Беше зима, надвор сѐ беше смрзнато кога отидов во градинка да го земам мојот постар син Сем, кој тогаш имаше 5 години. Мојата пријателка Лора и јас се договоривме да ги однесеме децата на лизгање на мраз веднаш по градинка. Сè беше спакувано и планирано, а Сем дивееше низ училницата, не обрнувајќи внимание на моите постојани молби да се облече за да можеме да одиме. Го замолив еднаш, двапати, трипати, десетпати… и потоа:

„Сем, ако не ги облечеш чизмите и не ја облечеш јакната, нема да одиме на лизгање!“ Истрча покрај мене како ништо да не сум рекла, кикотејќи се без да даде знак дека има и најмала намера да ме слуша. Само што вдишав длабоко, се смирив и ја отворив устата за да го замолам повторно да ме слуша, кога зад мене го слушнав гласот на неговата учителка Карен.

„Јасно ви е дека сега не можете да го носите на лизгање?“

Го погледнав Сем, на кој последно нешто што му паѓаше на ум е да ме сослуша, потоа во Лора, која само ги крена рамената. Сем се смееше.

„Во право си“, реков. „Нема да одиме на лизгање на мраз“.

Немам поим дали Карен (која не е ни малку наметлива, напротив) сакаше да има таков ефект врз мене со нејзините зборови или беше сосема сериозна кога ги кажа. Но, она што го рече остави трајно влијание врз мојот начин на воспитување деца. Сфатив дека ако очекував тоа што го кажав да стигне до Сем, требаше да го кажам само она што го мислев и морав да се држам до тоа.

Сѐ додека не го паркирав автомобилот во гаражата, Сем не веруваше дека нема да одиме на лизгање на мраз. И кога сфати дека сум сериозна, плачеше цел час. Беше тешко попладне, но вредеше. Следниот пат кога го замолив Сем да ги облече чизмите, тој го направи тоа веднаш. И се чувствував поинаку – станав нов и поинаков родител. Тоа беше улога со која не се справив добро на почетокот. Се чувствував ограничена, понекогаш дури и претерано строга, но не се откажував.

Зборовите на Карен ме потсетија на нешто важно – додека се обидував да се пронајдам како родител, заборавив една важна работа. И додека трае тој процес, јас морам да ја играм улогата на родител. Времето минува, а јас, барајќи се себеси, правам грешки кои го дефинираат моето дете и неговиот карактер. Значи, ако сум ветила нешто, мора да го исполнам. Не само за моето дете да ги сфати сериозно моите зборови, туку и затоа што сакам да му дадам добар пример, да го научам дека даден збор мора да се чува.

Се разбира, веднаш му ја кажав оваа приказна на мојот сопруг. Се договоривме дека ова ќе биде нов почеток за нас двајцата – нема повеќе празни закани со празно оружје. Ако му кажеме на детето да се смири или ќе го напуштиме ресторанот, ќе го сториме тоа ако не послуша, без разлика колку е гладно и уморно. Ако кажеме дека нема да оди на роденден освен ако не ги земе играчките, нема да се повлечеме.

Се разбира, понекогаш моравме да ги голтнеме сопствените зборови. Во афект им велите дека нема да одат на море, а сигурно нема да се спакувате и да заминете без нив. Понекогаш се откажувате и им давате уште една шанса. Но, во повеќето случаи системот функционираше.

Развивме и систем за тивка комуникација со кој се консултираме пред да одлучиме дека е време да му се „заканиме“ на детето со казна за лошото однесување. Секогаш размислуваме пред да го кажеме она што не можеме да го вратиме.

Дали нешто ќе беше поинаку денес ако решев да го водам Сем на лизгање на мраз тој ден? Се разбира не. Всушност, гледајќи наназад, некако жалам за тој тажен поглед кога сфати дека сум сериозна. Не е важен тој момент, туку насоката во која сето тоа го насочуваше нашиот начин на воспитување на децата – дисциплината треба да се сфати сериозно, а празните закани можат само да направат да изгледате смешно во очите на детето. Празните закани се најсигурниот начин да се уништи авторитетот, а одржувањето на зборот е најдобриот начин да го натерате вашето дете да ве сфати сериозно. А тоа што ќе го изградите во детството, ќе ве следи и кога детето ќе порасне.

А кој е најдобриот совет за родителство што вие сте го добиле?

Извор



912

X