дека тоа не се прави така и дека мора вака…“ Има многу такви примери. Ова е напишано така општо бидејќи секое дете помни одредени реченици или работи на воспитувачите и родителите, па ги пренесува понатаму.

Што е задача на родителите и воспитувачите? Да градиме однос на соработка за доброто на децата, да најдеме заеднички јазик, да ги усогласиме воспитните стилови и постапки, да поминуваме активности и игри за оптимален развој на детето.

Развојот на соработката не е лесен, ниту за родителите ниту за воспитувачите. Во новонастанатата ситуација со коронавирусот соработката ќе биде уште поголем предизвик. Влегувањата на родителите во градинките ќе бидат сведени на минимум или родителите воопшто нема да можат да влезат во градинката. Како во таква ситуација да се комуницира и да се пренесат информациите за детето кога воспитувачите и родителите нема да може да се видат? Како да се гради соработка кога условите се вака неповолни?

Одговори и готови решенија нема да добиете, но сакам да истакнам што е предуслов за квалитетна соработка.

Отпорност

„Во животот не се работи за тоа да добиете добри карти, туку добро да одиграте со лоши карти“ – Роберт Луис Стивенсон.

Бидете подготвени на секојдневни промени и неизвесност. Денешните времиња се такви што секој ден донесува нешто ново и непредвидливо. Во тие моменти треба да се биде позитивен. Психолошката или емоционалната отпорност е динамичен процес во кој личноста позитивно се приспособува, дури и кога доживеала различни неволји. Кога некој е психолошки отпорен, не значи дека нема проблеми и непријатни емоции, туку токму спротивно, патот кон психолошката отпорност често вклучува значајни емоционални тешкотии. Лицата со висок степен на психолошка отпорност научуваат нешто исправно и корисно за себе од негативните ситуации со кои се соочуваат. Излезете од својата комфор-зона, а тоа ќе ви помогне во остварувањето на целите и решавање на проблемите. Како сето тоа влијае врз децата? Децата се поотпорни од возрасните. Децата лесно се приспособуваат на промените, а возрасните потешко. Но, за да имаме психолошки отпорни деца, и возрасните што одгледуваат деца треба да имаат развиена психолошка отпорност.

Доверба

„Начинот на кој учиш дали некој е вреден за доверба е да му веруваш“ – Ернест Хемингвеј.

Имајте доверба едни во други. Тоа е многу тешко, но и важно. Како да му верувате на лице што не го познавате? Довербата е нешто што се стекнува и се гради со текот на времето. За тоа се потребни и страната на воспитувачот и на родителот. За развој на довербата важна е искрена, отворена и директна комуникација. Но, како да се комуницира кога родителите и воспитувачите нема да можат ни да се видат?

Двонасочна комуникација

„Комуникацијата е пресудна. Никогаш не може да ја има премногу“ – Џек Роуел

Како ќе комуницирате? Ниту на ова прашање не можам да дадам готово решение бидејќи секоја личност е индивидуа за себе и комуницира на различни начини. Квалитетната комуникација вклучува приспособување на соговорникот. Во однос кој се заснова на соработка многу е важна двонасочната комуникација, што значи дека двете страни ги предлагаат своите идеи со цел да ги подобрат односите за доброто на децата. Отворената комуникација им помага на родителите и на воспитувачите да имаат увид во установата или семејството, па со тоа го поттикнуваат детето за учење дома или во градинка. Начините на комуницирање се многубројни и разни: – е-пошта, апликации, забелешки, телефонски повици итн. Како ќе комуницирате, тоа е договор помеѓу вас и воспитувачите.

И за крај: Нема да биде лесно. Нема да биде едноставно. Но, имајте на ум зошто го правите ова. А тоа е најголемото богатство на светот – детето. И воспитувачите и родителите имаат ист интерес и цел – среќно, здраво и задоволно дете.

Автор: Лана Кихас, магистер по претшколско воспитание и образование

Извор



912

X