Секое семејство има своја динамика и свои правила. Додека во еден дом ќе видите петгодишно дете како ја поставува масата за ручек и си прави сендвич, во друг мајка го прави тоа за тинејџер.

Добро познатата мантра „ќе се изнаработи кога ќе порасне, не мора додека јас можам“ сè уште има длабоки корени. А мајките, како мајки, прават најдобро што можат за своите деца, не знаејќи дека понекогаш воопшто не им помагаат. Напротив.

Она што е клучно во вклучувањето на децата во домашните работи е да не се гледаат како товар во домот. Ако детето нè слушне како се караме за тоа кој ги измил садовите минатата ноќ и кој го извадил ѓубрето, автоматски ќе поверува дека овие обврски се нешто што треба да се избегнува по секоја цена. И тоа ќе го прави. Меѓутоа, науката открила нешто сосема друго, а тоа е дека среќата на децата всушност, зависи и од тоа колку обврски имаат дома. А задачата на родителите е да најдат рамнотежа и оптимален број.

И колку и да се жалат децата кога ќе побарате од нив да направат нешто, домашната работа е всушност исклучително голема и важна работа за нив. Тоа е затоа што децата кои рано почнуваат да се занимаваат со домашна работа (според нивната возраст) прераснуваат во поздрави и посреќни возрасни луѓе во споредба со оние што немале никакви обврски во детството. Покрај тоа, тие стануваат поуспешни.

Како може среќата да зависи од домашните работи?

Треба да се најде рамнотежа

Тоа што децата кои имаат одреден број обврски дома се посреќни и поуспешни од нивните врсници што немаат не значи дека треба да го оптоваруваме детето со генералното чистење на станот секој викенд. Според една студија направена во 2013 година, децата што добиваат премногу работа дома се посклони кон депресија. Накратко, ако претерувате и очекувате премногу од вашите деца, тоа им создава стрес ако не можат да постигнат сѐ што сте замислиле дека треба да направат, а исто така да ја завршат и домашната задача, да одат на тренинг и да се дружат.

Затоа е важно да го следите вашето дете, но и да имате некои упатства за тоа кои домашни работи се соодветни на неговата возраст. Дајте им неколку и полека подигнувајте ја скалата. Децата, сфаќајќи колку е важен нивниот придонес во семејството, како и колку работи се способни да направат, ќе се чувствуваат добро во своја кожа, а нивната самодоверба ќе се зголеми. Покрај тоа, домашната работа е навика. Ако се знае дека вадењето на ѓубрето секое утро е должност на вашето деветгодишно дете, тоа ќе му стане рутина како миењето заби или местењето на креветот.

Кога да почнете?

Родителите често мислат дека нивните деца се премногу мали за да помогнат во нешто околу куќата. Но, тоа главно не е точно. Според едно 20-годишно истражување, кога децата почнуваат да вршат задолженија на возраст од три до четири години, тие се со поголема веројатност да ја задржат навиката во тинејџерските години. А децата кои навреме се вклучиле во домашните обврски, имале поголеми шанси да завршат факултет, имаат повисок коефициент на интелигенција, подобри односи во семејството и со пријателите.

Но, доколку родителите се „разбудат“ дури кога нивните деца ќе станат тинејџери, а потоа очекуваат да се вклучат, студијата не открила никакви позитивни ефекти врз подоцнежниот живот и успехот на тие деца.

Колку побрзо ги вклучите децата во домашните работи, толку подобро за нив. Освен тоа, нивните партнери утре ќе ви се заблагодарат за тоа.

Извор



912

X