Нашиот „среќометар“, и во текот на потенцијално убав и весел ден, не забележува среќа поради нашите предвидувања, стравот и уморот.

„Да не даде Господ да ти се случи тоа што ти го мисли мајката“ – е шеговит заклучок на претходните генерации. Секоја нова генерација на родители го повторува истиот заклучок од моментот кога ќе го чуе: „Честитаме, станавте мајка/татко“, па до крајот на животот.
Општо е познато дека во секоја шега има барем половина вистина, а во оваа и многу повеќе.
Нам, родителите, би ни помогнала некоја сериозна статистика за процентот во кој нашите предвидувања, кои неподносливо потсетуваат на хорор-филмови, не се остваруваат. Значи, не се остваруваат! Велат дека тоа е над 85 отсто!
Денес, преку различни, а 24 часа достапни, медиуми премногу сме изложени на негативни и загрижувачки информации. И тоа е најголемата промена во споредба со децениите што се зад нас.
Знаеме што го мачи едно девојче во Кина и дека му се слошило на возачот на автобус во Грција. Сочувствуваме, секако, но не можеме да помогнеме. Информацијата и немоќта, во комбинација, незабележливо се претвораат во страв кој ни влегува в коски.
Од друга страна, информациите нè опоменуваат што сè може да се случи и нè држат на штрек.

И што да правиме со стравот што нè зароби?
Предлагам во главата да си направите програма која ги преуредува информациите на поинаков, реален начин.
Тогаш вестите, од кои денес не може да се побегне, ќе звучат вака:

„Денес милион деца во светот, на возраст од 8 до 18 години, безбедно се вратија од училиште во своите домови, без надзор од родителите, одејќи по осветлени улици и безбедно преминувајќи на пешачки премин. За жал, во мал град, на северот од Германија, едно, од повеќе милиони деца, доживеа сообраќајна несреќа…“
Или:
„Денес милион деца заминаа на екскурзија, возејќи се безбедно во 5 милиони автобуси и милион авиони во светот. Убаво си поминуваат со своите другарчиња и создаваат спомени за цел живот. Така беше и во сите денови во изминатите 6 месеци. Но, за жал, за тоа време, еден, од повеќе десетици милиони автобуси што ги превезуваат децата во последните 6 месеци, во Јапонија, излета од патот…“

Дали на тој начин се оградуваме од болката што ја доживеа семејството во Јапонија? Не, бидејќи не сме моќни да ја смениме информацијата што ни е сервирана, не сме моќни да помогнеме и на ниеден начин не можеме да влијаеме врз конкретната случка. Суштината на емоционалната безбедност, која во животот ни внесува повеќе безгрижност, е да научиме влијанијата на средината да ги делиме на оние што се надвор од нашата моќ од информациите што се во нашето поле на дејствување.

Да направиме конкретна разлика.

Несреќата во Јапонија – не е наше поле на дејствување. Но улицата во нашата населба, на која нема семафор, е. Организирајте ги соседите, испратете молба, повикајте ги медиумите… И направете го овој свет уште побезбеден.

Секое време носи промени и потреба да се приспособуваме. Нам ни донесе повеќе информации отколку што ни одговара. Како резултат на нашата неписменост, си дозволуваме, додека нашето дете безбедно се санка, да очекуваме залутан воз да наиде токму тука и токму сега. Од тој страв сме нервозни. Од нервозата сме уморни. Од уморот, им викаме на нашите деца. И потоа нè гризе совеста… И така натаму.

Нашиот „среќометар“, и во текот на потенцијално убав и весел ден, не забележува среќа поради нашите предвидувања, стравот и уморот.

Поинаку, пореално и посвесно режирајте ја својата фантазија.

Понекогаш не е сè до нашата глава, фантазија, предвидувања… Невеселата реалност ќе нè погледне право в очи и бара од нас, дрско, да најдеме сила за да ја „свариме“.

Сепак, тогаш сетете се, животот е долг и секоја емоција мора да нè дофати на тој пат.
Најголемиот дел од емоциите навистина произлегуваат од нашите претпоставки за тоа што ќе ни донесе утрото. Бидејќи надежта последна умира, да се надеваме на добро, а во меѓувреме да бидеме внимателни и одговорни.
Ценет психолог раскажал дека на смртна постела неговата мајка многу зажалила што целото време како мајка го проживеала во страв за здравјето и иднината на својот син и не уживала доволно, а нејзиниот син единец тогаш имал 50 години, бил здрав, образован и успешен.
Размислете за тоа.

Автор: Снежана Голиќ, педагог



912

X