Здравје

Одлични родители, а подигнуваат анксиозни и депресивни деца

Сите пациенти на Лори зборувале за тоа колку ги обожавале своите родители. Многу ги нарекле и свои најдобри пријатели и се фалеле дека се секогаш тука за нив

Лори Готлиб е мајка и клинички психолог. Практиката ја навела да напише текст за нејзини пациенти во дваесеттите и триесеттите години кои пателе од депресија и анксиозност, имале тешкотии да се посветат на каква било цел или кариера, се мачеле во врските и пателе од чувството на празнина и недостиг на цел. Истовремено, нивните мајки и татковци биле одлични, фантастични. Како е тоа возможно?

Сите пациенти на Лори зборувале за тоа колку ги обожавале своите родители. Многу ги нарекле и свои најдобри пријатели и се фалеле дека се секогаш тука за нив. Некои родители дури и плаќале за психотерапијата.

Дали е возможно родителите да прават премногу?

На почетокот Лори се сомневала во нивните пофалби за родителите – сите знаат дека под површината нешто не е како што треба, па зошто да не е така и тука? Но, сѐ укажувало на тоа дека тие навистина имаат родители кои се полни со љубов, кои им дале слобода да се пронајдат себеси и ги охрабрувале. Родители кои секоја вечер им помагале со домашните задачи, трчале на училиште секојпат кога ќе се појавел некој силеџија, им плаќале приватни часови по математика, ги запишувале на каква било активност за која ќе покажеле интерес и ги оставале да се отпишат кога повеќе не им било интересно. Наместо да ги казнуваат, нивните родители ги оставале децата да се соочат со логичките последици на кршењето на правилата.
– Накратко, нивните родители биле целосно усогласени со своите деца и се погрижиле да ги поминат сите искушенија. Просто им завидував како успеваа да бидат толку фантастични – опишува таа.

Што ако се премногу усогласени?

А тогаш, еден ден ми текна: дали е можно нивните родители да прават премногу? Ги видов резултатите од тоа родителство кое јас и моите врсници се обидувавме да го примениме за нашите деца еден ден да не завршат на каучот на некој терапевт. Во текот на школувањето, фокусот секогаш беше на недостигот на разбирање од родителите. Никој не се запраша што ако родителите се премногу добро усогласени со своите деца? Дали грижата на родителите нивните деца никогаш да не бидат несреќни во текот на детството води кон тоа кога тие ќе пораснат, никогаш да не бидат среќни – вели таа.

Таа го цитира детскиот психолог Ден Киндлон, кој предупредува дека децата без болни искуства, како што се непријатноста, неуспехот и напорот, не можат да развијат „психолошки имунитет“, како и Венди Могел, клинички психолог и автор на книгата „Благослов на удреното колено“, која работи како советник во училиштата низ Америка. Можела да забележи дека последната година на колеџите се запишувале сѐ повеќе студенти кои жаргонски ги нарекувале „шолји за чај“ бидејќи биле толку кревки, што доживувале нервен слом ако не било нешто по нивно.

Лори разговарала и со Џин Твенџ, авторка на книгата „Епидемија на нарцизмот“.
– Она што започнува како здрава самодоверба многу брзо станува нереална слика за себе и нарцизам – објаснува Твеџ.
А со нарцисоидна самодоверба растат и депресијата и анксиозноста.

– Нарцисите се среќни кога се млади бидејќи чувствуваат дека се во центарот на универзумот. Родителите изигруваат нивни слуги – ги водат од активност на активност и им ја исполнуваат секоја желба. Постојано им зборуваат дека се посебни и талентирани додека тие не почнат да веруваат дека се подобри од сите други – објаснува таа.
Но, како што растат, тоа станува проблем. Не се во состојба да соработуваат со другите или да се соочат со ограничувања. На работа очекуваат цело време да им биде интересно бидејќи така се навикнати. Не им се допаѓа шефот да ги критикува, ниту да не добиваат комплименти.

Премногу избори

Бери Шварц, автор на книгата „Парадокс на изборот“, смета дека родителите секој ден им даваат преголем избор на децата.
Поентата е дека децата се чувствуваат посигурни кога имаат помал избор бидејќи тогаш полесно можат да се посветат на одредени работи и не мислат на другото, што е вештина што ќе им биде потребна во животот.
– Не велам дека децата не треба да пробаат разни работи, туку да им понудите разумен избор. Повеќето родители велат: „Можеш да се занимаваш со што сакаш, можеш да се откажеш кога сакаш, можеш да пробаш нешто друго ако не си задоволен од ова. Не е ни чудно што подоцна така ги живеат своите животи, постојано барајќи го совршенството, не сфаќајќи дека „доволно добро“ е најблиску до совршенството што може да се добие – вели Бери.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top